По загубата на сестра ми, се случи живот кој не го замислував: Искрено со познатата мејкап артистка Ивана Атанасовска- Николовска

Добивај вести на Viber

Ивана Атанасовска- Николовска е една од најпознатите мејкап артистки кај нас. Освен по шминката, таа е позната и по својата хуманост. Ивана со години наназад бесплатно им исцртува веѓи на жените кои се борат со ракот. Инспирација за овој чекор ѝ беше нејзината мајка која ја победи болеста, но за жал, Ивана го загуби својот татко кој почина од канцер. Пред неколку месеци, Ивана остана и без својата сестра. Таа почина од последици на Ковид 19, веднаш откако ја роди својата ќерка, уште додека била во болница. Сестра ѝ Елена за неа била најблиската личност во животот, и за Ивана, ова е се’ уште многу болна тема за разговор. Ќерката Срна, сопругот, мајката како и нејзините внуци, ѝ се најголемата утеха во овој тежок период.  

* Долги години работиш како шминкерка, како започна тојата приказна, кога почна професионално да шминкаш?

- Мојата приказна започна веднаш после завршувањето на средно школо, се запишав на курс за шминкање веднаш потоа почнаа шминкања за секакви пригоди па потоа дојде и ангажманот како шминкер во емисијата „Опуштено“ со Тони и Део и еве веќе 16 години работам професионално од кои 6 години го имам својот салон за убавина „Ивана Мејкап“.

* Твоја специјалност е исцртувањето веѓи. Во нашето претходно интервју раскажа дека бесплатно им ги исцртуваш веѓите на жените лкои се болни од рак. Дали се’ уште тоа го правиш?

- Да, со исцртување на веѓи започнав пред 7 години и еве се’ уште е доста актуелно, можам да кажам дека сигурно веќе 5 години исцртувам бесплатно како што спомнав во предходното интервју, за сите заболени од канцер и алопеција. Во тоа време и мајка ми беше болна па дојдов на идеја дека треба на сите што имаат потреба од веѓи да добијат бесплатно. Исто така и на Академијата каде што ја завршив обуката имше таква акција,„Плати со насмевка“ и ете се’ се совпадна.

* Во тој период ја спомена и твојата мајка која била болна од рак и дека тоа те инспирирало да го направиш овој хуман чекор. Како е таа сега?

- За среќа кај мајка ми се’ се заврши добро, ама за жал мојот татко почина од истата болест пред 3 години.

* Во периодот кога се на прагот матурските прослави и свадбите, каква невестинска и матурска шминка препорачуваш?

- Па, после период од две години колку што трае пандемијава, еве веќе почнуваат со закажување термини за матурски и свадби, за свадби најчесто се бара понежна шминка а за матуриве обично младите ги следат трендовите од познатите личности. Секако се договараме заедно со клиентите каква шминка саакат и како се замислуваат тие.

* Невестите се обично нервозни пред свадбата, загрижени дали се ќе помине во најдобар ред, си се соочила ли со такви клиентки, како ги опушташ во тие моменти?

- Невестите знаат да бидат нервозни, најверојатно од целата таа фрка околу подготовките за свадба, меѓутоа кога ќе дојдат на шминкање гледам максимално да ги опуштам, да не се сомневаат дека нема да бидат убави, и дека сепак е тој нивни ден и ќе се потрудам максимално да заблескаат во полн сјај.

* И ти си сега мајка, колку e стара твојата ќерка, како најчесто го поминувате времето заедно?

- Да, Срна за некој ден ќе наполни 2 години, секое слободно време гледам да го поминам максимално со неа, најчесто се тоа прошетки во парк или на нејзините омилени лулашки во паркот во Ѓорче.

* И тетката е важна фигура во созревањето на секоја личност, каква тетка си ти за твоте внуци?

- Па, јас се надевам дека сум одлична тетка, се трудам максимално да бидам заедно со моите две внучиња Михаил и Мина, времето поминато со нив и со мојата ќерка ми е бесценето.

* Велат дека она што не не убило не прави посилни. Ти ја загуби својата сестра, мајката на внуците за кои посветено се грижиш, колку оваа случка те смени како личност и те направи посилна?

- По загубата на мојата сестра мојот живот се смени многу, ние бевме многу повеќе од само сестри, оние кои не’ познаваа знаат што си бевме една на друга.

Сакаш или не, стануваш посилен за се’ она што следи, за живот кој не си си го замислувал ама сепак ти се случил, за сите оние убави и тажни моменти кои ќе ги имам а за жал веќе не можеш да ги споделиш со најсаканата личност.

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива