Онлајн промоција на романот за деца „Изброј ги ѕвездите“ за хероизмот на Данците во спасувањето на Евреите во Втората светска војна

Добивај вести на Viber

Романот за деца „Изброј ги ѕвездите“ од авторката Лоис Лаури во кој се зборува за спасувањето на Евреите од Данска, прикажан преку личната приказна на едно еврејско семејство, ќе биде промовиран онлајн во понеделник (13 јули) во 19 часот, а настанот ќе може да се проследи на „Фејсбук“ страницата „Литература.мк“. Книгата е објавена во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.
На онлајн промоцијата ќе се обратат: уредникот на изданието, Бисера Бендевска и Жаклина Мучева која е раководител на Секторот за истражување, документирање и архивирање во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Воедно, за да ја доближи содржината до читателите, младата Мартина Димовска ќе прочита неколку извадоци од романот, во кој дејството го води 10-годишната Анемари Јохансен која со своите родители и помалата сестра живее во Копенхаген во екот на Втората светска војна.
„Изброј ги ѕвездите“ е роман за хероизмот на една цела држава и нејзината нација која застанува во одбрана на своите сограѓани Евреи, ковајќи план да го прошверцува преку море до Шведска целото еврејско население од Данска (речиси седум илјади луѓе).
– Оваа емотивна и сериозна приказна раскажана од дете на само десет години е доказ за големината на детските воени сведоштва, за нивната храброст и сочувство. Во новелата „Изброј ги ѕвездите“ децата не се само воени жртви или сведоци, тие се доверливи, истрајни и одговорни учесници во дејствијата на возрасните. Преку нарацијата на Анемари Јохансен, читателот патува низ двојноста на случувањата во Копенхаген 1943: живот – смрт, војска – цивили, добрина – злосторство, другарство – непријателство, глад – ситост, војна – мир и конечно вистинска ли е приказната или измислица на авторот Лоис Лаури. Затоа можеби ќе се запрашате дали спасувањето на едно еврејско семејство значи спасување на сите Евреи во Данска? И токму тука ќе се пронижат историските вистини. Ќе се дознае големината на пријателството, граѓанската солидарност, пожртвуваноста и храброста на обичниот човек. Читателот ја завршува приказната со чувство на човекољубие. Ја осознава и големината на детското историско испишување на минатото – објаснува Мучева.
Лоис Лори е американска писателка од Хаваи и има објавено повеќе дела за деца и за тинејџери. Позната е по тоа што пишува за широки и комплексни теми, притоа насочувајќи ги кон помладата публика. Романот веќе може да се најде во сите книжарници „Литература.мк“ или да се купи онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.