Оливија Георгиевска: Со „Игра со придавки“ децата преку рима и весели илустрации ќе го запознаат македонскиот јазик

Добивај вести на Viber

Придавките се најдобри другарки на именките, затоа што ни помагаат да ги разликуваме една од друга. Авторката и едукатор Оливија Георгиевска, сакајќи да ја избегне сувопарната дефиниција дека придавките се зборови што ги означуваат особините на предметите и појавите и на разигран начин да им ја објасни на децата улогата на придавките, ја создала книгата „Игра со придавки“. Ова е трета сликовница од овој серијал, во рамките на едицијата „Сезнајковци“, по „Игра со именки“ и „Игра со глаголи“, сите во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
„Игра со придавки“, која е со илустрации од Јована Велинова-Трајанова, е шарена сликовница во рима со која ќе влезете во игривиот свет на придавките. Преку прекрасните слики и зборовите во боја, ќе научите како да ги препознаете и како да ги употребите.
Главната цел на ова издание е да ја поттикне желбата и љубовта кон македонскиот јазик и граматиката кај најмладите, па затоа, неслучајно, „Игра со придавки“ беше промовирана вчера, на Денот на македонскиот јазик (5 мај), во рамките на Саемот на книгата, што се одржува во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Неколку дена претходно, пак, сликовницата беше наградена со третото место во категоријата за најкреативно издание на годинашните признанија на МАИ, што се доделуваат за време на Саемот на книгата.

Промоторката на книгата, Александра Симова, истакна дека оваа книга ќе им помогне и на децата од новите генерации на суптилен, игрив начин, да се запознаат со македонскиот јазик и граматиката уште во раноучилишните денови.
– Со „Игра со придавки“, за среќа, децата денес добиваат и поинаков начин да ги научат овие нешта. Без придавките, јазикот и изразот би биле голи и безлични. Ништо не би имало боја, вредност, значење, душа. Придавката е она што му дава смисла на јазикот, она што го квалификува и го определува. И оттука, од големо значење е тие да им се објаснат и да им се доближат на идните генерации читатели и писатели на вистински начин. Георгиевска го прави тоа на необичен, игрив и впечатлив начин, во форма на детска песничка. Песничките, пак, меѓу себе се поврзани во една поширока рамка, една игрива, певлива приказна. Она што е посебно интересно во оваа книга е нејзиниот интерактивен карактер. Имено, на крајот од книгата Георгиевска има подготвено и квиз-прашалник, во кој полека и внимателно ги сосредоточува впечатоците од песничките во конкретно знаење и дискретно, незабележливо, ги води читателите кон „лекцијата“ – придавки – рече Симова.

Авторката Оливија Георгиевска изјави дека идејата за една ваква граматичка игра се родила додека работела со најмалите ученици, смислувајќи начини како да ги ангажира, како да научат најмногу, а да не им е тешко. Сфатила дека нема доволно интересна литература/книги, преку кои новите генерации ќе го запознаваат својот мајчин јазик.
– Во тоа време и моите две ќерки беа мали, им читав секоја вечер и така пораснаа со различни книгички и сликовници. Видов дека сликовниците можат да прераснат во одличен, современ начин на учење. Па, во недостаток на слични книги на македонски јазик, почнав да ги создавам овие дела. Овие сликовници се наменети за деца од раношколска возраст, доколку сами препознаваат букви и ги поврзуваат, па нагоре. Денес, децата се изложени на содржини што технички се од возрасен карактер – како технолошки алатки. Од друга страна, сепак се деца и сè помалку им се нуди литература што ќе ги порасне ментално. Зборувам за литературата сега и пред многу години, кога мојата генерација мораше да се приспособува на навидум тешки литературни дела, кои сега не се ни споменуваат... Голем предизвик беше да се најде начин да ја усогласам идејата и приказната со форма, која сепак децата најбргу ја учат. Постојано бев во потрага по соодветна рима. Таа е поврзување, мелодија, брзо помнење. Мисијата на оваа книга е да донесе радост на децата – преку слики, бои, зборови, рими, но и со поуки. Секако, болна стварност е сè поголемото кратење на употребата на нашиот јазик, на кирилицата, преплавеноста на туѓи зборови, нови кованици и тешки критики од типот дека имаме сиромашен јазик. Јас би рекла дека не е доволно користен. Не е најбогат, ниту, пак, може да се споредува со други јазици, но има во него доволно за да опстои и да се обнови – рече таа.

