По најмалку 40 хоспитализации дневно само од ковид: Во борбата со вирусот се вклучуваат приватните интернисти и специјализантите
Најмалку 10 проценти од новозаразените граѓани со корона вирусот завршуваат во болница, бидејќи нивната здравствена состојба задолжително бара болничко лекување. Земјава се соочува со експоненцијален раст на епидемиолошката крива, поради што здравствените власти изминативе 10 дена се во целосна мобилизација на болниците и на кадарот. Но, и самите лекари велат дека не знаат колку долго ќе можат да го поднесат секојдневниот товар на навала на пациенти од една страна, и недостаок на болнички кревети, но и кадар од друга страна.
Последната проценка на претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р. Жарко Караџовски беше дека македонскиот здравствен систем може да згрижи околу 1.000 пациенти болни од корона вирусот, се што ќе биде повеќе, ќе претставува сериозен предизвик за земјава. Во моментов во болниците и во Скопје, и воопшто на територијата на цела држава се хоспитализирани точно 888, пациенти, што е повеќе за 44 во споредба со претходниот ден и што значи дека овој број забрзано се движи до горната проектирана граница.
Во меѓувреме, на испомош се вратија во матичните установи специјализантите, за кои дел од директорите со кои поразговара Фактор, велат дека се од огромно значење, а нивната помош во борбата против Ковид-19 е бесценета.
-Во Општата болница во Кавадарци ни се вратија седум специјализанти, односно анестезиолози, интернисти, хирурзи. Оваа нивна помош ни е од огромно значење. Веднаш ги направивме распоредите за дежурства и тие активно ќе бидат вклучени во лекувањето на пациентите кои се хоспитализирани во нашата болница. Сиот овој изминат период правевме големи реорганизации во рамки на самата болница за да може успешно да функционира ковид-центарот. Тука сега се сместени 39 пациенти, а капацитетот е 40. Можеме да доставиме уште 10 болнички кревети, но тоа е максималниот број кој можеме да го издржиме. Се работи деноноќно, засега се уште добро ни функционира системот на ротации на лекарите, и искрено се надеваме дека со овој есенски и зимски налет на вирусот успешно ќе се справиме, изјави за Фактор, д-р. Диме Коцев, директор на Општата болница во Кавадарци.
Тој вели дека кај нив хоспитализираат пациенти со средно тешка форма на болеста, додека потешките пациенти ги трансферираат во Скопје.