Ова нема да трае вечно, сè поблиску сме до надминување на корона кризата: Филипче се обрати до јавноста

Добивај вести на Viber

Знам дека животот со вирусот изморува и разбирам колку е тешко што можеби работите не се онакви какви што би сакале да бидат. Но, ова нема да трае вечно. Од ден во ден, сме се поблиску до надминување на кризата, потенцираше министерот Филипче и додаде дека треба да бидеме свесни дека ни претстои уште еден период во кој мора да се штитиме уште повеќе и уште подисциплинирано да ги почитуваме мерките.

Во видео обраќање, министерот за здравство истакна и дека светската здравствена криза предизвикана од Ковид-19 е најголемата во последните 100 години, која донесе тага за оние кои ги загубија своите блиски, економска неизвесност за сите и огромна промена во нашите животи.

Шест месеци откога се регистрира првиот случај во нашата земја, тој се заблагодари за силата и поддршката која граѓаните ја даваат во борбата со вирусот.

-Со почитување на мерките за заштита на сопственото здравје, освен што се штитите себеси и своите блиски, давате личен придонес во напорите на здравствените работници кои секојдневно се борат за секој еден човечки живот. 

Филипче изјави дека есента носи многу ризици, а вирусот докажа дека е исклучително непредвидлив. Затоа, тој упати апел сите да бидеме максимално претпазливи.

„Мерките за лична заштита се јасни и веќе многу добро познати. И не се тешки за почитување, во тоа сум сигурен. Потребно е само прифаќање на реалноста и верба дека, доколку доследно се придржуваме кон нив, ова ќе помине. Дека ќе успееме, а успехот ќе биде наш, заеднички. Сакам да ве уверам дека како министер правам се што е потребно да се подготвиме за есенскиот период. Ги зајакнуваме болничките капацитети и кадарот. Новата Влада максимално ќе ги насочи ресурсите кон здравството со цел поддршка на здравствените работници и обезбедување на добри здравствени услуги за сите граѓани. Сакам уште еднаш да им се заблагодарам на моите колеги - здравствените работници и сите кои неуморно работат во надминување на кризата. Вашиот труд и посветеност нема да бидат заборавени“, посочи Филипче.