Онлајн промоција на интерактивната книга „Мистериозниот град под калето“ на Александра Тодоровиќ

Добивај вести на Viber

Онлајн промоција на интерактивната книга за деца „Мистериозниот град под калето“ ќе се одржи на 12 ноември (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Литература.мк“. Станува збор за дело на писателката Александра Тодоровиќ, а илустрациите се на Марко Јанев, автор кој живее во Виетнам и има богато професионално портфолио. „Мистериозниот град под калето“ е во издание на „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“ и веќе може да се купи во сите книжарници „Литература.мк“ низ земјава, како и да се нарача онлајн на следниот линк.



 
Водителка на онлајн промоцијата ќе биде уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова. Авторката Тодоровиќ вели дека минала долго време во истражување на историското богатство на Скопје со цел соодветно да ја конципира книгата.
 
– „Скопје од А до Ш“ е наслов на серијалот книги за деца. Прва од серијалот е „Мистериозниот град под калето“ што го обработува османлискиот период на Скопје. Со овој период всушност ја почнувам авантурата за Скопје. За оној дел пред Османлиската Империја, за време на Византија има многу малку податоци и затоа се одлучив да почнам од периодот на Скопје под османлиска власт. Серијалот е замислен така што секоја книга ќе обработува различни историски периоди на градот. Понатаму дејството би продолжило во втората книга за Скопје во време на Кралството СХС, постземјотресно Скопје и приказната би се заокружила со модерно Скопје – вели авторката на делото Александра Тодоровиќ.
 
Ова е трета книга на писателката, а веќе се во подготовка и нови изданија.