„Павле и Кате се премногу возбудени, писмата за Дедо Мраз веќе им се подготвени“: Празнично во домот на Евгенија и Вело Марковски

Добивај вести на Viber

„Мислам дека нема дете кое не му се радува на доаѓањето на Нова година и Дедо Мраз. Павле и Кате се премногу возбудени, а посебно Павле и секој ден ги брои деновите до доаѓањето на Новата година. Елката и домот ги украсивме пред да дојде и декември затоа што не можеа да дочекаат, а писмата за Дедо мраз им се веќе подготвени. После доаѓањето на Дедо мраз со нетрпение чекаат да дојде Бадник и се со надеж дека токму кај нив ќе се погоди паричката“ - вели во специјалното новогодишно интервју Евгенија Марковска, поранешната мисица и сопруга на професорот Вело Марковски .

Празнично, Евгенија ги отвори вратите од нивниот дом, и ни раскажа како ќе ја дочекаат Новата година.


ЖМ: Евгенија, каква годината имате зад вас, по што ќе ја паметите 2024 година? 

-Не би можела да истакнам некој настан кој посебно ја обележа оваа година и веќе сум спремна да ја испратам и да ја дочекам новата 2025 со надеж дека токму во оваа година ќе ми се исполни сѐ тоа што го посакував во 2024, но не успеав да го постигнам.

ЖМ: Пред нас се најубавите празници. Што за вас претставуваат Нова година и Божиќ, како ќе ги поминете? 

- Нова година и Божиќ се дефинитивно едни од најубавите празници. Целата празнична еуфорија, украсите, новогодишните светилки, ме прават да се чувствувам како вечно дете. Овие празници ги поминуваме во домашна атмосфера со семејството, сакаме на децата да им направиме вистинска новогодишна магија, да спремиме празнична трпеза, музика, новогодишен филм, а следното утро заедно ги отвораме подароците под елката. Први јануари од секогаш го паметам како ден кој се поминува дома, се одмара, се гледаат новогодишни филмови, новогодишниот Виенски концерт кој редовно го гледаме секоја година и се испраќаат честитки, но тоа се промени од кога ни се роди ќерката, па последните три години ги поминуваме во подготовки и пречек на гости за најзиниот роденден.


ЖМ: Негувате ли новогодишен амбиент, колку се радувате на украсувањето по дома и китењето на Новогодишната елка? 

- Украсувањето по дома и китењето на Новогодишната елка според мене е најубавиот дел од традиција за дочек на новогодишните и божиќни празници давајќи му посебна топлина и удобност на домот. Премногу уживам во секој момент од украсувањето и во предпразничната атмосфера и секако сега имам и двајца мали помошници кои заедно со мене го украсуваат домот. Секој викенд во декември навечер додека светат новогодишните ламбички на елката, со пуканки и какао, фамилијарно гледаме новогодишни филмови, а Home alone, The Santa Claus и Frozen се задолжителни.

ЖМ: Колку пак вашите дечиња ги сакаат овие празници и на што најмногу се радуваат?

-Мислам дека нема дете кое не му се радува на доаѓањето на Нова година и Дедо Мраз. Павле и Кате се премногу возбудени, а посебно Павле и секој ден ги брои деновите до доаѓањето на Новата година. Елката и домот ги украсивме пред да дојде и декември затоа што не можеа да дочекаат, а писмата за Дедо мраз им се веќе подготвени. После доаѓањето на Дедо мраз со нетрпение чекаат да дојде Бадник и се со надеж дека токму кај нив ќе се погоди паричката.


ЖМ: Дали подароците се дел од вашата новогодишна традиција? 

Мене новогодишните празници ме асоцираат на дарување, покажување внимание и љубов. Да, подароците се дел од нашата новогодишна традиција, но најчесто се тоа мали подароци кои ги разменуваме ние возрасните и секако подароци под елката за децата.

ЖМ: По Новогодишната ноќ, секој од нас со огромна радост го чека доаѓањето на Божиќ, а постарите велат „кај и да си за Божиќ дома да си“. Имате ли некоја традиција која ја практикувате за Божиќ? Обичаи кои сте ги наследиле од вашата мајка, баба...? 

- Точно така, кај и да си за Божиќ дома да си и ние за Божиќ сме секогаш дома. Утрото на Бадник со децата ги пречекуваме коледарчињата кои некако во последниве години идат се поретко, а сметам дека е прекрасна традиција која дефинитивно треба да се одржи. Потоа одиме во црква по бадниково гранче. Вечерта се подготвува бадниковата трпеза и сите традиционални јадења како сарма, грав и секако најважното лепче со париче.


ЖМ: Кој е задолжен за вашата празнична трпеза за Божиќ, колку сопругот ви помага? 

-Сопругот го сака многу овој празник и со големо задоволство ми помага во подготовка на празничната трпеза, вусшност можам да кажам и дека поголемиот дел од храните ги подготвува тој, а јас сум повеќе задолжена за делот околу сервирање и раскревање после вечерата.


ЖМ: Дали верувате во Дедо мраз? 

- Кога бев малечка верував многу во Дедо мраз и со нетрпение чекав да дојде Нова година и следното утро да се разбудам и да видам каков подарок ми оставил под елката. Дедо мраз е симоблика за магијата на новогодишните празници, симбол за добрина и несебичност и би сакала секое дете да верува, но и да му се исполни сѐ што ќе побара од Дедо мраз за Нова година. И ден денес верувам во новогодишната магија, всушност и мене ми се исполни една од желбите токму на Нова година, кога ја добив ќеркичката Катерина. 


ЖМ: Ваша новогодишна желба?

- Како и сите најголема желба за следната година е да ја поминеме во здравје и среќа, многу насмевки и моменти за паметење. Верувам дека оваа година ќе биде поуспешна од предходната и се надевам на многу успех на личен и професионален план.



Ирена Ставрова