Отсега во Скопје Сити Мол можете да го полните својот електричен автомобил

Добивај вести на Viber

Скопје Сити Мол е првиот шопинг центар во Македонија каде што е поставена станица за полнење на електрични и приклучни хибридни возила..

Со поставување на полначот во Скопје Сити Мол, ЕВН продолжува со ширење на националната мрежа на јавно достапни полначи за електрични возила која во моментов брои повеќе од 40 полначи. Полначот во Скопје Сити Мол, што се наоѓа во жолтата зона на подземната гаража, на сопствениците на електрични возила им нуди можност за бесплатно полнење и паркирање за време на престојот во шопинг центарот.

"Скопје Сити Мол како најголем шопинг центар во Македонија и регионот, уште еднаш покажа дека е лидер во своето работење. Од денеска официјално сакаме да ја известиме јавноста дека секој кој поседува електричен автомобил може истото да го полни во Скопје Сити Мол, без надомест. Голема благодарност до ЕВН што ја препознаа потребата да се постави ваков полнач во Скопје Сити Мол со оглед на тоа што електромобилните возила се иднината на автомобилската индустрија знаејќи дека овој тренд полека но сигурно доаѓа кај нас и регионот." – изјави Валентина Николовска менаџер за комерцијализација на Скопје Сити Мол.


Со овозможување на бесплатно паркирање и полнење во иницијалиот период, Скопје Сити Мол и ЕВН заеднички прават мал, но значаен чекор кон понатамошна афирмација на електромобилноста во Македонија. Сите сопственици на електрични возила ќе може да ја користат станицата откако претходно  поднесат барање за електронска картичка за полнење и картичка за паркинг. Барањата за двете картички можат да се поднесат во Скопје Сити Мол на е-маил адресата parking@skopjecitymall.mk . За повеќе информации сите заинтересирани можат да се обратат во контакт центарот на Скопје Сити Мол, на телефон 072/256-913.

Бројот на електрични автомобили на европско ниво од година во година расте, а како земји во кои најмногу се продаваат се секако високоразвиените европски земји, односно Норвешка и Германија. Продажбата на ваков тип автомобили во Македонија е значително помала, но бележи пораст и наскоро според експертите се очекува во континуитет да се зголемува.