Очиња со искра надеж

Добивај вести на Viber

Дали го знаете тоа чувство кога не можете да најдете ниту еден единствен збор со кој ќе објасните што ви лежи на душата? Миговите кога имате бура од емоции, а сте неми? Можете ли само да замислите што чувствува едно дете кое одеднаш останало само?

Раде имаше само 8 години кога дојде во СОС Детско село. Останал сам. Судбината си поиграла со него. Немо гледаше и молчеше. Во тие сини очиња во исто време се препознаваа страв, тага, бес, лутина … но и надеж.Требаше да поминат 8 месеци Раде да го надмине чувството на тага и осаменост. Да ја препознае сигурноста и безусловната поддршка на СОС мама Љубица. Нејзиното трпение и љубов докажа дека сè е можно.

И така, едно предновогодишно утро, под накитената елка, мама Буба ја најде пораката на Раде за Дедо Мраз. Ѝ ги насолзи очите, а во исто време ѝ го стопли срцето.

Дедо Мраз, мама Буба е мојот најголем подарок, не сакам ништо друго за Нова Година!“

Не е лесно да бидеш храбар, особено не кога имаш 5, 8 или 10 години… Но, на секое дете му е многу полесно, кога има некој што ќе го разбере, сака и гушне. Некој кој трпеливо ќе чека, бидејќи ќе знае дека еден ден ќе дојде вистинско време кога сè што не е изговорено, ќе биде кажано.

ПОМОГНИ И ТИ и создади искра надеж во очињата на децата без родителска грижа. Бидејќи љубовта, семејството и сигурноста се најголемиот новогодишен подарок на сите деца.

Раде е само едно од многуте деца кои, за жал, не по своја вина останале сами во животот и своето детство го поминалe со поддршка на СОС Детско село.

СОС Детско село веќе 22 години работи и делува во нашата земја водејќи се по својата мисија -НИТУ ЕДНО ДЕТЕ НЕ ТРЕБА ДА РАСТЕ САМО!Создава семејства за децата на кои тоа им е потребно, учествува во градење на нивната иднина и се грижи за нивно осамостојување.

Денес Раде е млад самостоен човек кој цврсто чекори низ предизвиците кои ги носи животот. Ја имавме можноста искрено и емотивно да поразговараме со него.

Кога стана дел од СОС Детско село? Можеш ли да се сетиш како се чувствуваше тогаш?

Во СОС Детско село дојдов на 8 години и искрено не се сеќавам баш точно какви чувства сум имал. Знаете, како дете не сакате да размислувате многу за нешто што не ви било убаво, го потиснувате некаде длабоко во себе, и со текот на годините полека избледува. Можеби само знам дека бев збунет, многу збунет и лут. На осумгодишно дете ништо не му е јасно. Не знаете што точно ви се случува, зошто тоа ви се случува, имате многу прашања, страв, неизвесност...Светот ви изгледа неправеден, суров, немилосрден. Мислев дека јас сум виновен што ја загубив можноста да живеам со моите родители, во мојот роден град, без моето милениче, без другарите, а го загубив и училиштето... Со еден збор тешко е!

Кажи ни нешто повеќе за твојот живот во СОС Детско село, и за твојата згрижувачка или како што  ја нарекуваш твојата мама Буба“?

Едноставно кажано тоа беше мој „дом“. Знаете, кога брзаш кога ќе ти завршат часовите во училиште. Место каде што чувствуваш припадност и сигурност.Тоа е место каде пронајдов љубов, мир, топлина, сигурност и прифаќање, токму тогаш кога ми беа најмногу потребни...А,„мама“ Буба за мене е вистински херој, поважен и од сите мои детски херои...Ме научи дека не е важно што ни се случува во животот, туку како ние реагираме на тоа, што правиме после тоа. Ме промени на подобро и мислам дека ми го смени животното сценарио...Мама Буба не само тогаш и денес ми го разубавува секојдневието. Особено кога ќе нè викне сите деца на семеен ручек со нејзините познатите полнети пиперки.

Како изгледаше твоето секојдневие во СОС Детско село?

Моето секојдневие беше како и на сите други деца. Одев на училиште, тренирав активно карате и фудбал и си играв со другарчињата. Имав едноставно, но среќно детство. Тоа е нешто што најмногу му треба на секое дете. СОС Детско село беше местото каде што јас повторно бев „само дете“. Одговорно можам да кажам дека е место каде што јас ги поминав најубавите моменти од моето детство и се стекнав со знаења и вештини од многу области. Најмногу ми значеше што бев повторно исполнет со љубов, внимание и грижа. Но, исто така научив да бидам посветен, истраен и никогаш да не се откажувам. Тоа се и главните мои вредности со чија помош постигнав многу резултати и подоцна во мојот живот.

Каков човек е Раде денес? Во каков човек израсна?

Раде денес е среќен, исполнет и амбициозен млад човек. Се радувам на мали работи, зошто впрочем тоа го прави животот убав и знам дека секое лошо нè учи на нешто добро во животот. „Патувам“ низ животот без планови. Но, сонувам дека еден ден ќе имам мое семејство и ќе бидам најдобриот татко на моите деца.Можеби е малку нескромно, но јас сум навистина горд на себеси што пораснав во личност која е самостојна и успешна. Завршив факултет, вработен сум, знам да се грижам сам за себе, живеам самостојно, знам како да си готвам, сам да го одржувам домаќинството и сето тоа е благодарение на мојата „мама“ Буба и сите вработени во СОС Детско село.

Која е твојата порака до децата кои можеби сега се соочуваат со она што тебе ти се случило?

Јас извлеков многу поуки од животот, но би дал еден едноставен совет до сите оние кои се соочуваат со некаков предизвик во животот.Другари, нема откажување! Да останат силни, истрајни и да веруваат во себе, но и во другите луѓе. Да дозволат да им се помогне. Звучи чудно, но мене тоа ми беше проблем.Да не дозволат несреќите од минатото да ја определуваат нивната иднина. Да не ги сонуваат лошите соништа, туку да бараат и дозволат да добијат помош и поддршка.

ПР објава