Обучени 1000 наставници по математика во Штип!

Добивај вести на Viber

Вчера, 15.11.18, во НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип беа обучени 1000 наставници по математика од основните училишта на Источниот регион на Македонија. Обуката се организираше на тема: „Насоки за користење на збирките задачи по математика од прво до деветто одделение и вреднување на постигнувањата на учениците“.

Обуката беше организирана од издавачката куќа „Просветно дело“ во соработка со Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и во соработка со Природно-математичкиот факултет при УКИМ Скопје.

Наставниците добија можност да слушнат за новите методи и стратегии во наставата, да започнат со користење збирки задачи по математика со поинаков концепт, со содржини кои ги продлабочуваат знаењата на учениците, понудени од страна на издавачката куќа „Просветно дело“, како и да подискутираат за тековните проблеми и предизвици со кои се соочуваат и да добијат соодветни решенија од предавачите.

Обуката се изведуваше од врвни предавачи – професори од Природно-математичкиот факултет од Скопје, Машинскиот факултет од Скопје, Факултетот за образовни науки од Штип како и од двајца советници од Бирото за развој на образованието. Наставниците имаа можност да поразговараат за проблемите со кои се соочуваат секојдневно при реализацијата на наставната програма по математика од прво до деветто одделение, а донесениот заклучок беше дека збирките задачи по математика со новиот концепт , издадени од „Просветно дело“, претставуваат неопходна алатка и мотивација за успешна реализација на наставата со тоа што нудат неделни и тематски разработки, содржини кои ги продлабочуваат знаењата на учениците и претставуваат средство и за родителите да го контролираат знаењето на своите деца со понудените решенија на задачите.

Иницијативата за вакви обуки започна во Скопје каде што се одржаа 3 обуки, продолжи во Битола за Западниот регион каде што се одржаа 2 обуки, и шестата обука за Источниот регион заврши вчера во Штип. 

Во сите шест обуки учество зедоа околу 3000 наставници по математика од републикава.