Низ животот градиме секакви односи. Однос дете-родител, другарски, колегијални, партнерски (емотивни), па однос родител-дете (само што овојпат ние сме во улогата на родители). Секој однос е комплексен и комплициран. Впрочем, некогаш сами со себе не успеваме да излеземе на крај (барем јас така се чувствувам одвреме-навреме), а не па и со другите табиети, желби и очекувања. Е сега, веројатно искуството и багажот што го носиме зад себе не’ прави да сме избирливи со кого ќе јадеме и ќе седиме на маса, со кого ќе пиеме кафе и ќе муабетиме до бескрај, со кого ќе си молчиме и сепак ќе ни биде убаво, со кого ќе основаме семејство...или со кого ќе имаме некаква интимност. Како ми минуваат годините, станувам чувствителна и веројатно малку себична во однос на тоа со кои луѓе го делам своето време, а од друга страна, станувам свесна за честа која ми е укажана со тоа што некој ме уврстил во графата пријател или човек со кого сака да дели извесни сегменти од животот.
Во сите тие односи (во кои некои луѓе и не сме во можност да ги бираме, како што се тоа родителите, роднините и соработниците), учиме да сме компромисни, да си ги усогласиме табиетите, да најдеме заеднички јазик за оние работи за кои не се согласуваме и квалитетно да си го поминеме времето.
Еднаш, во една од колумниве напишав дека не сум од оние луѓе кои градат односи без очекувања. Немањето очекувања ми е присутно од почетокот, кога некого не познавам, па поучена од тоа дека не е злато се’ што свети, оставам на времето да покаже дали со некој човек ќе ми проработи “кликот” и дали ќе се најдеме на иста бранова должина. Секој пронајден човек во ова време кога сите се свртени кон себе и своите проблеми ми е бонус. Е, во тој момент, кога со некој ќе “кликне” (да се разбереме, зборувам општо за меѓучовечки односи, кои не мора да значи дека се исклучиво пријателски или исклучиво љубовни), ми се поставува прашањето околу очекувањата.
Дали очекувам? Да!
Дали сметам дека треба да се очекува од мене? Да!
Очекувањата се во смисол на почит. Почит кон моето и туѓото време, почит кон она што секој индивидуално го вложува во односот, почит кон емоцијата како пријател и/или партнер.
Не ги разбирам луѓето кои велат дека немаат очекувања, особено не од своите пријатели или партнери!
Или јас не сум на доволно високо ниво на развој за да го разберам тоа, или навистина има нешто чудно во таквиот став.
Отсекогаш сум била скептична во однос на луѓето кои велат дека немаат очекувања. Едноставно, не им верувам. За мене тоа значи дека тие не се доволно искрени во она што го даваат, па оградувањето од очекувања во превод значи “не дека јас не очекувам, туку ти кажувам дека ти не треба да очекуваш од мене”.
Како може да не ме чуди ако моите пријатели не очекуваат од мене да сум тука кога им е тешко и им требам?! Тоа значи дека или немаат доверба во мене и нашиот однос е површен, или дека со моето однесување нешто не е како што треба.
Како може да сум рамнодушна кон еден однос во кој наводно сме блиски, ама сето тоа важи до моментот кога било која страна ќе искаже некакво очекување или потреба/желба за нешто?
И како по некое непишано правило, оние кои не очекуваат, всушност ги имаат најголемите очекувања. Всушност, од вас се бара (читај, очекува) да го прифатите односот во кој никој не треба да има никаква одговорност кон истиот.
Познавав една двојка каде што таа (како и секоја жена) очекуваше внимание, посветено време, коректен однос и почит, а тој пак криејќи се зад великодушното “немам очекувања”, очекуваше од неа да прифати дека нивниот однос ќе е површен и ќе се одвива меѓу извршувањето на неговите обврски (ѓоа таа ги немаше). Претпоставувате како заврши, нели? После х години, нејзе и’ пукна филмот кога сфати дека стои на една точка од која не можеше да мрдне. Дали тој сфати? Не верувам, оти во еден муабет беше кажано дека односот бил прекинат заради нејзината неможност да ги разбере неговите обврски (кои патем речено, не беа ништо поголеми од нејзините).
Познавам низ животот многу пријателства кои напукнаа или згаснаа токму заради тоа што едната страна “немаше очекувања”. Сум била во некои и дел од тоа, ми се случило после извесно време да се свестам дека пријателството се одвива еднонасочно и дека само јас сум водела сметка за тој однос да расте и се развива (што е невозможно доколку е тоа обврска само на едната страна).
Имам очекувања! Секогаш ги имам...пред се’ од себе, а потоа и од другите. Да не мешаме давање љубов со очекувања. Давањето љубов кон луѓето е една работа, а очекувањето што другата страна прави околу тоа и како ја третира вашата љубов, е сосем друга работа. Очекувам почит кон она што го давам, особено ако некој има храброст да го земе. Очекувам да ми се врати со респект кон даденото. Сфаќам дека не сме сите исти и дека не ни е ист капацитетот за давање. Но, не сфаќам како некои луѓе кои си го знаат малиот капацитет на можноста за интеракција, без око да им трепне ќе си го земат она што им се дава, без да знаат воопшто да ја почитуваат вредноста на истото.
Тоа е исто како кога ќе подарите нешто на некоја драга личност. Па бирате, посветувате време и мисла дали е тоа вистинскиот подарок, па дали ќе му/и’ се бендиса, па се препотувате по сто пати и на крај гледате дека сиот ваш труд е залуден. Подарокот или завршува во нечии трети раце, или фаќа прашина во некој ќош.
За мене, луѓето без очекувања не се кадарни да дадат дел од себе. Не навлегувам дали е тоа себичност или толку знаат/можат. Кога гледам дека некој се труди во односот со мене, најмалку што можам е да бидам чесна кон себе и него/неа и да се преслушам дали сум доволно силна и моќна да го терам односот квалитетно.
Внимавајте што очекувате и од кого.
Внимавајте на знаците кои укажуваат на тоа дека туѓите очекувања се да ги немате вие, за да не задавате некому главоболка.
Внимавајте на себе...некогаш онака како што внимавате на другите, оти луѓето со нежни срца и без усул за давање повеќе пазат на туѓата среќа, отколку на својата.
Бирајте ги внимателно оние на кои ќе им се посветите.
Бидете достојни за туѓата посветеност...или ако знаете дека не можете да возвратите, бидете чесни.
И за крај...имате право да очекувате! Имате право да барате она што мислите дека ви следи. Не дозволувајте некој да ве убеди дека не заслужувате, дека барате премногу и дека напнувате (овој модерен израз ме вади од кожа, исто како и оној “лабаво” кој е замена за изразот “површно”).
Барајте, за да не се изгубите себе.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска