Од зборови до дела

Добивај вести на Viber

Сите сме силни на зборови, без оглед за што се работи. Секој од нас теоретски е многу поткован и знае сé и сешто, ама кога ќе дојде време да се покажеме со конкретни дела, т’нка работа. Ова важи за секој сегмент од нашава живеачка. Кога бев многу помлада од сега, немаше нешто што не знаев (мижи Асан да ти баам). Знаев како треба да се живее, да се постапи во одредена ситуација, имав решение за секој проблем. Се разбира, решенијата за туѓите проблеми се најлесни, оти не нé засегаат лично. И не само тоа, туку секојпат кога имамеили нудимеодговор на проблемите на другите никогаш не успеваме докрај да влеземе во нивните чевли, па излегува дека само ломотиме непотребно. И така, како млада (и честопати зелена) мислев дека знам сé за сé. И тогаш почна реалниот живот кој не е “тато носи, мама меси” и сфатив дека не знам ама баш ништо. Сфатив дека сум тапа и дека стаклените нозе на кој го засновав моето “знаење” се скршија како да се суви прачки. Се фатив себеси како во различни периоди од животот брутално ми се кршеле илузиите околу мојата самодоверба дека имам одговор на сé, оти одговорите се делата а не зборувањето.

Моето младешко залетување дека сум многу паметна кога е во прашање да се даде солуција за нешто, ме чинело она што моиве пријатели од Охрид го викаат “сé шо су рекла, по врат су јала”. Кога ќе ми притекне како сум била борбена и полна себе кога некоја моја другарка ми кажувала за љубовни проблеми, а јас така ноншалантно сум велела “остави го, има други и подобри” или “не те заслужува”, а после сум трпела секакви го*мненици, ми иде сега да си врзам една, па после и уште една преку муцка. И додека устата ми работела мелејќи дека не се останува со некој кој те изневерува, не сум се покажала на дело кога сум сфатила дека сум била и јас изневерувана. Тогаш сум знаела да измислам и смислам илјадници оправдувања, па дури и да си припишам дека не сум арна со умот и дека ми се причинува оти нешто се случува. Стравот од самотија и напуштање ме чинеше не само отсуство на дела за да кренам глава и достоинствено да си заминам, туку и многу солзи, изгубено време и нерви. А знаете, времето и истенчените нерви не се враќаат назад.

Немојте да мислите дека и ден денес не ги правам истите грешки. Ги правам и тоа како! Единствената разлика од тогаш до сега е дека сега многу брзо се фаќам себеси како влегувам во истата стапица и навреме се сопирам. Боли, не дека сум имуна на болка или на пораз, ама од друга страна барем не се самозалажувам повеќе. Еве, последно нешто на што се сеќавам е кога сум коментирала со другарките за менопаузата, односно климактериумот. Мојата убеденост беше дека сé е во главата и дека ако се програмираш себеси да бидеш ок, навистина ќе си ОК. Тикви со расол бе! Кога ми дојде на глава климаксов, влегувајќи на голема врата со сиот свој раскош од разулавени хормони, отсуство на трпение за сметка на огромно присуство на промени на расположение, си реков “тоа што си дробеше Ано, сега ќе си сркаш”. И додека седам некаде и чувствувам како од нигде никаде и без никаква причина се препотувам и станувам жива вода, си помислувам “До главата било, а? Јадеше гурабии, а? Ако ти е, пукни”. И не, не можам да си ја наштелувам главава и да ги спроведам на дело зборовите дека “не мисли на тоа и ќе мине”, оти не е така.

Сакаме да зборуваме и сакаме да слушаме зборови од кои ќе се чувствуваме добро. Дури, некогаш и кога знаеме дека нема да бидат поткрепени со дела убаво ни е слушаме приказни од кои ни се смирува душата. Моите отсекогаш ми велеле дека луѓето не се вагаат по тоа што ќе кажат, туку што ќе сторат. Оти кажаното се заборава, минува, бледее, ама делата се вечни. Сум се наоѓала во ситуации кога иако не ми било покажувана љубов, самото тоа што ми било зборувано за неа ме правело спокојна. За среќа, тоа веќе не важи. Сега, кога сум постара (се надевам и за трошка помудра од порано) и кога сум сé повеќе табиетлија, зборовите ми требаат само за да ви кажам како се чувствувам и тоа преку колумниве и песните. Не ги расфрлам повеќе како порано, не ги китам непотрбно, не создавам култ кон нив. Тие ми се алатка со која вадам од себе сé што ме мачи, радува, растажува, боли или плаши.

