Отворен е шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман во 2024 година

Добивај вести на Viber

Шестиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја организира издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, е отворен и трае до 1 јули 2024 година. Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 2 септември 2024 година.

За наградата „Пегаз“ можат да конкурираат необјавени романи (ракописи), за возрасни или за деца, што ќе ги достават самите автори на електронската пошта pegaz@arslamina.com, како ворд или ПДФ-документ.

Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.

Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.

„Пегаз“ е производ на идејата за откривање на нови писателски гласови што ќе придонесат за унапредување на книжевниот вид роман во рамките на македонската книжевна продукција. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.

Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022) и „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023), што ќе биде објавен следниот месец.

Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата.


Пр објава