,

ПАЦИЕНТОТ СО ВЕШТАЧКО СРЦЕ ГО ПРОСЛАВИ 46-ти РОДЕНДЕН

Добивај вести на Viber

Горан Спиров од Штип, пациентот на којшто пред две недели му беше вградено целосно вештачко срце, денеска во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ го прослави својот 46. роденден. Во кругот на најблиските роднини и пријатели, како и тимот на болницата што ја изведе операцијата, Горан на нозе ги прими роденденските честитки. Тој се чувствува добро и заздравува од интервенцијата, којашто е една од најтешките и најкомплицирани во кардиохирургијата. 

„Вие сте заслужни што денес го славам мојот роденден со нова сила и елан за живот“, со овие зборови Горан им се заблагодари на докторите и целиот тим на „Аџибадем Систина“.

Операцијата, којашто беше изведена ноќта помеѓу 11 и 12 јули и траеше повеќе од пет и пол часови, комплетно ја изведе тимот од „Аџибадем Систина“, предводен од шефот на Одделот за кардиохирургија, проф. д-р Александар Николиќ. 

Вградувањето на целосно вештачко срце, како комплексна кардиохируршка операција, ја вброи Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во самиот врв на светските здравствени установи кои вршат вакви зафати. Воедно, ова беше огромен чекор и за македонската кардохирургија, со што нашата држава се вброи во малкуте земји во светот каде што се извршени вакви операции. Имено, Македонија влезе на листата од 25 земји во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран кардиoхируршки зафат, покрај држави како што се САД, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија...