Сите сме доживеале по некоја љубов која оставила на нас траги. Некои се надминливи по 2 пакетчиња палома марамчиња и муабет до бесвест со најблиските. Не постои ништо полековито од тоа да се опкружите со оние кои ги сакате и да се сложите дека дотичниот бил “вол” и дека тој губи, а не вие. На помлади години, тоа минува и со наоѓање нова симпатија и излегување секоја вечер, журкање и запознавање нови луѓе. На тие години, после раскинувањето на врска девојките ќе се дотераат и ќе му покажат на мангупот што изгубил!
Со некои љубови не оди на полесниот начин. Со некои љубови не оди на ниту еден начин, додека еден ден болката сама не одлучи да си замине и да се чувствувате излечени. На повозрасни години, не помага ниту муабет, ниту излегување. На повозрасни години секој удар е потежок и треба повеќе време за залекување. Знам што зборувам!
Можеби тоа е затоа што сметаме дека сме веќе доволно возрасни за било што да не’ изненади или разочара. Доволно возрасни за да знаеме разумски да се справиме со чувствата. Доволно возрасни за секој удар да го поднесеме со насмев и да кажеме дека така требало да биде.
Тикви! Како па да не!
Се извинувам вака, со полни 46...и за некој месец 47, јас не научив да бидам возрасна кога е љубовта во прашање. Не научив да бидам разумна и да дозирам во она што го давам. На моиве скоро 47, останав дете кога е љубовта во прашање.
И не само кон партнер. Кон се’ за што имам било каква емоција. Скокам, дрдорам, еуфорична сум. Смешно или не, таква сум. Радоста ми се гледа на секој чекор, начинот на кој зрачам, енергијата која ја давам, очите ми светат, се смешкам секому.
Љубев.
Многу љубев. Љубев онака како што никогаш никого не сум љубела. И како што тоа секогаш бива, изгледа дека ја љубев мојата идеја за љубовта и илузијата која сама себе си ја сервирав, без да помислам дека откако ќе ја изедам и испијам, ќе ми биде лошо. Лошо, до блуење, до затворање во себе. И почнав да ги препознавам таквите луѓе. Разочарани и осамени. Истото отсуство на сјајот во очи, истата шуплива насмевка. Некои се фанатици за зборови (здраво, јас сум Ана), некои опседнати со работата, некои вежбаат до паѓање од умор. И сите имаме нешто заедничко, тагата.
Чудни сме ние луѓето. Ги гледаме останатите и си мислиме дека нивните животи се подобри, посреќни. Никогаш не се обидуваме за загребеме под површината и она што ни се пласира. Ги земаме работите здраво за готово. Откако доживеав разочарување, внимавам повеќе на оние околу мене. Им го слушам тонот, а не зборовите. Им ги гледам очите, а не шминката или маската. Пред некој ден еден мој драг човек ми рече “знам дека ти е тешко, иако ја имаш ставено онаа маска пред сите за не те видат”. Тоа ме здоболе. Оти некогаш ми доаѓа да врескам и така врескајќи да кажам “е не е фер!”. Не е фер да си излажан и да си изманипулиран. Не е фер да си само начин со кој некој ќе си ја докаже сопствената вредност преку тебе, без да води сметка за твоите чувства.
Денес (сабота) постирав песна во која се вели:
Да си најдиш чоек рамен на тебе
кој ќе ти ја љуби и сенката
кој и својата во твојата ќе ја гледа
и да те чува ко капка вода на рака
ко жеден чоек во пустина да те гледа
ко да си му зеница
ко да си нешто што не видел никојпат ...
И меѓу другите коментари, ми беше мака што имаше и онакви во кои веќе немаше верба дека таквите луѓе постојат. Ми беше мака оти луѓето се имаат толку многу разочарано во односите, особено љубовните, што повеќе не ни бараат љубов. Мислам дека ќе ме снема оној миг кога ќе престанам да верувам во љубовта. Оти таа љубов не е само кон маж...тоа е онаа универзална љубов која ме крепи.
