Онлајн кредитите ја намалуваат потребата од нелегални заеми за итни финансиски потреби
Потребата за средства за задоволување на итните финансиски потреби, во услови на ограничувањата кои ги имаат банките за одобрување кредити, ги насочува граѓаните во потрага по други извори за обезбедување на потребните пари. Честопати сме сведоци на стории за луѓе кои се обидувале да добијат финансиски средства на нелегален начин, преку лихвари, кои понекогаш завршуваат и со катастрофални последици кои вклучуваат изнуди, физички напади, грабнувања, па дури и одземање животи. Со потребата на граѓаните за доаѓање до неопходните финансии, се зголеми и бројот на нелегални групи кои даваат пари на нерегулиран начин, па затоа сведоци сме и на големи полициски акции на сузбивање на криминални групи кои вршеле насилство, изнуди и лихварство низ Македонија.
Иако овој проблем сè уште не е искоренет во целост, со појавата на финансиски друштва, драстично се намали бројот на вакви случаи бидејќи наместо земање пари од непознати лица, често со криминално досие, со огромни дневни камати и со услови кои лихварот може преку ноќ да ги смени, граѓаните добија можност финансиските потреби за средства да ги задоволат во легална и законска постапка.
Со Законот за финансиски друштва, донесен во 2010 година, проблемот за добивање брзи и едноставни заеми доби друга димензија – законска дозвола, легалност и сигурност за граѓаните кои имаат итна потреба од пари, независно дали се работи за покривање трошоци за здравствена интервенција, школување на децата, плаќање комунални сметки, покривање минусни салда или за стекнување на било какво добро. Овој Закон практично придонесе за намалување на нелегалните заеми во државата и на бројот на лихвари кои на нелегален начин, понекогаш и со присила, ги „крадат“ граѓаните.
Дека населението има потреба од легален извор за обезбедување срества за неочекувани потреби, најдобар доказ е перманентниот пораст, од година во година, како на бројот на одобрени кредити од страна на финансиските друштва, така и на пласираните средства. Од Народна банка во нивниот извештај за финансиска стабилност за 2017 година имаат нотирано тројно зголемување на бројот на новосклучени договори во истата година, во однос на 2016 година. Па така, во 2017 година од страна на овие друштва биле пласирани средства во висина од 33,6 милиони евра, при што раст има и на бројот и на вредноста на активните договори и кај физичките и кај правните лица.
Освен фактот дека преку финансиски друштва може да се дојде до позајмици на помали износи, што е тешко изводливо кога се позајмуваат пари од банки, посебна предност на онлајн кредитите е едноставната и брза постапка на проверка и одобрување на средствата. Документацијата е минимална, исклучени се нотарските трошоци со што се избегнуваат дополнителните трошоци, и наместо формални документи, сите процеси на бодување и проверка на клиентот се автоматизирани. Проверките се вршат преку кредитниот регистар каде се проверува дисциплината на плаќање на барателот на средства, односно задоцнети и достасани обврски и се врши валидација на контакт информациите. Кај сите финансиски друштва процесот на аплицирање е бесплатен, а на барателот дури и му се дава можност да не го подигне кредитот иако истиот е одобрен.