Одењето во природа ми ја бистри главата: Утринско кафе со Билјана Црвенковска

Првото кафе најчесто го пијам со мојот партнер Кире, а без исклучок со нашиот мачор Макс, кој сака да се гали додека пијам кафе. Обично денот ми почнува релаксирано, со убаво кафе, со читање на вести и пораки, понекогаш и книга, или пак белешки - подготовка за обврските во денот.

Моето занимање веќе подолго време е „професионален пишувач“, ако може така да се каже, ха, ха... Секој ден ми почнува со подготовка за пишување, обично имам список на работи кои треба да ги напишам и роковите кога треба да ги предадам. Тоа се најчесто сценарија (на пример, за епизодите за анимираните филмови од серијалот Светот на Биби, или доколку работам на некоја друга серија, како што е случајот со Пет плус фамилија или Зоки Поки), но и текстови за сликовници, едукативни книги и слично. Покрај тоа, имам обврски и со мојата мала независна издавачка куќа, Чудна шума, која досега има шест изданија, а работиме и на нови. И, секако, дел од денот останува за пишување и на авторските проекти, книгите што ги пишувам од душа...

Најмногу ме мотивира (инспирира и мотивира) одењето во природа, ми ја бистри главата и секогаш кога сум во планина, во шума, добивам нови идеи и ги решавам сите дилеми. Затоа одењето на Водно ми е неизоставно во текот на викендот, а понекогаш и во текот на неделата, пред да почнам со работа. Колку убави приказни излегле само од тоа Водно, а секако, и од други викенд-планинарења и прошетки. Нашите планини се непресушен извор на инспирација. Покрај тоа, ме инспирираат и мотивираат музиката, мачешките лудории и патувањата (се смее).

Вечерта минува слично како и утрото, под услов да останам дома, иако сè поретко наоѓам време да излезам. Обично е тоа излегување на некој настан: промоција, концерт, претстава... Најчесто сум навечер дома и гледам некоја серија, можеби филм... понекогаш пишувам и навечер, ако имам некаков рок кој морам да го стигнам. Често готвиме дома, партнерот и повеќе од мене, па вечерта е и време од денот кога сите ќе се собереме барем на кратко да поразговараме како поминал денот, како било на училиште или на факултет.

Книги читам обично преку ден, најчесто за викенд или рано наутро, а бидејќи потоа пишувам речиси постојано во текот на денот, вечерта е резервирана за серии и филмови. Книга си е книга и тоа е мојата најголема љубов, голем фан сум и на стрипови, но во последно време сериите ми се пасија. Се радувам како мало дете кога ќе откријам добра серија и се надевам дека нема да „ја расипат“ во некоја од следните сезони. Сериите, за среќа, ги прават сè подобри и подобри, за разлика од филмовите кои мораш многу внимателно да ги избираш пред да ги гледаш, за да не отидат попусто два или три часа.

* Билјана Црвенковска, писателка

Фото: Кире Галевски