А сум го јадела стапот по грб. Оооо, како сум го јадела. Да не можам да јадам, спијам, да не можам да се кренам од кревет, со панични напади, со малодушност и страв дека самотијата ќе ме изеде. Да не се разбереме погрешно. Сакам да сум сама, ми треба за да си ги средам мислите, да се спастрам во умот. Ама како што велеше баба ми “сам чоек за ништо не е”. Не бегам од сопствената одговорност за промашената љубов. Знаците ми ги бодеа очите. Човек кој зборува само за себе и своите проблеми, без да ме праша како ми поминал денот! Човек кој кога сум била болна не ме прашал дали треба да ми се најде! Ама пуста љубов нема очи, има само уши кои сакаат да слушаат празни зборови.
Сега работам на себе. Или, да не ве мафтам, си го откорнувам џигерот и се преиспитувам за секоја постапка. Уште сум во фазата на шок и гнев, за да ги замени тага. Не тажам по чоекот. Тажам по љубовта која ми била жива, како дете. Која отишла некаде од каде што нема враќање. Веројатно, оваа моја исповед тука е начин на збогување.
Не ми е срам да кажам дека патам. Не ми е срам да кажам дека љубев некоj што не ми возврати. Срам ми е што не се слушав себе. Што бев слаба за да пресечам во оној миг кога станав свесна оти е еднонасочна. Не е гордост. Не признавам гордост кога е љубов во прашање. Сум рекла и повторно ќе речам. Коленичам само пред деца и љубов. Толку.
Ама уште имам верба. Имам верба дека за секој од нас има втора половина која ќе не’ прави да сме цели. Имам верба дека постои љубов во која луѓето само ќе го извадат најдоброто од себе и од другиот. Дека така стануваме подобра верзија од себе.
Верувам!
И ќе верувам додека сум жива дека има односи во кои ќе сме полни нежност и почит. И кон себе...и кон тој до нас.
Верувам...и сакам да верувате! Верувајте, оти велат дека оној кој не верува во магија, нема никогаш да ја најде.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Љубов
Како нож до коска
Како свила на кожа
Како мрежаста чорапа на мазна нога
Како неколку капки парфем зад увото
Како коса замазнета и собрана угоре
Како прстен на домалиот прст
Како заглавена школка во песочен часовник
Како престегната вратоврска на голо
Како твојата дланка во која мојата се поти
Љубов
Од која ти доаѓа нож и вилушка да земеш
И на совршено наместена трпеза
Во порцелански тањир со салфета отстрана
Срцето да си го извадиш со маникираните нокти
Мирно да ги замиеш рацете
Во длабок лавор полн со лимонова вода
И без збор да го исечеш на идентични парчиња
Со скромниот прилог од грашок и малку брокула
И на секој касај со салфетата (во боја на чаршафот на масата)
Уредно да ги забришуваш аглите на усните
Преклопувајќи ја на четири
Љубов (ти вреска во умот)
За која си спремен за умреш наместо да живееш
Да убиеш наместо да зачнеш живот
Рацете во црвено да ги офарбаш наместо да ти обелат
Оти срцето си го убиваш и за вечера го спремаш
А куќата ти е полна гости
Ама ако (си велиш)
Ќе има доволно за сите да се заситат
А никој околу тебе не забележува
Дека зборуваш и се смееш со дупка во градите
Та дури и низ неа се гледаат и дрдорат
Дрдорат дур не ти се приблуе
Дур во твојот ум не почнеш еден по еден да ги сервираш
И тоа ете насмев ти измамува
И одмавнуваш со раката кога некој ќе те потпраша
Само велиш оти нешто си се замислил
И седнуваш повторно на своето место
Продолжуваш со истата сласт да си го џвакаш срцето
Потсетувајќи се да го запомниш рецептот
Без да го запишуваш во нотесот
Љубов (ти се згрчува желудецот)
Љубов од која виното на киселина ти мириса
А во стомакот ти скиселува како да ти се распаѓа утробата
И си велиш едно време, доста е
Стануваш елегантно
Ја подместуваш столицата напред кон масата
Со љубезна насмевка им посакуваш добра ноќ на гостите
И си заминуваш од сопствениот дом
Без ниту еднаш да се завртиш
Во потполна и лековита тишина
Со дупка во градите
Низ која толпата од која бегаш
Гледа дека го повикуваш лифтот
Ги затвораш вратите зад себе
Притискаш за најдолу
Иако во себе знаеш дека угоре одиш
Љубов
Тивко во себе си шепотиш
Љубов
Купуваш шеќерна волна
Љубов
Ја сместуваш онаму, срцето кај што ти беше
Љубов
Исчезнуваш во метежот со розово во градите
Љубов