Во наша куќа, а кога велам наша мислам на куќата во која одраснав, никогаш не се славел 8-ми Март. Ама баш никогаш. Веројатно сум имала среќа да не растам во стрес и извештачена еуфорија како најдобро да се одбележи таканаречениот ден на жената. Татко ми и ден-денес на свои 70 е фраер кој купува цвеќе редовно и без никаква причина или повод. Мајка ми па била категорична со изјавата “не славам 8-ми Март” и искрена да бидам ме поштедила од турканици и лажна почит. Односот во едно семејство никогаш не сум го сметала во количината на потрошени парични средства. Почит и љубов, сослушување и споделување, помош и поддршка...ете, тоа ми било показател на нашата сплотеност како фамилија. Паметам уште како дете дека стресот околу “денот на жената” бил присутен во училиште. Па тоа кристални вазни, па златни прстени од Рубин Кармин, парфеми и каранфили. Беше за осуда и жив срам ако учителките не си одеа стежнати во рацете од подароци, за кои верувам дека барем половина од нив завршиле како подарок на некоја свадба.
Оптеретувањето на домашниот буџет беше толкаво што имаше семејства кои остатокот од месецот го минуваа со леб и млеко. Но, да се изостават не само учителките, туку и сета женска поблиска и подалечна фамилија беше за осуда. Па список, па да погодиш секому, па не дај Боже да не се запази хиерархијата. Па тоа свекрвите да се задоволат, па сестрата на сопругот и да не редам понатаму. Чуму? Особено што познавам еден куп жени кои со своите свекрви и со семејството на мажот и после х години брак, уште се на дистанца и со доза на одредена нетрпеливост. Глумата отсекогаш ме нервирала. Ако те сакам, те сакам. Ако не те сакам, длабоко се извинувам, ама не можам да глумам. Уствари, можам ама не сакам. Ми го оптеретува умот и ме прави нервозна. Можеби и не ме сакале заради ставот, но со честитање ден на жена завршив многу одамна. Уште кога сфатив дека додека чекаме ден за да покажеме наклонетост, животот си изврвел.
Што е со останатите 364 денови во годината? Како да не постојат со овој став за 8-ми Март. Така мислам и за уште неколку празници. Прочка, Нова година, имендени. Да си изнакажеме сешто и потем на Прочка да си простиме?! Ама ајде ви се молам! Ако ми значите, ќе внимавам на вас преку цела година. Ако ве љубам, ќе најдам начин и без повод да ви го покажам тоа. Башка, еве јас не сакам подароци. Не сакам ниту цвеќе, особено што не знам да се грижам за него, а особено не го сакам она што е насилно откинато (читајте убиено) за да ми го украсува домот 5 дена. Она што сакам е да знам дека луѓето кои ми значат се тука, до мене. Не мора да се физички присутни, додека ја чувствувам нашата поврзаност и блискоста која ми дозволува кога имам и имаат мака да сме тука едни за други. Останатото ми е само фарса и глумење блискост.
Никогаш не сум била по формалностите. Ме изморуваат, ми ја убиваат креативноста и ме плашат. Да, да...ме плашат. Немам доверба во луѓе кои живеат формалности за да ги задоволат општествените норми. Немам доверба во нивната спонтаност и чесност. Таквите ми се енигма која ме прави да се чувствувам непријатно. Ќерка ми ја растам да не се оптоварува со работи кои ги разбира како должност. Нејзината почит ќе ја заслужите со односот, а не затоа што е некој авторитет. И еве ја, веќе е 7-мо одделение, ама знае и ден-денес да си ги посети наставничките кои ја учеа заклучно со петто одделение, затоа што има изградено однос со нив, кој е полн доверба и взаемна почит. Имала и сум имала среќа да и’ се погодат такви. И сега ја имам таа среќа. Нејсе, сакам да одраснам дете кое ќе живее по свои правила и ќе знае да се избори за своите убедувања во животот.
