Онлајн филмска програма во МСУ-СКОПЈЕ: „Што е филм? Попис 2.0“ за врските меѓу технолошкото, културното и политичкото
Музејот на современата уметност – Скопје од денеска, па се до 23 јули, започнува со онлајн филмска програма „Што е филм? Попис 2.0“, во чии рамки ќе се споделат линкови до веќе слободни филмови, два пати неделно и тоа секој четврток и понеделник. Изборот на филмови, музејот ќе ги поставува на своите профили на социјалните мрежи фејсбук, инстаграм и на својата веб страница.
„Што е филм? Попис 2.0“ е дел од програмата на филм и видео на МСУ-Скопје. Кураторка на програмата е Кумјана Новакова, а визуелниот идентитет и графички дизајн е на Илиана Петрушевска.
Идејата и мотивацијата за „Што е филм? Попис 2.0“ е знаењето, алатките и просторите, но и нематеријалната работа и работата во културата достапни на интернет 2.0 да се претворат во нови радикални, револуционерни, продуктивни простори и практики, над надуената идеја на „интернетот како простор на неограничена можност“.
Во таа насока кураторката Новакова вели:
„Дигиталните простори често некритички се претставуваат како простори на неограничени можности, нудејќи „know - how“ за сè и сешто - од медицински дијагнози и ботанички тајни, до новите теории за поврзаноста на 5Г, вакцинитe и корона вирусот. Тој виртуелен простор ветуваше постполитичка состојба: ослободен од агонија и борба; свет во кој владее економијата на изобилството наместо економијата на недостигот. Но, времето на физичката изолација не соочи со сите овие прашања и проблеми: што и како со неограничените можности за пристап до филмски и сродни уметнички содржини на интернет? Која е нашата улога, улогата на уметничките институции во таа „економија на изобилство“, која поставува и нови граници на исклучување и претставување за дигитално ограничените региони и луѓе? Со надеж дека ќе научиме повеќе околу можностите и ограничувањата на интернетот како простор на уметничкото, ја посветуваме нашата програмска серија Што е филм? за 2020 година на процесот на истражување на комплексниот однос на отворената и јавно достапна филмска уметност на мрежата со пошироките политички и социјални прашања. Ова воедно претставува и акт, гест, програма, но и предлог за естетско образование“.
Во практична смисла, двапати неделно ќе бидат емитувани филмови и сродни уметнички форми на различни теми, кои се отворени и достапни преку интернет ширум светот.
Денешна препорака на програмата е филмот „Јас не сум твојот Црнец“ на Раул Пек од 2016 година, филм номиниран за Оскар во категоријата на документарен филм во 2017 година, посветен на борбата на црнците, со фокус на романописецот, драматург и есеист Џејмс Болдвин.
„Признавајќи го недостигот на знаење за комплексностите на црните животи, би сакале да ја отфрлиме идејата за борбата како статистика и да придонесеме во големата политичка промена, која ги претвори метричките податоци во нешто похумано, поживописно, повеќе лично“, велат од музејот.
Затоа, музејот споделува информации за едно јавно достапно филмско уметничко дело.