Перцепцијата како начин на живот

Добивај вести на Viber

Велат дека какви ти се мислите, таков ти е животот. Се сложувам, со тоа што би додала дека сите ние ги доживуваме и гледаме работите онака како што сакаме, согласно нашето воспитување (првично), а потоа и согласно што избираме да бидеме. Затоа, кога станав родител имав огромен страв дали ќе потфрлам или не. Оти децата (како што вели една моја другарка) немаат само уши за да слушаат она што им го всадуваме, туку и очи, па не секогаш она што вербално ги учиме е исто со она што го гледаат кај нас.

Ден-денес, кога се обидувам да и’ мудрувам на ќерка ми знае да ми каже “ахам, ок...ама ти тоа така не го правиш”. Шах-мат. Затоа се обидувам помалку да држам предавања, а да живеам согласно она што го мислам и чувствувам.

Перцепцијата на се’ околу нас е многу важна за оформување карактер. Ако сме полни предрасуди, нека не ве чуди кога потомците ќе ги затекнеме задоени со омраза кон нешта кои не ги знаат доволно или за работи за кои не се доволно информирани. Ако сме склони од ракав да тресеме обвинувања и етикетирања, сметајте дека е нормално да добиеме и ние такви етиктирања од нашите најмали, оти нели, така сме ги научиле. Низ животот сум имала среќа да бидам опкружена со слободоумни луѓе, првенствено моите родители, кои ме оставале сама да си оформам мислење за се’ што било во мојата околина. Не паметам да сум била казнувана, не дај боже тепана, а уште помалку да ми било наметнувано нивното мислење.

Израснав слободно, со идеја дека секој може да си го живее своето, се разбира без да повредува некого со тоа, односно да нанесува директна или индиректна штета. Секој е добредојден да е она што е во мое присуство, се’ додека е чесен и искрен. Немам предрасуди за ничија сексуална, верска или било каква друга ориентација. Го живеам она што ми е дадено без да кревам помпи и без да вперувам прст. Е сега, не дека сум совршена. Знам да сум груба и прилично остра на јазик доколку налетам на плукање, омаловажување или било што, што според моите критериуми е ниско и навредливо. Така, мојот потомок израснува во нешто на што сум горда кога гледам дека има свое мислење и став.

Алергична сум на простотилак од секој вид. Дрндањето за комшиката која се развела или која се премажила, јадењето гурабии за нечие дете дали е геј или не, осудувањата дали атеистите се опасност по светот, ме исполнуваат со гадење. Веќе еднаш имам кажано дека ние сме нација која теоретски знае се’, ама баш се’. Почнувајќи од политика, каде што на секој чекор имаме експерти, па завршувајќи со тоа што јавно линчуваме луѓе кои според нашите “идеални” критериуми не живеат според нашите стандарди. Така, во време во кое скоро секој втор брак се соочува со шарање на страна, имаме еден куп високо морални личности за кои секоја сама жена е за во пеколот оти сигурно шврља со некој. Потоа имаме експерти кои знаат кој како и колку заработува и дека сето тоа е криминал или раскалашеност (имам посоодветен термин, ама пусто душа не ми дава мајка ми да го чита). Па потоа на ред се оние кои “божемеопрости” се крстат ако жена решава сама да роди дете, односно да биде самохрана мајка по свој избор, па уште полошо ако не сака да има дете и се одлучи на кариера наместо за мајчинство. И тоа не застанува тука. Оти не дека нема што да се каже и за оние кои по горенаведените критериуми се “нормални”. Е, таквите ќе се распнат ако кога ќе родат дете не сакаат да дојат, или уште поголем грев е ако дојат, ама тоа не е во темни комори каде што нема да се види парче кожа.