Кога се работи за лични односи кои ги имам со луѓето, зборовите ми се сега многу поредуцирани. Можам да молчам со часови, можам да не се јавувам со недели или месеци и да не фаќам кусур кога нема да ми се јавуваат, ама во мигот кога треба да се покажат делата на мегдан....ех, сосем друг муабет. И почнав да ги почитувам луѓето со кои имам преќутен договор дека сме си тука кога треба да се сподели убост или (скраја да е) лоша вест. Многу повеќе научив да го почитувам искреното гушкање преку кое чиниш дека душата на тој наспроти тебе се залепила за твојата, отколку везењето говори и медени муабети без сјај во очите, без човечка љубов. Научив дека не ми треба армија познаници со кои ќе си делиме комплименти, туку доволни ми се оние кои кога ќе ме фатат за рака и ќе ми речат “Ана, добро си?”, во гласот ќе им сетам грижа, искрена и голема. Многу повеќе давам од себе кога ќе ве прегрнам на улица иако не се познаваме и кога после споделен проблем, ќе ве прашам после некое време дали сте во ред, за сметка на тоа да арчиме празни муабети.

Делата станаа потценети, онолку колку што зборовите станаа преценети. Зборуваме за љубов, а не сме способни да мрднеме подалеку од суетата која нé дрма кога мериме кој кому се јавил прв или кажал дека го сака, па ставаме на кантар “јас за него ова, а тој за мене она сторил или не сторил”. Зборуваме за грижа за природата, а уште фрламе ѓубре кај што ќе стасаме и пликаме по улици. Еве, пред некој ден од зградата кај моиве комшиите фрлале преку прозорец кутии од пица и празни лименки (дури погодиле и еден минувач). Зборуваме за тоа колку ни се важни децата, а сé помалку се бориме да им обезбедиме здрава и безбедна средина за живеење. Зборуваме за љубов кон Македонија и се чукаме во гради кој е поголем патриот, ама уште кубуриме со плаќање даноци или со чување на она без кое сме никој и ништо.

Сите, во одреден период од животот повлекуваме линија. На едната страна ги ставаме сите работи кои освен моментална сатисфакција или полнење на егото, не ни вршат работа а на другата страна (поблиску до нас) ги ставаме работите кои долгорочно ни носат мир и чувство на сигурност. Мерилото е многу едноставно, само видете низ различни ситуации кој бил тука со збор, а кој со дело. Доволно е само да се потсетите на сите денови во кои ви идело да излезете од кожа и да ги преброите оние кои не ви кажувале како да се справите со себе, туку биле тука за да ве сослушаат и да ви ја држат рака, силно и топло.

Сé друго освен делата, не се важи оти нема вредност. Тоа ви е како да треба да одберете дали ќе имате еден куп циркони на ѓерданот или само еден мал, ситен дијамант кој вреди колку сите циркони заедно. Некогаш е доволен само мал гест со кој ќе добиете сила за да го превртите светот наопаку, отколку да имате на тацна еден куп зборови кои ќе се изронат со првиот ветар.

Бидете живи и здрави, ви подарувам нова песна.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Не зборувај ми за љубов

Ниту да ми везеш букви

За убоста на светот и векот

Не пишувај ми фермани

Во кои ѕвезди ќе ми симнуваш

И не вели ми дека сум убава

Вадејќи светликави метафори

Како магионичар на сцена

Кој од ракавот извлекува зајак

Не зборувај ми за добрина

Не ми плети приказни

Во кои и самиот не веруваш

И не очекувај да нишкам со главата

Како дрвена марионета

Со кој некој озгора управува

Не отворај ја устата напразно

Со желба да се прелажеш

Или мене да ме излажеш

Не зборувај ми за чест и чесност

Ниту за достоинство не ме чепкај

Остави ги тие празни муабети

За некое друго време

И за некоја друга жена

Која ќе сака само да слуша

Она што гласот твој ќе и’ го каже

Без да те погледне во очи

Без да ти ѕирне во душата

Не си го арчи зборот

И не ми го арчи времето

Оти срцето не се полни со збор

Ами со дела полни љубов

Од кои и времето застанува

И денот поинаку засветува

Како да се поклонува пред оној

Кој наместо да говори, ќе стори

Без изговори и без да се жали

Не зборувај ми за било што

Оти некогаш молкот

Знае погласен да е од зборот

И шепотот знае да е помоќен

Од сите викотници и убедувања

Оти само еден кантар на светов има

Кој од една страна секогаш стои празен

Оти таму се сите фрлени во ветар зборови

Од кои никој аир не видел

Замолчи

Еднаш засекогаш замолчи

И конечно направи нешто

Од кое верба ќе имам

И надежта изгубена ќе ми се врати

Дека сепак и поинаку можеме

За да го изврвиме патот, нашиот пат

Кој како и да го завртиш секогаш води

Од сите зборови до дела стокмени