Одбивам да размислувам дека Балашевиќ умрел, тој може само да одмара: Бобан Милошески за пријателството со легендарниот кантавтор
Смртта на Панонскиот морнар, како што го нарекуваше целиот регион, Ѓорѓе Балашевиќ ги остави во шок и неверување сите негови блиски, пријатели и обожаватели.
Балашевиќ почина денеска во неговиот Нови Сад, по неколкудневно лекување на Инфективната клиника.
Еден од неговите долгогодишни пријатели од Македонија е Бобан Милошески, сопственикот на „Авалон продукција“.
„Авалон“ ги организираше сите концерти на Балашевиќ во Скопје долги години, а го организираа и неговиот најголем концерт на отворено, на Калемегдан во Белград во 2013 година.
На концертот во Скопје во 2015 година, Балашевиќ на сцената запали свеќа, како знак на почит кон Даниел Милошески, братот на Бобан кој почина во јули во 2014 година. „Порано, кога доаѓав во Скопје ме пречекуваа двајца пријатели, сега ме пречека еден пријател. Не одам на гробишта, не се палам на тие работи“, рече тогаш Балашевиќ и симболично ја испеа „Словенска“ како посвета за Даниел и поддршка за неговиот брат Бобан. За неговото пријателство со Балашевиќ, Милошески раскажа за Женски магазин.
-Балашевиќ е еден од ретките со кого имавме однос многу повеќе од службен. Судбината сакаше ние да бидеме гости на Ѓоле и на Оливера четири дена во Нови Сад, а утредента после тоа си замина Даниел.
Единствената личност на која се јавив пред да го исклучам телефонот со смс беше тој.
Мејлот што ми го напиша по повод Даниел ќе остане само мој и во моментов одбивам да размислувам на тоа дека Балашевиќ умрел.
Можеби ќе престанам и да размислувам дека првиот пост корона голем концерт во Скопје на „Авалон“ ќе биде Балашевиќ во „Борис Трајковски“ или дека наредното лето е крајно време да го направиме проектот со кој никогаш не дојде во Македонија, „Календар мог детињства“, во амфитеатрите во Охрид и Битола.
Ама дефинитивно одбивам да размислувам на тоа дека Балашевиќ не е веќе тука.
Како што кажав, тој не може да умре. Може само да одмара додека сите ние ги слушаме неговите песни кои живот значат“, ни изјави Бобан Милошески.
М.Џаровска