ПОЛИТИЧАРИТЕ И НИВНИТЕ ПОУБАВИ ПОЛОВИНИ: Како се запознале?
Љубов на прв поглед во маало, прв контакт во партијата, случајна средба во ноќен клуб. Ова се романтичните животни приказни на Љубе Бошкоски, Андреј Жерновски и на Стефан Богоев
Виолета и Љубе Бошкоски
Се запознале во Скопје каде што тој студирал и каде што живееле и се школувале неговите сестри. Виолета живеела во соседството на неговата најстара сестра и посредувала во нивното запознавање. Љубе бил втора година на Правниот факултет, а таа имала само 17 години. Нивната средба, дефинитивно, била љубов на прв поглед, иако тогаш, како што во една прилика изјави познатиот политичар, во тоа сè уште мало девојче не ја препознал веднаш жената на својот живот.
- Но девојчето беше навистина храбро и со оглед на тоа што во тоа време, како млад студент, јас не можев да бидам само со една девојка, сето тоа го издржа и стана моја жена. Затоа им велев на синовите дека само девојка која може да ве издржи во младоста, заслужува да биде ваша жена – изјави Бошкоски пред неколку години за „1Е Магазин“.
Олгица и Андреј Жерновски
Сопругата на поранешниот градоначалник на Центар по професија е дипломиран електроинженер. Се запознале во партијата, во 1993 година, кога и Олгица била член на подмладокот на тогашната Демократска партија, каде што заедно работеле речиси десет години. Иако во политиката поминале повеќе години, сепак не биле во врска. Тоа бил период во кој потајно се запознавале. Подоцна, сосема спонтано станале двојка, а љубовта ја официјализирале со брак во 2001 година.
Ивана Анѓеловска и Стефан Богоев
Младиот градоначалник на општина Карпош и неговата вереница се запознале пред девет години во тогашниот скопски клуб „Картел“. Од првиот момент имало искра и почнале интензивно да комуницираат.
- Почнавме да се гледаме, беше убаво и да бидам искрен уште оттогаш имав претчувство дека ќе трае. Станавме и најдобри другари, партнери. Споделуваме сè. Ивана ми е и најголема поддршка во кариерата, а и јас во нејзината. Таа е бренд менаџер во парфимериите „Еликсир“. Се занимава со мода, козметика и здрав живот. Инаку е дипломиран политиколог–раскажа Богоев за „Женски Магазин“.
Подготви: Ѓорге Стојанов