ПО 10 ГОДИНИ, ИМПУЛС ПОВТОРНО ВО РАЦЕТЕ НА МЛАДИТЕ ФИЗИЧАРИ!

Добивај вести на Viber

Последниот број на списанието за популаризација на физиката ИМПУЛС, број 55, дојде до рацете на учениците во 2008 година. Потоа, поради прекинот на продажбата на списанијата од ваков вид низ училиштата, ИМПУЛС влезе во децениски сон. Сон дека некогаш пак ќе се издава и печати, со цел учениците - љубители на физиката - да можат да уживаат во неговите содржини.

По овој „сонлив“ период во кој се сменија и генерациите, оние кои некогаш биле ученици со последниот број на ИМПУЛС, сега се професори на новите читатели.

„Искрено се надеваме дека овие професори не го заборавиле ИМПУЛС и дека со љубов и задоволство ќе им го препорачаат на младите истражувачи.

Во последнава деценија се случија многу интересни настани од областа на физиката и природните науки воопшто:разни откритија, отворањето на нови универзитети, развојот на приватни вселенски програми, електричните автомобили, мегабајтите на компјутерите преминаа во гигабајти, мобилните телефони кои се користеа за зборување сега се подобри компјутери од оние во 2008 година, камерите кои имаа 1 Mp сега имаат 20 Mp.“, изјавуваат од редакцијата на Друштвото на физичарите на Република Македонија која го приготви најновиот број на списанието Импулс во издание на ПРОСВЕТНО ДЕЛО.

A oд издавачката куќа Просветно дело, пак, велат: „Новиот број на ИМПУЛС започнува со актуелни содржини од последниве години. Искрено се надеваме дека ИМПУЛС ќе доаѓа до вас двапати годишно, еднаш наесен и еднаш напролет.

Ние ќе се трудиме ова списание да има модерен изглед, да одговара на 21. век, да има содржини кои се тековни и да бидат исполнети со новости и занимливости. И во иднина ќе има рубрики кои постоеле низ годините, како написи за проширување на знаењата, избрани задачи за решавање, патувања низ историјата на физиката итн. Посебно внимание ќе се обрне на принципите за решавање задачи, со цел да се постигнат подобри резултати на натпреварите.“

Списанието ИМПУЛС може да се најде во сите книжарници на Просветно дело.