Новогодишните пакетчиња од Бимилк израдуваа повеќе од 750 деца од социјално загрозени и ранливи категории
Традиционалната новогодишна донација на пакетчиња од Бимилк и оваа година ги израдува децата од социјално загрозените и ранливи категории низ цела Македонија и придонесе за поголема радост и повесели празници.
„Радоста и безгрижноста е тоа што е потребно за празниците во секој дом, а посебно за децата кои најмногу ја чувствуваат празничната атмосфера но и недостатокот. Живееме во време на економска нестабилност и грижата за децата од социјален ризик треба да нѝ биде приоритет, нашата општествена одговорност, како компании да ја насочиме кон нив во секој момент и со секој повод. Придонесувањето за секое дете да ги почувствува среќата и задоволството на празниците е нешто на што сме посветени како компанија затоа што Бимилк е тука за децата и секојдневно придонесува за нивното добро здравје и безгрижно детство. Искрено се надевам дека како што Бимилк сѐ повеќе ја зголемува својата ангажираност околу подобрување на животните услови на децата и го проширува опсегот на тоа делување, така ќе се рашири и овој бран на споделување и придонесување за празнична радост за децата од социјален ризик“, изјави Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг-менаџер во Бимилк.
Новогодишните пакетчиња направени од омилените производи на Бимилк, се поделени на повеќе од 750 деца згрижени во социјални и згрижувачки центри од целата држава. Во донацијата се вклучени Граѓанското здружение за унапредување на образованието кај Ромската популација „Ирхом Топаана“, Црвен крст Битола, Институт за Церебрална парализа – Битола, Здружението на граѓани Хоупгиверс, Ромското здружение Сумнал, Здружението за деца со посебни потреби Емануил плус, Дневен центар за лица со Даунов синдром „Доза среќа“, Трисомија 21-Скопје, Кохлеарно срце Велес, Дерја организација– Скопје, Аутизам ААМК и во СОС детско село.
Битолска млекара во својата општествено одговорна ангажираност континуирано спроведува донаторски активности преку кои помага за социјално ранливите категории и придонесува за воспоставување на социјален баланс. Со донациите се посебно опфатени децата од овие семејства за што компанијата соработува со повеќе невладини организации и здруженија и се обидува што поголем број деца да бидат дел од ваквите чекори.