Пред 16 години Викторија Спенџарска Стин одлучила да не конзумира месо, сега има инста блог за веганска исхрана: Доволни ми се 10 минути да создадам магија во кујната

Добивај вести на Viber

Инстаграм е социјална мрежа но и место на кое ќе најдете интересени профили. Од такви за облека, мода па се до здрави рецепти и веганска исхрана.

Нашето внимание го привлече Инстаграм профилот на Викторија Спенџарска Стин која е дефинитивно инспиративна мајка. Таа води веган блог и има навистина корисни совети и за мајките.

Вики е мајка на две ќерки, Љубљана и Емона а за Женски магазин ни раскажа повеќе околу нејзиното блогерство и за нејзиното откажување од месото.

*Ние те знаеме како Вики веган блогерка на Инстаграм, но и сестра на водителката Јелена Спенџарска. Запознај ги нашите читатели - која е Викторија Спенџарска Стин 

-Да бидам најискрена, никогаш не ми било лесно да одговорам на прашањето „Која си?” затоа што самата човекова природа е променлива, секојдневно истражуваме и откриваме нови аспекти од себе. Ова е многу длабоко прашање со уште подлабок одговор, но за да не се оддалечуваме многу од темата, да одговорам на начин кој би ги интересирал читателите. Јас сум жена чија што најголема страст е храната. По дефиниција храна е она што го предизвикува нашиот раст и развој. Така да јас сум жена која е 100% фокусирана на храната, на својот раст и развој, на себе и на своите деца.

Мајка сум на две ќерки, Љубљана и Емона и веќе скоро две години живееме во Берово.

*Твојот Инста профил привлекува внимание бидејќи изобилува со рецепти. Можеш ли да ни раскажеш за твоите почетоци, како се роди идејата за него, дали тоа е само твое хоби или и начин на заработка?

-Како што спомнав, храната отсекогаш била едно од моите омилени полиња на истражување, а тоа кулминираше кога пред 16 години се одлучив повеќе да не конзумирам месо. Во тоа време немаше таков пристап до намирници како што имаме сега и морав да ја развијам својата креативност во кујната (се смее) . 

Мојот инстаграм профил го активирав пред три години, додека сѐ уште живеевме во Калифорнија. Во град како Лос Анџелес може да најдете било каква намирница од било кој дел од светот и таму буквално се опседнав со пробање нови овошки и зеленчуци и со експериментирање во кујната. Готвев со многу љубов скоро секој ден и после некое време тоа се претвори во мал бизнис за домашно приготвена веганска храна. Го водев исклучиво преку инста профилот (тогаш veganvikiinvenice) каде што споделував фотографии и рецепти и луѓето можеа да си нарачаат храна за носење.

Кога се вративме во Македонија продолжив да споделувам вегански рецепти кои беа многу добро прифатени. Профилот полека но сигурно растеше и еве не денеска тука.


*Како ги смислуваш рецептите, од каде црпиш идеи, кој е задолжен за твоите фотографии – дали сама ги правиш фотографиите?

-Непресушен извор на инспирација и идеи е мојата инстаграм заедница. Доволни ми се 10-тина минути на Инстаграм за да се инспирирам, да се втурнам во кујната со музика во позадина и да почнам да создавам магија (се смее) . Рецепти смислувам зависно од намирниците кои веќе ги имам и однапред си планирам оброци за наредните неколку денови.

Што се однесува до фотографиите, ги правам сама. Можеби изгледаат едноставно, но позади секоја фотографија се кријат многу часови работа.

*Имаш голема поддршка од следбениците на Инстаграм, можеш ли да ни кажеш кој е твојот клуч за успех во водењето на еден ваков блог, колку време и труд вложуваш?

-Мојата инстаграм заедница е еден магичен круг од (претежно) жени – кралици за кои јас сум неизмерно благодарна!

Верувам дека тајната за успех е да бидете свои и да не се откажувате. Без разлика кои се вашите интереси, желби или таленти, доколку јасно ги изразувате ќе бидете споени со личности кои имаат слични интереси, желби и таленти и меѓусебно ќе резонирате и ќе се инспирирате. Сите ние сме уникатни единки и носиме уникатен печат. Не плашете се да му ја покажете својата уникатност на светот!

*Како откажувањето од месото влијаеше врз тебе, како ја донесе одлуката?

Кога бев мала бев сведок на колење на животно и сета таа енергија ми создаде голема одбивност кон месото. Одлуката да се “откажам” од месо ми беше прелесна. Тешкиот дел беше објаснувањето на блиските зошто го правам тоа и тесниот избор кога одевме на ручек во ресторан.

*Можеш ли да ни откриеш како изгледа твојата исхрана, кој е твојот омилен ручек?

-Најмногу обожавам да јадам овошје. Овошни салати, смути, со овесна каша, чиа пудинзи, acaibowls… исто обожавам да јадам (и правам) разни чорби и супи (а и децата многу ги сакаат) така да најчесто го јадеме тоа. Кога не ми се готви правам паста (омилени ми се од црвена леќа и ориз и пченка) во доматен сос или сос од индиски ореви.

*Што најчесто бараат мајките на Инстаграм од Вики?

-Совети околу исхраната, рецепти за бебиња/тодлери, совети околу чиста козметика.


*Вие сте мајка на две ќеркички – како изгледа еден твој ден, како успеваш да ги комбинираш обврските со блгерството. Колку се заинтересирани да ти помагаат во она што го правиш и колку внимаваш на нивната исхрана како мајка?

-Уфф...секој ден ми е многу поразличен од претходниот. Откако децата тргнаа на градинка почнав да си посветувам повеќе време на себе. Читам повеќе, слушам едукативни содржини, готвам, создавам...едноставно се трудам да правам работи кои ми ја радуваат душата.

Откако ќе ги земам децата од градинка одиме во парк (тоа ни стана како некој убав ритуал) па одиме дома. Заедно ја местиме масата, можеби заедно правиме салата доколку претходно немам направено и ја користам таа прилика да поминеме квалитетно време заедно. Се трудам колку што можам почесто да ги вклучувам во извршувањето на домашните обврски, готвиме, чистиме, средуваме заедно...децата имаат вроден интерес за се она што го прават родителите. Ние сме тие кои не одговараме на тој интерес и често им всадуваме непотребни убедувања како “не можеш, не знаеш, мал/а си за тоа...” Работам на тоа да ги освестам тие паттерни кои нам (несвесно) ни се всадени од нашите родители за да не ги пренесам на моите деца.

Што се однесува до исхраната, дома ништо не е забрането. Децата јадат буквално се што јадам и јас и многу ме радува што во ера на ултра процесирани продукти тие преферираат вистинска храна. Но, не им се забранети ни грицки, благо...


*Во кој правец планираш да го развиваш блогот на Инстаграм. Што може да очекуваме од тебе во иднина?

-Во овој блог секојдневно истурам многу љубов и имам големи идеи и замисли ама се во свое време.


*Твоја порака за нашите читатели?

Инстаграм може да биде многу инспиративна платформа, но може да го има и сосема спротивниот ефект доколку се споредуваме со луѓето кои ги гледаме. Не заборавајте дека сепак она што ни е презентирано е само мал сегмент од животот на една личност и никогаш не знаеме со какви предизвици се соочува истата. Затоа не се споредувајте со други личности туку учете од нив, црпете инспирација, мотивација и се она што ви е потребно за да си го направите живот поубав.


Фото: приватна архива


Ирена Ставрова