Од син ми Марко попрефинет слушател нема: Утринско кафе со Бранка Костиќ-Марковиќ

Денот, во работните денови, ми почнува многу рано околу 5:30. Првото и најчесто единствено кафе (исклучиво турско) ми го прави сопругот Младен, кога не е на пат. Го пијам веднаш по појадокот, додека ги листам вестите на Интернет. Потоа започнува мојата утринска „јога“, шминкањето, кое не ми е обврска туку задоволство, секојдневен ритуал и компензација на мојата втора животна желба после музиката, да бидам ликовен уметник. Овие утрински мигови се единствените во денот кога сум сама со сопствените мисли и планови. Потоа го будам Марко за на училиште и денот почнува да ме тркала.

Викендите се за излежување по дома, за гушкање, за семејни прошетки во парк и низ Турската чаршија, за гости кај моите родители и уживање во гурманските мајстории на мајка ми, но и за домаќински работи неопходни за подготвено стартување на новата работна недела. Од понеделник до петок, на сила е една безмилосна машина што се обидува да нѐ сомеле, но ние упорно не се даваме како семејство. А далеку сме од конвенционална заедница, зашто јас работам во Скопје, а мојот сопруг, кој е Белграѓанец, веќе 18 години живее и работи на релацијата Скопје - Белград. Можете да замислите каква е нашата динамика на фунционирање, но секогаш прв и во центарот на дневниот ред е нашиот Марко, кој е второодделенец. Го носиме на училиште, па јас одам на работа во „Танец“, па додека сум трепнала, денот летнал и ако е некој од оние кога е Младен на пат, јас повторно одам по синот и го носам дома или кај моите родители, во зависност од попладневните обврски. Мојот сопруг е професор на белградската Музичка академија, но како да е професор 24/7, па покрај предавањата таму, кога ќе си дојде дома прегледува семинарски, дипломски, магистерски и докторски трудови, пишува свои, компонира, продуцира, а за целото тоа време и се грижи за образованието на Марко, па речиси постојано решаваат задачи, пишуваат реченици, читаат и играат. Ако треба некогаш да предложам кандидат за Нобелова награда за животно дело, со сигурност би го предложила мојот сопруг. Јас без неговиот влог во нашето секојдневие, не ќе постигнував ниту половина од она што го постигнувам. А имам многу обврски. Така, на неколку колосеци, функционирам откако знам за себе. Просто таков ми е доменот на работа, па некогаш не можам ниту да разграничам дали сум на некој културен настан професионално или приватно. Толку многу работи сум правела во животот, а не сум си ги затворала вратите, што од секој период си влечам добри пријателства. 

Си излегувам со неколку друштва другарки, од хор, од работа, од основно, па ако не еднаш неделно, тогаш барем еднаш во две недели петоците се за нив. Тоа се најчесто кафулиња со добра музика, а некогаш и кафеани, кои редовно ги претвораме во катчиња за добра журка за пеење. Јас сум целосно социјално суштество кое не знае да функционира само, туку има насушна потреба да споделува и личната и туѓата среќа да ја претвора во колективна. Инаку, буквално сите работни денови ми се разликуваат заради разноликоста на агендата. Некогаш сум постојано во канцеларија, а некогаш на состаноци. Некои денови попладне одам на снимање или трчам на монтажа во Мунлајт продукција каде ја подготвувам емисијата „Астрорум“ на Литература.мк. Секој соговорник е со свој професионален габарит и своја уникатна приказна, што интервјуата ги прават сѐ само не рутинска работа. 

Така често не спијам и ноќе за да можам да одговорам на сите обврски. А низ сите нив се провлекува и Марко, па понекогаш и тој оди со мајка му до работа, до монтажа, до овде и таму. Да стане полнолетен (а тоа значи уште 10 години), па мама ќе си го носи и на свирки. Дотогаш ќе одиме заедно само на концерти и тоа таму каде што нема да се забележи неговото негодување доколку некој пее и свири фалш или нуди досадна програма, зашто од него попрефинет слушател нема. Тој поседува апсолутен слух и неверојатно дефинирана музикалност. Да резимирам, мене никогаш не ми е здодевно, зашто немам ниту минута да ѝ се препуштам на здодевноста.

Неодамна некој некаде, а не се сеќавам кој и каде, во некој неврзан муабет ја потврди мојата теза дека човек почнува да старее кога ќе почне да ја губи љубопитноста. И кога ќе почне да крева раце од решавање на проблемите и надминување на предизвиците. Јас сум сѐ уште отворена за нови сознанија и нови непланирани моменти, сѐ уште заглавувам долго чепкајќи по информациите, сѐ уште се заборавам во потрагата по нови нешта за темите кои што ме интересираат, сѐ уште не ме „мрзи“ да се дотерувам, сѐ уште ми значи како делувам на луѓето, сѐ уште сум проактивна, сѐ уште се тркам со самата себе за да бидам подобра од онаа претходната и сѐ уште се борам за правда, исправам „криви дрини“, помагам каде што можам, апелирам и алармирам секаде каде што гледам фајде, се борам за заедништво наспроти егоизам. Мислам дека тоа секојдневно ме мотивира да бидам подобра мајка, сопруга, пријател, другар, професионалец, жител на оваа планета.

Како и секој семеен човек, денот завршува во матицата, значи дома. Порано или подоцна, но дома со слушање на приказните што ги чита Марко и кои потоа ги прераскажуваме со затврени очи додека не фати сонот.

Сакам да читам книги и да погледам добар филм, но сѐ помалку можам. Заради немање доволно време и заради премор, па сите обиди завршуваат со порано од планираното. Затоа гледам снимки и тоа во делови и читам со паузи. Ово зборувам за белетристика, зашто за потребите на работата, читањето никогаш не престанало и се протега низ целиот ден, се повеќе дигитално, а сѐ помалку со класична книга в рака. И телевизорот полека но сигурно ја губи битката пред компјутерот. Тоа е тоа, 21 век и ние во тој круг на нови предизвици и задоволства. А некогаш знае мајка ми (поранешната учителка на многу генерации деца) да се пошегува и да каже во моја одбрана, дека се' уште имам читачки кредити од младоста, зашто во тој период сум се пречитала (се смее).

* Бранка Костиќ-Марковиќ, етномузиколог и музички публицист