Потсвесно знаев дека тагата која ја имав со галони, мора негде да удри: Лила ја раскажа борбата со ракот на промоцијата на Ана Дорник

Добивај вести на Viber

Дека сѐ тргнува од главата, дека преку мислите сѐ се рефлектира на телото и дека секоја болест е всушност резултат на некоја емотивна траума. Имав тага во галони, точно знам од каде сѐ тоа потекна. 

Со овие зборови една од најхрабрите дами кај нас, која неодамна призна дека се изборила со ракот на дојка, водителката Лила Филиповска ја започна приказната за борбата со злата болест, синоќа на промоцијата на автобиографска книга „Ти си таа“ на популарната српска хуманитарка и инфлуенсерка Ана Дорник, жената која со својата работа им помага на многу жени да се справат со борбата со ракот. 

Лила, пред публиката во хотелот Александар Палас, заедно со Ана Дорник зборуваше за нејзиното патешествие и соочување со ракот на дојка.

Лила, откри дека била лута сама на себе бидејќи како личност која е „контрол фрик“  мислела дека може сѐ да контролира.


„Кога излезе мојата дијагноза, јас во тој момент бев лута самата на себе.Зошто? Затоа што, како поранешен медицинар, точно знам како функционира организмот.

Јас на моите 50 години освен прележан ковид немав никаква друга болест. И за ковидот бев лута, како можев да дозволам ковид да прележам. И сега си викам точно знам од каде потекнува тоа. Мојата тага е сѐ уште многу голема, поминати се веќе 10 години од смртта на мојот татко, а јас сѐ уште не можам да се изборам со таа тага, а морам. Имам живот, дете, мајка. Знам дека сѐ почна од таа тага, која навистина ја имав во галони, со која едноставно не можев да се справам, затоа сум лута сама на себе, морав да се потрудам поинаку да го поднесам се тоа, односно да прифатам, тоа е тоа се случи, да живеам во спомените, но очигледно не знаев, не можев, и сѐ уште ми е така некако тешко и после тоа имав еден огромен стрес. Јас потсвесно знаев дека тоа народски кажано, некаде мора да удри. И тоа се случи“ раскажа Лила.

Кога ја добила дијагнозата, од една страна вели била изненадена, а од друга и било очекувано.

„И тогаш си зборам сама со себе: Виде сега што направи?! Е сега како си дозволила да влезеш во кашава, има да се извадиш. Значи не постои нема компромис. Нема тука хероини, немаме друг избор, изборот е или легнуваш умираш или се бориш, со сите сили размислуваш позитивно. Јас дента кога ја добив дијагнозата, вечерта веќе размислував како ќе бидам излечена. Само размислував колку време ќе ми треба“, истакна Лила, додавајќи дека се оперирала во Истанбул, кај доктор Фатих Ајдован.

Лила вели дека една од причините за тоа што ѝ се случило е и фактот што ретко плаче.

„Плачете, треба да плачете, поубаво е чувството, јас не плачев од инает, си велев ништо не ми е, не сум болна“, рече водителката.

Сепак, откри дека во целата ситуација плачела само двапати, после два дена од операцијата. 

„Првиот пат плачев кога со подвижна инфузија се движев во ходникот и се прашав „Како јас си го дозволив тоа“, и вториот пат кога докторот ми кажа дека косата ќе ми падне. Јас цело време се надевав дека ќе измислат некоја хемотерапија од која нема да паѓа коса, бидејќи цел живот сакам многу долга коса. И кога ми кажа докторот дека не постои магична хемотерапија и дека кај жените заболени од рак на дојка обавезно паѓа косата, тогаш се случи моето второ плачење.

Меѓутоа докторот ме утеши и ми кажа дека од сето ова ќе излезе нешто добро, а доброто е тоа што сум сега тука заедно вас.

Четвртиот и петиот ден јас со дренови во џебовите веќе шетав низ Истанбул по продавници, нагрната со бунда, и си велев ништо не ми е, не сум оперирана. Но, кога ми падна косата, ми требаше време, не сакав да ја споделувам тагата со никкого, едноставно не ми се правеше муабет за тоа.

Сега после сѐ, јас сум истата таа Лила, само што сега имам малку повеќе време за себе“, откри Лила, додавајќи дека смета оти е доволен доказ дека болеста која и да е, не смее да се доживува.

„И успеав и до последен момент луѓето да не веруваат дека носам перики, додека јас пред месец дена не кажав со што сум се соочила, дека мојата коса падна, но и порасна. И тоа е уште еден доказ дека жени како мене и Ана Дорник, и покрај сериозната дијагноза, како велат, со умот поместуваат и планини“, рече Лила, која меѓудругото навести дека во иднина планира како Ана Дорник на некој начин да им помага на жените кои се борат со канцер на дојка, да им биде поддршка, мотивација за истрајност.


Поддршка за македонското претставување Ана Дорник доби од Здружението ЕЗРА.

Автобиографската книга на Ана, „Ти си таа“ е создадена со цел да се стекне поголема свесност за раната превенција, едукација и поддршка во лечењето како и за секојдневните предизвици со кои се соочуваат жените, кои се борат со оваа болест. Лична приказна, која служи како пример и поттик за општествена промена. За својата безпоштедна хуманитарна работа Ана Дорник ја добила наградата за животно дело на министерството за здравство на Србија, како и други награди кои се признание за нејзините заложби за општествена промена.



И.С.