Отворање на изложбата „Тектонски пореметувања“ на македонскиот академски ликовен уметник Зоран Арсовски – Бабата
Изложбата „Тектонски пореметувања“ на македонскиот академски ликовен уметник Зоран Арсовски – Бабата ќе биде отворена во галеријата на Македонскиот Културно – информативен центар во Софија на 3 октомври (четврток) 2019 година, со почеток од 18:30 часот.
По успешното претставување на неговото најново творештво во три српски града и тоа во Белград во престижната "Галерија Белградска тврдина на Калемегдан", "Домот на културата" во Књажевац и "Галерија за современи уметности" во културниот град Кучево, овој пат за публиката во бугарската престолнина Софија ќе бидат претставени околу шеесетина дела од неговиот најнов ликовен опус. Посетителите ќе имаат можност да ја видат оваа изложба до 28 октомври.
Зоран Арсовски - Бабата е роден 1980 во Куманово. Дипломирал 2005 година и Магистрирал 2007 година на Националната ликовна акдемија во Софија, насока „Сликарство“ во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Работи во Национална установа центар за култура “Трајко Прокопиев” Куманово, како стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Има учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, симпозиуми во земјава и странство. Со оваа изложба Арсовски ќе ја заокружи 11-тата самостојна изложба и своето меѓународно претставување пред пошироката публика за оваа година.
Овој проект е дел од годишната програма за 2019 година на нашето Министерство за култура.