ПОТРАГА ПО ЉУБОВТА
И тогаш тој ја бакна. Таа се разбуди и тие живееја среќно, засекогаш. Така е во бајките. И во филмовите. Скоро сите љубови се среќни и траат вечно.
Сонот за вечната среќна љубов е сон на секоја жена. Толку интензивен што свесно или несвесно, секој од нас е во потрага по некој кој ќе не сака вечно. Секој од нас е гладен за љубов. Љубов нежна, силна, љубов која разгалува и освојува, љубов која не буди и заспива…
Во соништата сè е можно. Но, дали е така во реалноста? Дали љубовта во секојдневието е еднаква како во филмовите, бајките, па дури и сништата? Дали човечката среќа е онака како што е опеана во песните? Дали љубовта е навистина опојна како дрога, толку моќна што поради неа разумот не ни функционира?
Дали среќата од љубовта треба да ја бараме во совршено средените соби, како во филмовите? Дали треба да бидеме среќни додека некој друг ги чува нашите деца, а ние безгрижно ги проверуваме сите забави кои постојат на планетава? Дали е тоа љубовта за која сонуваме?
Љубовта не се состои само од среќа, забава и насмевки. Љубовта вклучува и болка, и тага и мигови на несовршеност, кои во приказните и филмовите скоро и да ги нема. Љубовта во реалноста вклучува и солзи, но и стравови.
Ние не сме совршенства, туку луѓе кои минуваат низ различни животни стадиуми. Некои се убави и безгрижни, но не траат вечно. Други се болни, тешки, понекогаш неиздржливи, но и тие не траат вечно.
Љубовта, затоа е повеќе од соништа. Таа е реалност која се испреплетува меѓу страста, емоциите, солзите, насмевките, но и разумот и низа одлуки кои ние ги оформуваме, а се однесуваат на саканите. Да сакаш некој, значи да се радуваш на неговите успеси, но и да ги делиш неговите порази. Да се искачуваш на врвот со победнички дух, но и да бидеш тука кога неминовно следи падот, да бидеш грбот на кој тој ќе се потпре, да ти биде поддршка која ќе те крене, да бидете ветер кој ги дува облаците за да огрее сонцето повторно.
Сите ние сакаме, сме биле сакани, ќе сакаме и ќе не сакаат. Љубовта не бара совршенства. Таа не учи дека треба да сакаме. Онака како што е. Да сакаме и кога сме убави и млади, да сакаме и кога годините почнуваат да оставаат трага на нашите ликови, да сакаме и кога животот ни ги предочува сите свои лекции. Да сакаме и покрај недостатоците кои ги поседува секој од нас. Да сакаме без да очекуваме дека секогаш треба да биде совршено.
На крај, магијата на љубовта не е да биде совршено како во бајките. Магијата на љубовта е да го препознаеш сјајот во очите секогаш, па дури и кога солзите се огледуваат. Магијата на љубовта секогаш е повеќе од соништата. Таа е дел од реалноста. Повеќе од само минлива страст. Таа е разумна одлука и доследна битка за личноста која ја љубиме. Тајната на љубовната среќа е тука некаде, во нас самите, во реалните очекувања од себе, од луѓето кои се до нас близу, од животот и вештината во малите нешта да го препознаеме и со радост да го прифатиме животниот подарок. Токму и затоа, пријателке моја, верувај во љубовта. Дај и шанса. Нека биде и твојата како таа од бајките.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска