Позлатена од Сонцето: Скопско кале и Стара чаршија
И сеедно од каде ќе ја почнеш, или како ќе ја завршиш оваа приказни, ти човеку кој дојде на овој пат низ Македонија, секако ќе се поклониш и пред престолнината. Бидејќи овој град е исто така дел од древните антички приказни на оваа моја земја. 8000 години во континуитет постои живот во овој мој град.
Скопје е срцето на Балканот. Скопје е раскрсницата во која се вкрстуваат сите надолжни и нашироки патишта. Да, Скопје е срцето на Кетена Мунди. Дојди прво на Калето, Скопското кале, бидејќи тука ќе чекориш на почва на која живот имало уште во времето на неолитот и раното бронзено време.
Чекориш, каде што се чекорело и пред 4000 години. Оттогаш имало живот овде. Оваа тврдина, што ја гледаме денес, оваа тврдина е изградена најпрвин во византиско време, односно во времето на царот Јустинијан, кој патем е исто така роден тука, во непосредна близина на Скопје. Во селото Таор. Добрите познавачи археолози велат дека овие камени ѕидови долги 121 метар се изградени токму од камените блокови земени од стариот антички град Скупи. Многу освојувачи поминале овде, многу пати оваа тврдина била и рушена и обновувана, но еве ја сè уште стои исправено, држејќи ја на своите плеќи историските приказни за постоењето на овој град стари повеќе од 6000 години.
Ова се тие сведоштва на минатото, кој ги врзуваат нитките на старо-новите ѓердани. Ова се тие бедеми којшто ги држат исправени првите страници од историјата на Балканот. Одовде ќе го имаш тоа чувство дека можеш во еден здив да го сместиш овој град и да го прегрнеш во силна прегратка. Одовде го имаш градот безмалку како на дланка.
Сместен од двете страни на реката Вардар, која како главна артерија тече речиси по сета негова должина. Скопје е срцето на Балканот. Неговата средишна точка. Неговиот мост кој го врзува источниот и западниот Балкан. Камениот мост пак е мостот кој го дели градот на два дела. На едната страна е старата Скопска, или старата Турска чаршија, која изобилува со стари приказни, а на другата страна од градот е новото и модерно Скопје.
За Камениот мост, кој е всушност еден од најзначајните симболи на овој град постојат две приказни. Едната вели дека тој е изграден уште во времето на Византискиот цар Јустинијан, уште во 6-тиот век, а втората претпоставка пак вели дека султанот Мехмед Втори Освојувачот го изградил за време на Отоманската Империја, а тоа е некаде во 15-тиот век. Големи временски распони се ова. Векови и векови врват преку овој мост. Сета историја на овој град поминува преку него. До ден денес е така.
Старата скопска чаршија е можеби најчудесниот лавиринт на овој град. Мали тесни сокаци, преполни со стари дуќанчиња, од кои некои од нив сè уште се такви какви што биле отсекогаш. Прошетката овде го создава чувството на прошетка како по приказна. Некои занаети се сè уште задржани, иако повеќето од нив ги нема веќе и остануваат само испишани страници на оваа стара и преубава чаршиска приказна. Но душата и срцето на оваа чаршија се чини никогаш нема да се пребришат. Тие се проткаени во секој камен од оваа стара калдрма. Тука се најубавите ќебапчиња, и најубавата симит и погача, тука е најубавиот локум, тука ќе го испиеш најубавото турско кафе, сварено на песок. И тука ќе сакаш да си поседиш дозволувајќи му на овој мирис и вкус на минатото, да ти се пикне во душата, како спомен, кој драгоцено ќе го спакуваш и ќе го понесеш одовде.
Враќајќи се назад, можеш да свратиш до уште неколку градби, кој претставуваат вистински драгоцени долапи на минатото овде. Помини и разгледај го Даут Пашиниот Амам, никако не ја одминувај ниту црквата Св. Спас, која е всушност најстарата црква во централното градско подрачје на Скопје.
Секако дека не смееш да ја пропуштиш ниту спомен куќата на една жена, која ја одбележа пак новата епоха и која исто така е родена тука во Скопје. Гонџа Бојаџију, или како што сиот свет ја знае и слави, нејзината светост, Мајка Тереза. Таа која сиот свој живот го подари вршејќи ги најдобро намерните мисии, посветувајќи им го животот на болните и на сиромашните. Таа како светски мисионер на милосрдието ја добива и Нобеловата награда за мир. Ете тука токму на оваа улица, која тогаш се викала Поп Кочина, бр. 14, а денес се вика улица Македонија е родена оваа светла душа полна со љубов и добрина. Влези во нејзината куќа, всушност спомен-куќа направена во нејзина чест, за и тука да бидеш допрен со милосрдие, љубов и добрина. Таква каква што ќе те следи на секој чекор од ова Пресвето парче земја.
Ете, тоа се тие небесни височини, тоа се тие раширени крилја, тоа е таа добронамерност, таа гостопримливост, таа питомост и љубов, со која ти човеку кој дојде на пат низ Македонија, ќе ја сретнуваш на секој чекор во мојата земја. Бидејќи како што и самата Мајка Тереза рече, „светот не е гладен за леб, колку што е гладен за љубов“. И за добрина.
На крај те донесов овде на највисоката точка во мојот град. На планината Водно, тука на врвот. Тука каде што е подигнат најголемиот крст на Балканот, а петти во светот. Ете тука, за оттука да ги чуеш и црквените ѕвона, и православни и католички, да го чуеш и муслиманскиот оџа пет пати на ден, да го видиш и Музејот на Евреите и куќата на Мајка Тереза и споменикот на Александар Македонски и родното место на царот Јустинијан. Да ја видиш сета вонсериска и безвременска раскош на мојата земја. Да ја понесеш со себе оваа библија која сè уште ги врти своите страници наспроти светот, да го чуеш срцето на секој еден Македонец, да ги чуеш внатрешните камбани на секој еден човек овде, и кој дошол и кој пошол и кој се вратил, да ги чуеш камбаните како сè уште бијат како сè уште бијат. Бијат во неповторлив и во идентичен ритам со нашите срца. Да, така бијат. За кого!? За Македонија.
Оди си сега по својот пат ти патнику намернику, смири си ја малку душата од сè што виде и слушна овде и од се со што се наслади овде во мојата Македонија. Оди си и раскажи му го тоа на светот. Оти светот не знае, како што ни ти не знаеше се додека не го виде и не го чу сето ова. Не знае што е Македонија. Тоа е древно име и древна земја. И дојди пак ти патнику намернику, дојди кога сакаш. Пак ќе ти ги отворам и срцето и душата и куќата моја македонска. Довидување.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу