Онлајн-промоција на „Прагматика: Јазик и комуникација“, прва книга во Македонија посветена на нова научна дисциплина

Добивај вести на Viber

 Книгата „Прагматика: Јазик и комуникација“ од авторките Марија Кусевска и Елени Бужаровска ќе биде промовирана онлајн на 10 декември (четврток) во 19 часот на фејсбук-страницата „Литература.мк“. Ова дело е насочено кон релативно нова научна дисциплина што го проучува јазикот од гледна точка на неговите корисници и го продлабочува разбирањето на природата на комуникацијата и ја подига свесноста за начините на користење на јазикот. „Прагматика: Јазик и комуникација“ е издадена од „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и да се нарача онлајн на www.literatura.mk.



 
Онлајн-промоцијата ќе ја води уредникот на делото, Ведран Диздаревиќ, а покрај авторките Кусевска и Бужаровска ќе говори и рецензентката Маја Бојаџиевска, редовен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошки факултет „Блаже Конески“. Марија Кусевска е доцент на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Додека, Елени Бужаровска е редовен професор на Филолошки факултет „Блаже Конески“ при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ова е нивно заедничко дело каде своите стручни познавања ги насочуваат кон прагматиката и пишуваат дело кое е прво од ваков вид во македонската наука и нуди можност да дознаеме повеќе за тоа како функционира јазикот од аспект на неговите корисници. Сите примери искористени во „Прагматика: Јазик и комуникација“ се јасно поставени и „извадени“ од автентични ситуации во македонската средина.
 
Книгата е наменета и за стручната и за пошироката јавност. Особено е корисна за студентите кои студираат јазици и други хуманистички дисциплини, но е соодветна за читање и за сите што се интересираат за јазикот и комуникацијата. Таа може да најде широка примена: на лингвистите ќе им помогне да ги определат рамките на нивните прагматички истражувања, а на обичните читатели ќе им појасни зошто некои работи ги кажуваме така како што ги кажуваме.

ПР објава