Опасни (токсични) врски

Добивај вести на Viber

Токсичните односи од било кој вид се опасни по менталното здравје, а добро си знаете дека ако во умот не ви е арно, ќе ви боледува и телото. Сум ви кажувала дека многу пати ми се има случено уште на прво гледање со некого да почувствувам одбојност која е необјаснива, ама која се регистрира на некое повисоко ниво од она на кое сме свикнале (свесното). Ми се има случено после подолготрајно одбивање да се соочам со тоа дека сум во токсична врска, да почнам да развивам симптоми на различни болести. Прво, неможноста да плачам, потоа грутка во грлото и стегање во градите, да не зборувам за главоболката која беше многу зачестена и на крај, болки во стомакот. Телото одбива да биде соучесник на умот и кога ќе се побуни, а откако прво ќе ги елиминирате можностите за реални болести (а тврдам дека најголем број од болестите се појавуваат од што ни страда умот и мислите ни стануваат канцерогени) на ред доаѓа да нурнете во себе и да видите што е уствари проблемот.

Бев во токсични односи долго време. Не зборувам само за мојот емотивен живот, туку општо. Воспитана да премолчам, да подголтнам, да не замерувам, да простувам, се најдов во ситуација во која требаше да бирам. Или јас, или се’ што навистина не е важно во мојот живот, ама што ме труе систематски. Почнав да одбивам да сум жртва на воспитувањето кое не ми носеше ништо арно и да станувам џелат, сосекувајќи се’ она што ми правеше да се чувствувам поболено. Да не се лажеме, ниту е лесно, ниту е едноставно, ниту е убаво. Не засекувате само надвор од вас, туку мора и во себе. Прво, да видите зошто воопшто сте дозволиле да бидете вовлечени во такви односи. Дали она на што ве учеле дома било правилно или не, дали вие сте ја утнале некаде работата, дали не сте успеале да направите баланс меѓу туѓите желби и сопствените? Колку многу прашања и на ниту едно не можете да одговорите само со да или не. Башка, да се разбереме дека оние кои се токсични по вас и вашето психофизичко здравје се одлични манипулатори кои си ја знаат работата и сите техники на манипулација ги имаат доведено до совршенство.

Поривот за манипулација, а со самото тоа и создавање на однос кој е токсичен го имаме од мали. Знаете она кога децата велат дека ако не им купите нешто, тоа значи дека не ги сакате? Па така некако е и кога ќе пораснете. Интересно е што на децата знаеме да им објасниме и да ги одбиеме, оти сме свесни дека се обидуваат со несвесна манипулација да си го добијат она што го сакаат. Зошто побогу не сме толку паметни кога се возрасните во прашање и се вплеткуваме во некакви си односи кои на крај стануваат прашање на “или си одам или ќе се поболам”. Долго размислував зошто е ова вака....не е дека сме глупави, не е дека сме наивни. На крајот сфатив дека оние кои се навлекуваат на токсични луѓе и влегуваат во токсични односи, го прават од незнаење. Да, очекувано е дека децата ќе манипулираат за да си го истераат своето. Сум го минала тоа со Нина, почнувајќи од тривијални нешта па до Ајфон и зачудувачка е лепезата на аргументи и манипулативни моменти зошто е “ок” да се купуваат глупости кои реално не се во рангот на потреби на тинејџер. Но, никој од нас како возрасен не помислува на тоа дека кога почнува некаква релација со некого, тоа може да биде полно отрови. Поаѓаме од тоа дека сме големи, дека немаме време за играње болни игри, дека чесноста е најголемата придобивка, дека фер односот треба да е ставен на пиедестал. Дали е така? Не, апсолутно не е и за токсичните луѓе ова погоре што го наброив е само еден одличен виц на кој слатко ќе се изнасмеат.

Нема човек кој емотивно не заглавил со токсична особа. Дури и оние кои се токсични, налетале на некој потоксичен од себе и им се расплакало мамичето. Имате еден куп статии, колумни, видувања за тоа како да препознаете токсични луѓе. Јас, да ви кажам право и до ден денес не успевам да ги препознаам, оти склона сум да им барам (и наоѓам) оправдување на сите. Тоа ме прави идеална цел за да привлекувам такви, а секој од вас што е поемотивен си го има истиот проблем, оти една од особините на токсичните луѓе која е доведена до совршенство е да ги намирисаат емотивците и да им се залепат додека не ги исцицаат скроз.

Ова е веќе од старт 1:0 за нив, нели? И полека, немајќи претстава во што влегувате, веќе сте убаво зацапани во една релација во која со вас си играат ко мачка со глушец, а вие не сте ни свесни што ви се случува.

Е сега, научив како да одвојувам особини кои ќе ми светкаат црвено и кои ќе ми звонат во главата ко сирена....ама тоа откако ќе загазам убаво во токсичен однос, оти не ми иде умот. Но, она што е добро е дека почнав да дејствувам брзо откако ќе зазвони алармот и ќе трепне црвеното светло.

1.  Токсичните луѓе немаат емпатија. Тие не признаваат НЕ ако сте уморни, безволни, нерасположени или ако немате време. Тие по секоја цена ќе си го истераат своето, колку и да е тоа спротивно на вашите желби.

