Остана доброто момче од југословенската музичка сцена: Бајага растура на концертот во Скопје
И помладата публика ги знае Бајага и „Инструктори“. Фанови од сите генерациидојдоа на славеничкиот концерт во Скопје, (35 години од успешната рокенрол приказна) на белградскиот рокер и неговиот бенд кој долги години е речиси непроменет.
Бајага со гитаристот Жика Миленковиќ како негова верна сенка, „Живот је некад жут некад сив“, „Са друге стране јастука“, безвременските балади „Зажмури“, Откад тебе волим“, тоа е таа слика што очигледно ѝ фалела на скопската публика. Проверено добра журка, што сите кои знаат барем една песна од Бајага сигурно би ја повториле.
„Ова е мојот најголем концерт откако започна кризата со коронавирусот“, рече тој видно среќен и расположен што свири во Скопје.
За овој концерт кој го организира „Авалон“ продукција , Бајага и неговиот тим преработија 22 песни во аранжмани за гудачи и за хор. Во Скопје, тој настапува со македонски музичари, а пејачката Наде Талевска е дел од придружните вокали. На својот Фејсбук профил, Наде објави дека ѝ е чест што ќе ја дели сцената со идолот од детството.
Во песната „Buđenje ranog proleća“, моќна изведба со Бајага, бендот и оркестарот имаше хорот Света Злата Мегленска, каде што Наде Талевска беше солист. Наде и Бајага заедно ја испејаа неговата прекрасна балада „Откад тебе волим“.
На дружбите со Бајага денес на Фејсбук се присети и познатиот струшки диџеј и менаџер Славе Келешовски.
„Мојот драг пријател Бајага од времето на македонската турнеја.Драг гостин во Струга.Некаде ‘95 година.Скромни цел оркестар. Спиење во приватен смештај кај братучед ми Љупчо, на бурек кај Мухе, дома кај мене на ручек. Такво беше времето воено“, напиша Келешовски под сликите.
Успехот на Бајага не се само хитовите и тоа што трае толку долго. Иако денес има 60 години, тој и понатаму го задржа имиџот на доброто момче од југословенската музичка сцена.
Журката на стаадионот на АРМ уште трае и е во пол ек. Онака како што заслужува некој како Бајага.
М. Џаровска
Фото: В.Тануровски