Уште повеќе ме фрустрира фактот што голем број жени се’ уште го чекаат тој еден ден во годината за да се дотераат и да појдат во кафеана. Побогу, па мајка ми која за десетина дена ќе полни 70 го прави тоа со другарките, кога ќе им се присака. Зошто не сте слободни и ослободени од туѓото мислење? Не чекајте добар момент за да одите некаде, па макар тоа биле и тури до ваму или онаму. Негувајте ги пријателствата со тоа што ќе одвоите време за оние со кои си го имате муабетот. Како да е нормално дека жените по дифолт ги прифаќаат пријателите од сопругот и забораваат на сопствените желби и потреби. Имам потреба да седнам на кафе и ручек со другарки. Да зборуваме, да разменуваме мислење, да си ги тапиме мозоците и потем да се смееме на глупостите што ги тропаме.
Не се плашете да живеете надвор од рамките. Пресреќна сум кога гледам дека се организираат разни дебати пред фамозниот мартовски празник на кои се дискутира дека жената не ја прави жена еден празник и подарено цвеќе. Дека жената не треба и не смее да биде третирана само еден ден во годината. Секојдневната грижа за семејството и домот не е само работа на жената, туку на целото семејство. И знам дека ќе добијам коментари кои ќе алудираат на мојот феминизам, но да ви кажам искрено баш и не се потресувам. Ако можам да работам 2 работи и да носам приход со кој семејството живее, не го сметам за подвиг доколку партнерот измие чинии или испегла. Ако можам секој ден да излегувам од дома во 7 часот изутрина и да се враќам во 20 часот, без око да ми трепне, не сметам дека е нуклеарна физика мажот да знае да спреми ручек или да вклучи машина за перење алишта или чинии. Татко ми знае да готви, знае да зачисти и знае се’ да заврши за домот. И никогаш не сум го слушнала да направи поделба на машки и женски работи, освен кога е во прашање бирање теписи за дома. Тогаш јас го јадам стапот и акам со мајка ми по продавници (едвај и’ го чекам изразот на лицето кога ќе го прочита ова).
Ќе ме искара за ова една моја драга ФБ пријателка, ама јас сум машка жена. И можам се’ сама. Дали ми е смачено? Тоа е веќе друг муабет и друга тема која ќе ја оставам за некој друг понеделник. Сакам да ви кажам следново.
Изнесете ги мажите на вечера на 19 април...што да не? Што е 19 Април? Ден, сосем обичен и сосем добар за семејна вечера. Дотерајте се и блеснете. Оздола натнете секси веш и уживајте во вечерата. Секако, не заборавајте и вино да порачате.
Ослободете се и ослободете ги вашите партнери со неважни празници. И на 9-ти Март ќе бидете она што сте...слободна, секси, убава, успешна и независна ЖЕНА.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Никогаш нема совршено време за љубов,
како да се случува токму тогаш кога не треба,
како спас од дамнешни неизлечени љубови,
или како спас на човек од сам себе,
или токму тогаш кога ќе научиш да си сам,
да си безбеден во тишината и сопствената сенка,
небаре сто животи имаш, па во овој од бол ќе куртулиш.
Никогаш нема совршено време за разделба,
а јас би сакала да е поинаку, ете некој,
некогаш да прогласи дека од 19-21 часот е време за збогум,
дека секое заминување во тој интервал ќе е безболно,
а потоа како во бајките, со волшебно стапче,
сите сеќавања ќе бидат избришани,
небаре никогаш не се случила љубовта.
Никогаш нема совршено време за смрт,
барем јас не сум сретнала некој што ќе рече
“ајде, спремен/на сум, завршив се’ што требаше на земјава”,
па смирено да ја дочека смртта како што и’ доликува,
пречекана со насмев и нагостена,
служена со должна почит и внимание,
небаре за свадба сватови се пречекуваат.
Никогаш нема совршено време за плачење,
или воопшто не ми доаѓа плачот,
како попатно да сум го изгубила некаде,
или ме фаќа среде улица, среде муабет,
па трепкам да одминат солзите, подголтнувам,
се смешкам и дрдорам што ќе ми дојде,
небаре ќе ги убијам во себе, да пресушат кутрите.
Никогаш нема совршено време за “те сакам”,
ниту пак совршено време постои за “ми требаш”
а совршен момент ниту за “во душава си ми” нема,
та мериме, кроиме, се пребројуваме,
времето го колнеме дека не се потрефуваат работите,
и животот завршува дур ние уште го бркаме совршениот миг,
небаре некогаш повторно ќе се родиме во време совршено за се’.