2.  Токсичните луѓе се до вас само тогаш кога вие им требате и никако обратно. Ако сте во некоја каша и ви треба помош, ќе се однесуваат како најголеми жртви за да се чувствувате дека им должите (сеедно е дали помошта е минимална).

3.  Токсичните луѓе секогаш прецизно знаат како да ја намалат вашата вредност и пред нив да се чувствувате дека не вредите доволно. Секој ваш успех ќе го сведат на среќа, фаќање врски, случајност. Никогаш нема да видите радост во нивните очи за нешто убаво што ви се случило. Во најдобар случај, ќе се обидат да ја сменат темата во некоја друга, се разбира со нив во главната улога.

4.  Токсичните луѓе даваат совети кои никогаш не ги применуваат кога се тие во прашање. Први ќе ви кажат да раскинете врска, да напуштите работно место без да водат сметка за тоа дека можеби треба да го преспиете конфликтот од било кој вид и потоа да донесете одлука.

5.  Токсичните луѓе (особено ако сте во љубовна врска со некој таков) секогаш ќе ве тераат да се сомневате во себе. Никогаш нема да се чувствувате доволно убави, паметни, привлечни. Секогаш ќе ве споредуваат со други жени/мажи или со својот однос ќе прават сами да си ја правите таа тортура.

Сум била во токсична љубовна врска која ме чинела тахикардии, главоболки, несоници, изгубени 10 килограми, паѓање на косата, константна болка во желудникот, страв кој е присутен без оглед што правам, хипохондрилак и сум била половина човек од она што сум била пред и потоа. Сум била во токсична врска од која сум среќна што излегов со здрав ум и измрцварено тело на кое му требаше време да закрепне. И од таа токсична врска сфатив дека таквите луѓе се толку многу несреќни и исфрустрирани (од само ним познати причини), што имаат потреба и желба да унесреќат други. Веројатно тоа ги оддалечува од сознанието дека водат празен живот, кој во сета празнотија од убост е полн со гнев и злоба.

Не дозволувајте никој да ве малтретира и да си го губите здравјето заради доброто воспитание. Викајте, пцујте, отерајте некого во мајчината, особено ако на било кој начин ви го загорчува животот без потреба. Слушајте си го телото и следете ги сигналите кои ви ги праќа. Сами на себе сме најголемите пријатели и непријатели и затоа сакајте се, оти вие сте единственото нешто што го имате. Чувајте си го и менталното и физичкото здравје, оти еден ни е животот. А и да имаме повеќе од еден живот, нели е поубаво во секој да имаме уште поголема среќа и спокој од она што сме го имале во претходниот?

Да сте ми живи и здрави...да не давате да бидете жртви на луѓе-отров и секогаш бидете некому чоек-лек.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Никому да не бидиш чоек-отров

Никого да не поболваш во душата и во умот

Оти на чоека душата ко ќе му оболи

Лек не се наоѓа ни под дрво ни под камен

Ќе му црнеј

Ќе му изгние

Ко јаболко забораено на астал

Така душата чоечка гние

Полека

Скоро и да не можиш да приметиш

Дур еден ден не се стопи ко свеќа

Та после ќе речат абе од срцето му било

Така си појде од овај свет

Ами да

Aма не од болест за која иљач има

Туку од болест која разјадува без да сетиш

Која денот ти го затемнува

А ноќта ја прај полна стравој

Која без сон те остава

И после пикај храна во себе ко улав

Ама ништо на снагата не ти се фаќа

И смеј се ко будала

Ама радост во срцето немаш

Никому

Ама никому да не бидиш чоек-отров

Ако не си за некого-пушти го

Не му го запирај саатот во градите

Не си играј со чоечка судбина

Оти поголем никој не е од животот

Освен смртта која доаѓа ко е пишана

Ниту да дајш пак некому моќ за отров да ти биди

Да ти го снеможи телото

Болести да те навјасаат

Умот од мисли да те боли

И да те притиска дишењето ко кузнај шо напор е

Да не даваш никому да те убива со лажна надеж и љубов

Со отровни зборој кои ќе ги затскрие со мирис на цимет и мед

Со празни реченици за голема љубов

Зад кои нема дела, ниту пак сила

Да ми си најдиш пиле чоек-лек

За со него да се смејш

Абе душата да ти игра од радост ко ќе го опулиш

И рацете сами накај него да ти итаат

Телото да ми ти го сака

А умот да ти вези убајни покрај него

Да ти се прелева љубовта од очите

Таков чоек да си и ти некому

И таков чоек дома да пуштиш

Кој ќе ти го светни домот

И во него спокој ќе ти дојси

Кој од едното, ќе знај две да стори

Од ништото-нешто

И во тишина ќе ти зборва

А ти ќе знајш да му ги чуеш зборојте

Чоек-лек

Таквиот да го најдиш

Тој пиле

Само тој ќе знај да те сака

Ама онака ко шо ти треба за да си среќна

И само на оној шо ти чоек-лек ќе му бидиш

Ќе можиш да го љубиш

Од лекот-лек да прајте

За да ви трае

За убо

За љубов

За среќа

За живот пиле...за живот