Почина маестро Зоран Џорлев: Се надевавме на подобро, ни изјави внукот Огнен Здравковски

Добивај вести на Viber

Маестро Зоран Џорлев, познатиот виолинист и музичар денеска почина. Тажната вест на својот Фејсбук профил ја објави неговиот внук, пејачот Огнен Здравковски.

Огнен стави црна позадина како профилна фотографија, и пријатели почнаа да му изјавуваат сочувство.

За Женски магазин, Огнен ја потврди веста за загубата на вујкото. „Вујко ми си замина. Беше болен од Ковид-19, беше во болница, беше подобар, се надевавме на подобро, но денес нè напушти. Му се откачи тромб“, ни рече низ солзи Огнен. 

Џорлев ќе го паметиме како одличен музичар, омилен кај колегите и кај пријателите, секогаш насмеан и расположен за дружење. Најголемото богатство на Зоки беше семејеството, сопругата Офелија и синовите Наско и Мартин.

„Офелија е едноставна жена на која чесноста, скромноста, борбеноста, работливоста ѝ се карактерна особина, моја водилка. Прекрасна мајка на моите две деца. Таа и децата се моето богатсво и мојата смисла на животот. Секоја годишнина ни е значајна така да што и оваа, и следната ќе биде иста како и досегашните, со желба да дочекаме што повеќе јубилеи и нормално како што течат годините да бидеме со проширен состав на семејството на трпезата“, изјави Џорлев за Женски магазин минатата година кога славеше годишнина со сопругата.

Сочувство на целото семејство Џорлеви од редакцијата на Женски магазин. 

Р.Ж.М.