Од кај нас ќе си купат куп пива и шетаат по паркови, групирање има и по бензински и пекарници - УГОСТИТЕЛИТЕ ЛУТИ НА ВЛАДАТА

Повторно нема правда за угостителите. Иако Комисијата за заразни болести препорача после 23 часот да не смеат да работат сите економски оператори, на крај Владата „пресече“ дека оваа рестрикција ќе важи само за локалите, кафе баровите и рестораните.

Ова значи дека ако угостителските објекти веќе од петокот минатата недела беа принудени да ги затворат своите врати за посетителите во 23 часот, тоа не важеше за редица други бизниси кои функционираат до доцна во ноќта. Бензински пумпи, маркети, сендвичарници, пекарници, обложувалници... Сите тие не смеат да нудат угостителски услуги, но продолжуваат да функционираат под едно или друго образложение. За угостителските објекти, пак, е стриктно одредено дека мора да стават клуч на врата на еден час пред полноќ.

Од Владата вчера излегоа со невешто оправдување. Велат дека таква препорака дала Комисијата за заразни болести, чии членови, пак, „не биле доволно економски стручни“ за да направат разлика што конкретно значи економски оператор. Од власта тврдат дека угостителите се помогнати со сите досегашни четири сета на економски мерки, а доколку има потреба, ќе бидат опфатени со нови мерки и во наредниот период.  

Од друга страна, пак, неофицијални извори од Комисијата за заразни болести за Фактор говорат дека се револтирани на владиниот Кризен штаб и на Владата воопшто, бидејќи нивната јасна препорака после 23 часот да не работи воопшто ниту еден економски оператор, на крај значајно се видоизменила и се претворила во тоа да се воведе забрана само за угостителските објекти.

Повеќе информации по оваа тема прочитајте на Фактор.мк