Однапред изгубена битка е да се трудите во животот да им бидете на сите по теркот. Никогаш нема да успеете да ги задоволите критериумите за совршена жена, оти секој си има одредена претстава за тоа какви треба да бидете без притоа да ве гледаат какви сте навистина. Најголемото ослободување е да почне да ве боли лев глужд за туѓата перцепција за вас и вашиот живот. Ако едни ве сакаат токму такви какви што сте, други секогаш ќе имаат замерка за нешто. Ова се однесува на сè, почнувајќи од физичкиот изглед, па завршувајќи со вашите постапки. Вашата упорност за едни ќе е доблест, а други ќе ја гледаат како своеглавост. Ако сте заоблени, за некој ќе сте секси жена, а други ќе ве етикетираат како “види ја, колку се здебелила”. Ако сте манекенски тип, мислењата ќе бидат поделени од “аууууууу, згодна” до “ццццц, анорексична”. Ако сте сами, едни ќе велат оти сте храбри и свои, други ќе ве сожалуваат. Одлуката да стапите во брак за едни е непотребно врзување, за други е почит кон семејните вредности. Да смените работа е храброст или лудост, зависи кого ќе прашате за мислење (што е луксуз да барате потврда за постапките). Муабетот ми е дека какви и да сте, што и да одлучите, секогаш ќе има некој што ќе мрчи и ќе има своја теорија за тоа што треба да правите или да не правите.
Зошто се потресуваме за тоа што другите мислат за нас?
Нели е најважно да сме задоволни и среќни со себе и да си го тераме она што го живееме, попатно коригирајќи одредени работи кои ќе се покажат како непрактични или непотребни? Зошто дозволуваме да нè реметат мислењата на луѓе кои ама баш ништо не ни значат во животот или се попатни станици?
Сите овие работи сега одново ги повторувам со ќерка ми која на свои 16 години е чувствителна за својот изглед и однесување. Како навиена мелам едно те исто: не, не е важно дали мене ми се допаѓа твојата комбинација за излегување, туку најважно е дали ти си ок со себе. Не, не е важно што мислам јас за тоа дека сакаш косата да ја потшишаш степенасто, оти најважно е ти да си се бендисаш во огледало. Не, ама ич не е важно дали некој ќе мисли дека си тврдоглава ако не сакаш да одиш некаде каде што одат сите, туку важно е да знаеш зошто не ти се оди некаде и зошто сакаш да си на друго место. Ги гледам децава како од тинејџерски години се под притисок на тоа да исполнуваат некои општо прифатени норми и стандарди на однесување, облекување, шминкање, притоа губејќи си ја автентичноста. Кога ќе ми каже ќере дека нешто не е модерно, ми иде да излезам од кожа. Ако мене ми се допаѓа и ако ми стои убаво, ама ич не му ја мислам дал е модерно или не. Е да, знам дека сум во право ама ова моево мислење е резултат на искуство и работа на себе, многу грешки кои ме чинеле неспани ноќи, а сега (пуста мајка) сака да одржи скратен курс за “глеј си раатот и не се потресувај за ништо”.
Мојата желба и потреба да ја ослободам Нина од тежината на туѓото мислење кое не вреди пет пари е и еден вид гнев кон нормите кои како окови ни седат на нозете цел живот. Наметнатите принципи кои се смислени за да нè вкалапат, ми создаваат невиден бес. Синдромот на стадо ми бил отсекогаш не само мачење, туку и најсигурен начин да ја убиете креативноста и самостојноста на децата. Само завртете се околу себе, имате еден куп возрасни кај кои се гледаат сите фрустрации само затоа што од дома им рекле “не треба така”. А зошто не треба така, никој не објаснил освен некое штуро промрморено “никој не прави вака”. Никогаш не сме добиле некое саглам и издржано објаснување зошто треба или не треба да постапиме како што е општо прифатено или неприфатено. Да не се разбереме погрешно, не мислам тука на оние норми кои опфаќаат воспитување на чесни деца, да не лажат, крадат, повредуваат итн. Мислам на тоа дека секое дете има одреден афинитет кон нешто. Едно време стана модерно сите да одат во музичко и да знаат да свират на некој инструмент. Преку децата вриштат нашите неостварени желби и фрустрации, сакале да го прифатиме или не. Не секое дете има талент за музика, ама можеби некои од нив цртаат одлично. Наместо да им го губите времето да одат на активности кои не ги сакаат и од кои само имаат тежина во душичките, запишете ги онаму каде што ќе одат со елан и радост. Некои деца не знаат една нота правилно да отпеат, ама морало во хор да одат. Така, кога мене ме пикнаа во хор, сè одеше како подмачкано оти се слушаше дека има еден фалшлив глас ама не се знаеше чив е. Е, кога нè наредија еден по еден да пееме, мене ми кажаа оти сум повеќе за во рецитаторска секција.
Ама не, во денешно време потребата за да се вкалапат децата оди дотаму што често слушам “абе додека плаќам, ќе оди кај што одат сите”. Затоа имаме приучени деца чиј потенцијал за нешто друго е угушен, оти она што сакале да го прават не го правеле сите.
