Правилото „Со девојче е подруго“ кај нас засега е точно: Нина Ристовска за втората бременост и малата Анастасија

Добивај вести на Viber

На 31 јануари, семејството на македонскиот ракометен репрезентативец Борко Ристовски стана побогато за еден член. 

Сопругата Николина го роди второто дете, на свет ја донесе малата Анастасија. 

„Анастасија е мило девојче, со неа редот се знае (се смее)“ - вели Нина, која ни раскажа за нејзиното породување и какво бебе е малата Анастасија.

Убавата сопруга на Борко, се породила со царски рез во 41 недела. Вели дека искуството и годините ѝ помогнале да помине сѐ полесно.

„Знаев што да очекувам и бев психички спремна сѐ да поминам. За мене кога сѐ ќе соберам беше убаво искуство, болките веќе се заборавени“ , ни изјави Нина.



Сепак, за разлика од првата, втората бременост ѝ била потешка.

„Втората бременост ми беше потешка можам да кажам. Мислам дека сите 9 месеци имав секој ден мачнини, последните месеци и болки, дури некои денови не можев да се движам. Сепак сега бев многу поактивна, посебно месеците кога бевме во Германија поради ангажманот на Борко. Борко неколку пати патуваше на неколку дена, со Душан кој е многу активно дете останувавме сами и деновите требаше да се организираат и нему да му бидат исполнети (се смее). Секој ден пешачевме и по 2-3 сати, сепак имаме убави сеќавања“, ни раскажа нашата соговорничка.

А, како се чувствувала кога за прв пат ја земала во прегратки новородената ќерка: 

„Нешто што сите го кажуваат дека е најубаво нешто кога ќе го видите своето дете. Јас бев со мисла дали ќе биде можно да сакам некој толку силно како што го сакам Душан, но веднаш ми стана јасно дека да. Анастасија има многу мила, нежна, изразито женска енергија, вистински мелем за душа е“, вели Нина.


Како се навикнале една на друга...

„Можам да кажам дека веќе имам добар тренинг (се смее) многу пати луѓето околу мене ми кажаа „со девојче е подруго, помирни се“. Не знам дали е златно правило тоа, но кај нас засега изгледа дека е точно. Пак ќе кажам тука е и искуството и годините. Некои работи се неизбежни и секоја мајка ги поминува. Породена со царски, потоа моментот со доењето, со често станување ноќе, се тоа се исцрпувачки работи, но јас си повторувам секогаш, дека многу брзо таа ќе порасне и овие "тешки" мигови кога била вака малечка ќе станат минато, па научив да уживам и да го впивам секој миг кога се гушкаме. Анастасија е поразлична од Душан. На Душан уште од мал му се познаваше јакиот карактер. Тој е своеглав, темпераментен, многу активен. Анастасија е мило девојче, со неа редот се знае (се смее)“, ни истакна сопругата на Ристовски кога ја прашавме дали лесно се навикнале со Анастасија една на друга, какво бебе е, дали е многу поразлична во однос на Душан.



Новиот член во семејството, малата сестричка убаво ја прифатил уште од сам старт и малиот Душан. Тој е првото дете на Борко и Нина, а Нина вели дека Душан е прекрасен брат, а ни ги откри и неговите први реакции: 

„Можеби на мене како мајка ми беше и потешко. Во некои моменти се чувствував тажно што ќе го оставам дома и ќе заминам да се породам. Искрена да бидам дури чувствував вина и тага што нема да можам да му бидам еднакво посветена како претходно. Сепак како поминуваат деновите се подобро сме организирани и секој ден поминувам квалитетно време и со Душан. Јас многу сум изненадена колку е всушност созреан и пораснат тој, нешто што не можев да го согледам претходно. Јас сфатив колку е пораснат Дусан кога Анастасија дојде дома (се смее) . Душан е прекрасен брат. Секое доаѓање дома од градинка прво оди во купатилото се мие и право во соба кај сестра му да ја гушка. Мојата среќа е голема кога гледам колку ја сака Душан неговата сестричка.



Можам да кажам дека сега сум вистински многу богата, ни рече Нина кога ја прашавме колку смета дека ја променило мајчинството како личност.


„На интернет кружи едно видео, каде еден човек објаснува како човек созрева вистински, кога ќе стане родител. Јас се сложувам со ова. Кога некој навистина ќе ни стане поважен од нас самите тоа е нешто посебно. Моите деца се моја најголема неизмерна среќа и љубов. Секој ден сум благодарна на Бога што ги имам. Тие се две прекрасни дечиња. Среќна сум што можам да поминувам многу време со нив и да ги гледам како растат. За ништо на светот не би го менувала мајчинството. Мислам дека сум сосема друга личност сега и пред да станам мајка, сепак тоа треба да го кажат луѓето околу мене. Јас можам да кажам само дека сега сум вистински многу богата“.


Ирена Ставрова

ФОТО: Приватна архива