И вака можеме да тераме до 101 и назад. Сфатив дека никој никогаш нема да биде доволно совршен за да биде оставен на раат. А оние кои најмногу лаат, се најнесреќни со себе. Да, со сами себе. Својот бес од тоа што се нереализирани како луѓе, го канализираат кон агресивно однесување и критика кон се’ што не е според нивните начела. Опасна работа е тоа. Опасно е да се удавите во својата немоќ и сопствените перцепции за тоа што е добро, а што не. А никој не е имун на тоа, само треба човек малку да ја крене рачната, да замавне со главата лево-десно за да му се разбистри малку и да олабај. Не само другите, туку и себе. Перцепцијата се менува само тогаш кога сакаме да се смени и кога сакаме да научиме нешто ново.

И еве прашање. Зошто ви пречат туѓите постапки и одлуки? Како се рефлектираат врз вас?!

Како може одлуката на двајца да се разведат да ве загрози ако имате цврст и добар брак?

Како може одлуката на една жена да нема деца или да ги има сама да ве навреди?! Со што се чувствувате уствари навредено? Дека некој имал храброст да донесе одлука со која ќе зачекори лево или десно надвор од стадото? Ама ајде ви се молам!

Како може едно доење бебе да го навреди вашите очи или да го врзете со некаков сексуален акт?! Ако е така, проблемот е во вашиот ум, не во жената што дои.

Ме плаши малку тоа слепило во кое гледам дека уште живееме. Пардон, ме плаши многу, не малку. Ме плаши дека низ годиниве е се’ позачестено да се суди, осудува, плука, навредува нечиј слободен избор. И пак ќе повторам за да не мислите дека оправдувам се’. Оправдувам се’ она што е одлука со која не се нанесува директна или индиректна штета на трети лица. Точка.

Сакам некогаш да отворам фејсбук и да скролам надолу читајќи за нечии патувања, книги, препорака за филмови, поддршка за нечија одлука. Сакам да доживеам да читам убави нешта, а не кој со кого, како, зошто!

Сакам...и знам дека многу сакам и сакам нереални нешта (ама ете сакам) да можеме да се поддржуваме едни со други за нашите одлуки во животот, без да стравуваме дали ќе не’ озборуваат по комшии, портали, медиуми или социјални мрежи. Оти животот врви и тоа со брзина која никој од нас не може да ја контролира. Дури и денешната најнова трач вест, утре ќе е минато. Ама во нечиј живот, тој ден траел како цела вечност. Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


да се стокмиш во јагнешка кожа

не те прај јагне, чупе

туку само кажва оти си убил животинче

та си одрал и на себе натнал

и после

колку и да ги миеш рацете

на железо ќе ти мирисаат

на неубо

на живот одземен

а нема погрд мирис од оној на крв

твоја ли е, туѓа ли е, нема разлика

нема

твоја ако е, телото ти страда

туѓа ако е, душата те боли

не се токми во јагнешка кожа

ниту вервај на оние кои на себе ја клаваат

и кои лажна милост во очите носат

а за крв страдни се

со наострени песјаци

забрефтани од омраза

напоени со лажни идеали

нагостени со месото од лажни идоли

не вервај на оние кои навидум кротки се

а во вените жешко железо им врие

со погани мисли и измазнети лица

со отров на јазиците и намирисани куршуми

не вервај на оние кои мора да убијат јагне

кои мора да се испоганат со крв

за да се скријат во туѓо руво

тие пиле

таквите

од нив, од таквите подалеку да си

одбери волци

со нив барем знајш на што си

и ќе знајш шо да прајш

оти гладен волк шија кини за да се најади

не од стрв

не од беснотилак

туку од глад, за да преживеј

а лош чоек

лошиот чоек на душа ти стапнува оти му се сака

оти ниту усул има, ниту убајна во себе

оти крв му треба за да му се обои денот

и твојот бол за да му се зацрни ноќта

и во руво од јагне цицалче ќе шета

однадвор бело и меко

однатре крваво

со железен мирис на пораз

таквите, тие

од нив подалеку да си

оти таквите, луѓе не се

ниту пак некогаш ќе стани чоек од нив

ниту волк

ниту јагне ќе биди

туку сенка

сенка со мирис на железо

со мирис на крв

зад барикадите на сета чоечност