Одраснуваме носејќи со себе елементи на нашето формирање од мали нозе. Колку што сме биле терани да се вклопиме, толку сме сега несреќни со себе. Затоа дел од нас како под казна одат на работа, друг дел седат во врски и бракови кои се нездрави, негуваме пријателства кои се токсични, режиме по дома оти нè учеле дека е непристојно да ставиме граници на непознати. Се облекуваме како што ни доликува, наместо како што се осеќаме убаво и удобно. Љубезни сме со нељубезни луѓе кои нашата пристојност ја сфаќаат како слабост и потчинетост. Со еден збор, забораваме како е да сме свои. Само затоа што сакаме да не штрчиме, а мене не ми е јасно чуму тој страв да се биде различен. И не е поентата во тоа дека треба да сме различни по секоја цена, туку дека треба да ни е убаво во кожичката во која сме, сеедно дали е тоа по терк или не. Поразително е дека наметнатите норми ни ги јадат годините и дека кога сме на крајот од патот сите помислуваат дека “ех, да можам да се вратам назад, многу работи ќе ги направам поинаку”.
Враќање назад нема, има само одење напред. Патот по кој чекориме или ќе е наш и автентичен или ќе е пат по кој како зомби ќе се тетеравиме без да знаеме што навистина сакаме.
Многу ја сакам слободата. Онаа која е пред се’ во секој од нас и која едвај чека да и’ дадеме шанса за да блесне. Затоа сакам луѓе кои на свои 50+ знаат да пресечат и да ги земат конците во свои раце, па ќе запишат курс по нешто што сакале отсекогаш да го прават, ќе почнат да отвораат свои страници за готвење, плетење, пишување, сликање, ма што и да е. Никогаш не е доцна да кажете збогум на сè што ви става рамки во животот и да почнете ново поглавје. Секогаш е вистинско време за промена и за ослободување кое ќе ви донесе нови можности и перспективи.
Убаво ви е каде што сте и задоволни сте со својот живот? Терајте така.
Не ви е убаво и не сте ок со тоа каде сте и со кои луѓе сте? Вртете нов лист и ич не берете гајле. Секако нема да ѝ чините на околината, ама нема ништо поубаво од тоа да си се сакате себе, сега и тука, токму такви какви што сте. Од каде знам? Знам само затоа што на моиве 50 си ветив дека ќе го зачувам она што со голема мака го учев сите години наназад...да се љубам себе.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да му се
насмееш на денот
Радувајќи му се ко дете на играчка
Да си го сакаш лицето наутро
Без шминка а со линии од перницата
Да си ги љубиш рацете
Гледајќи ги дур возиш низ метежот
И ич да не ти е гајле што веќе имаш старечки
пеги
А не ставаш лак за нокти, кои и онака ги немаш
Да пееш на сиот глас ко ќе ти ја погодат песната
на радио
И на оној до тебе ко ќе те погледне ко да не си
токму
Да му намигнеш и да попуштиш уште малку погласно
Да си го изгушкаш детето пред да излезе од
автомобилот
И да го посрамотиш отворајќи го џамот, викајќи
на сиот глас
“те сакам најмногу на светот, убав ден да
имааааааааааааааш”
Та до работа дур стасаш да не есапиш нервозни
луѓе
И за инает да им се смешкаш ко да ги познаваш
За да им стани незгодно што те гледаат
намќоресто
Да се радуваш на денот
Да му се насмееш на животот
Оти каков и да е, твој е
И во твоите раце е одлуката дали ќе си го
направиш поубав
Да љубиш и гушкаш
Да плачеш заедно со оние за кои душата те боли
Да врескаш заедно со нив
Како да можеш дел од нивниот бол да земеш
И низ вресок да го отераш во мајчината
Да се смееш
Да се кикотиш со главата крената кон небото
Небаре можеш облаците со смеа да ги растераш
Да погалиш
Да погалиш со сето срце и цела дланка
Не плашливо и скржаво ко да се наплаќа за нежност
Да погалиш и да не се тргаш кога туѓа дланка на
лице ќе сетиш
Радувај се драги мој
Научи да му се радуваш на животот
И дека секогаш има и подобро и полошо
Од она што токму ти го живееш
Но дека не е случајно зошто токму тебе тој живот
ти се паднал
Научи дека секоја секунда е претходник на она
што допрва ќе се случува
И дека со секој здив си поблиску до смртта
Научи да не фаќаш кусур кога се лоши со тебе
Кога ќе сетиш потсмев во нечии очи или зборови
Суетен не биди и не враќај
Оти на лошото не можеш да вратиш ако и сам лош
не станиш
Научи да се бориш за она што го сакаш
Дал човек бил или идеал, сеедно
И двете вредат за да не спиеш со ноќи
И да си силен и чесен дур дишеш на овој свет
Диши љубов
Дај љубов
Засади живот
Откорни коров
Стокми еден ручек за најблиските
Колку и да немаш поим од готвење
Фотографирај се со оние кои ги љубиш
За да ја ставиш сликата во рамка
И да ја наместиш така да можеш често да ја
гледаш
Радувај му се на животот
Радувај му се на секој миг
Радувај му се безобразно многу
Со сите сетила и на сите начини
Диши љубов
Дај љубов
Биди љубов
Биди Ти