За крај откри дека периодов се подготвува нејзината нова книга – боенка за возрасни, која ќе биде во издание на „Арс Ламина“.
– Посебно се гордеам со ова издание, затоа што во него има и боење, но и читање мали приказни за 19 ботанички илустрирани цветови. Се надевам дека сега мајките (па, и татковците) ќе ја купуваат, ќе се релаксираат боејќи (додека спијат децата) и ќе прочитаат малку митски моменти и симболики за имињата на цвеќињата. Зад оваа боенка, сепак има уште една книга за деца... но, да почекаме. Црните мачки навистина носат среќа – рече таа.

Во центарот на приказната на „Игра со придавки“ е едно љубопитно девојче кое ужива во авантури, украсени со придавките. За визуелниот приказ на девојчето и нејзините патешествија се погрижи младата илустраторка Јована Велинова-Трајанова. Ова е прва објавена сликовница со нејзини илустрации. Таа изјави дека најголем предизвик при работата на оваа книга било да се најде баланс и кохезија помеѓу текстот на авторката и она што е прикажано во илустрациите.
– Оваа приказна е уникатна и со тоа бара посебен пристап. Нејзината цел, пред сè, е да едуцира и да објасни што се придавки и каде се користат. Предизвикот беше во тоа да се прикажат целосно и колку што може повеќе од придавките за приказната да биде полесно сфатлива за дечињата, а тоа значи многу шарени лончиња, лижалки, колачиња, цветови и така натаму... Кога го прочитав текстот на Оливија, заедно со нејзиното објаснување и видување околу визуелниот дел, тоа ми помогна веднаш во главата да ми излезат композиции и можен изглед на ликовите кои всушност се едни мали, слатки дечиња, дел од целосна приказна, што ги прави уште поголем предизвик за цртање, бидејќи со тоа добиваат повеќе карактер. Се потрудив ова да бидат прифатливи илустрации за најмалите, дечиња кои сè уште пловат во светот на фантазија и бараат врсници, некој како нив за да се идентификуваат. Па, така, на девојчето, кое е главен лик, му дадов големи румени обравчиња, големи очи што светкаат, нежна руса коса и целосно направив да изгледа шарено и среќно што го дефинира нејзиниот карактер што во суштината е многу авантуристички и храбар додека ни ја раскажува својата приказна. За остатокот од елементите користев многу бои, многу цветови, дрвја, деталчиња како важен дел од приказната и го покажуваат токму значењето на придавките – рече Велинова-Трајанова.

Во продолжение, во чест на Денот на македонската азбука и на македонскиот јазик (5 мај), издавачката куќа „Арс Ламина“ на главната саемска бина ја организираше трибината „Македонски книжевни класици – подарок за поколенијата“. На настанот во фокусот беше едицијата „Македонски книжевни класици“ во рамките на која „Арс Ламина“, под својот импринт „Арс Либрис“, реобјави дел од творештвото на книжевните великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ... На трибината зборуваа: Александар Прокопиев, Лидија Капушевска-Дракулевска, Елизабета Баковска и Ведран Диздаревиќ, а модераторки беа уредничките Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.
Денеска (6 мај), во 18 часот, ќе се одржи потпишување на сликовницата „Ши, ѕифри, копчи“ од авторот Владимир Лукаш и илустраторката Наталија Лукомска. На средбата со младите читатели тие преку цртежи ќе го претстават светот на главниот протагонист во стихозбирката – мечокот Гриз Ли. Во 19 часот е закажана промоцијата на новата сликовница „Рекичето што сакаше да порасне“ на познатиот македонски сликар, илустратор и автор на книги за деца Ване Костуранов, со текст на Ана Торма. Промоторка на книгата ќе биде уредничката Оливера Ќорвезироска.


„Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на годинашното 34. издание на Саемот на книгата се претставуваат под слоганот „По книгата денот се познава“.


ПР објава