Пешачењето ме опушта колку и да е загадено: Утринско кафе со Михаил Парушев

Пијам турско кафе со татко ми во секое време. Преку ден многу често го пијам и со пријатели, но често знам и сам. Понекогаш ми се случува, особено кога се враќам од мини-турнеи, да се напијам нес и во десет навечер (се смее).

Во принцип се будам рано и кафето ми е често пропратено со телефонски разговори со Џо Пандур од Хрватска, со моите колеги и пријатели со кои веќе 15 години снимаме и свириме. Со Игор Безгет и Тадеј Кампл од Марибор во декември го снимивме Old bag suite. На први февруари, пак, имав концерт со бендот на Тихомир Поп Асановиќ. Изминатиов период имав доста соработки со џез-музичари од Хрватска и од Словенија. Тука се и договарањата за следните турнеи и концерти со „Леб и сол“ и со другите бендови со кои соработувам, снимања во студио..

Фото: Маја Аргакиева

Музиката и љубовта се работи што ме мотивираат. Кога имам слободно време истото сакам да го поминам во природа. Пешачењето ме опушта, дури и по градот колку и да е загадено. Ако сум во Марибор одам на Похорје и гледам во зеленило, а на чист воздух сум и во Загреб или на приморје секогаш со добра храна. Самиот сет тапани знае добро да инспирира.

Навечер ако сум на свирка или концерт тоа го гледам како излегување во добар џез-клуб. Мислам на излегување во Загреб, бидејќи во Скопје се’ уште нема таков клуб за дружење меѓу музичарите, но има рок-забави на кои знам да излезам на пијачка со другарите.

Во секој слободен момент сум расположен да одгледам добар филм, книгите отсекогаш ме заспиваа (се смее).

* Михаил Парушев, музичар

Насловна фотографија: Татјана Ранташа