Познати деталите за последното испраќање на принцот Филип: Кралицата започнува со осумдневна жалост

Смртта на принцот Филип дефинитивно ќе биде едно од најтрауматичните искуства на кралицата Елизабета Втора...

Загубата на саканиот сопруг, принцот Филип, кој почина на 99 - годишна возраст, дефинитивно ќе биде едно од најтрауматските искуства со кои некогаш се соочила кралицата Елизабета Втора. Тие поминаа повеќе од 73 години заедно, а војводата од Единбург ѝ беше безрезервна поддршка цело ова време, живеејќи ги со неа сите нејзини подеми и падови.

Неговата смрт дојде во многу тежок и стресен период за кралското семејство - имено, Бакингемската палата западна во длабока криза по експлозивното интервју кое ѝ го дадоа принцот Хари и Меган Маркл на Опра Винфри. Додека Филип беше во болница, на 7 март беше емитуван контроверзниот разговор кој ја потресе монархијата - обвинувањата за расизам во кралските редови одекнаа најгласно во јавноста. Иако ниту Филип ниту кралицата не беа споменати како лица кои изразиле загриженост за бојата на кожата на Арчи, наводите изнесени во интервјуто имаа многу сериозни импликации врз кралската институција.

Кралицата претрпе голема загуба и во 2002 година. Таа година, со само неколку недели разлика, починаа нејзината мајка и сестра, но Филип тогаш беше покрај неа. Елизабета Втора е навикната да ги држи своите чувства под контрола во јавноста, а бидејќи сега ја очекува погреб, нема да има многу време да тагува сама, далеку од медиумите и јавноста.

Поради смртта на Филип, знамињата низ Велика Британија ќе бидат спуштени на половина копје. Последното збогување треба да се одржи во капелата Св. Џорџ во замокот Виндзор, самиот погреб е планиран во градините Фрогмор, а се очекува обраќањето на кралицата до нацијата преку телевизија. Островските медиуми пишуваат дека Елизабета Втора од петок ја започнува осумдневната жалост за време на која нема да извршува никакви кралски должности, а по истекот на тие осум дена следуваат уште 30 дена жалост.

„Кралицата и Филип отсекогаш си беа карпа еден на друг. Неверојатно е колку меѓусебно се поддржуваа“ - изјави принцезата Ежени, внука на кралската двојка.

Кралскиот биограф Кристофер Вилсон го опиша принцот Филип како „многу дисциплиниран член на кралското семејство кој сè водел со цврста рака“.

„Од неговото пензионирање во 2017 година, всушност немаше вистинска, централна команда во Бакингемската палата. Јасно може да се види постепеното распаѓање на целиот систем“ - рече тој.

фото: Fiona Hanson/AFP

извор: jutarnji.hr