Пред и после смртта

Добивај вести на Viber

Вчера бев Битола (не, немам грешка и не ми фали ”во”, туку го кажав токму онака како што е по битолски). Тргнав со време, нормално на најжешкото! Некаде накај Плетвар почна да ме фаќа она чувство кое не се опишува со еден збор. Страв, тапа болка во стомакот, па почнав да се препотувам (не беше до хормоните, а и климата си работеше уредно). Како наближував кон Битола, болката од стомакот почна да ми се шири нагоре, накај грлото. Знам, секогаш знам од што ми е. Враќање и навраќање на детството и она чувство на загуба дека е неповратно отидено.

Нејсе, се најдов со Тихомир (Јанчовски, нормално!), ги однесовме книгите бо Бар чаршија, кое е едно од оние места кои одма се лепат на душа и се прибрав во соба да се средам. Среќа што бевме кнап со времето и немав време да се мачам со стомакот и грлото кои не попуштаа. И еве, излеговме накај 8 часот, дотерани (ко за поетско читање) и бидејќи дувкаше, решивме да одиме пеш. Нема да ве замарам со тоа како беше читањето и атмосферата, кои ќе се паметат уште долго. Нема да ве замарам со пеењето на Добрила, која успева од она ситно тело да извади моќен глас, што мене ме фасцинира секој пат кога ја слушам. Мина вечерта, преморена си легнав, со ниет дека следниот ден ќе појдам на гробишта кај баба ми и дедо ми, а потоа ќе им се нацртам на моите во Охрид да ги изненадам и да го изгушкам и изнамирисам детето.

Сабајлината уште рано, тргнав. Патот за гробиштата го знам и со замижани очи. 

И не појдов!

Застанав со колата, свртев и се упатив накај Охрид. Бев дури и како во некој транс, не размислував што правам, туку само го сторив она што ми го наложи душата. За мене баба ми и дедо ми не се таму. Таму само им лежат коските. Не поминува ниту еден ден, а да не се сетам на нив. Не поминува ден без да им го видам ликот, како да се тука, пред мене. Во мојата глава, ниту куќата им е срушена, ниту тие двајца се два метра под земја. Тука се, во мене, околу мене и што е најважно, живи се!

Никогаш не сум била нешто посебно побожна. Почитувам религии, убедувања и адети, до оној момент додека тоа не е нешто што се наметнува на околината. А баба ми си беше побожна. Паметам една случка која ми ја кажуваше мајка ми, додека шетале со неа по плажа во Охрид. Си муабетеле, кога наеднаш баба ми застанала и ја зграпчила мајка ми за рака со голема возбуда:

“А ле! Виолета, види ја жената...плети!”. Мајка ми, смирена и’ рекла: “Е добро бе мама, плети.” На тоа, баба ми со строг глас ја известила дека тој ден бил некој верски празник и дека било забрането да се работи. А најинтересно е дека се запнала да оди и да и’ каже на жената. Ма какви убедувања! Баба ми беше жена што го правеше она што ќе го наумеше. Мајка ми ден-денес се смее кога го раскажува тоа:

“И тргна! Ја гледам, оди кај жената и и’ се извинува за вознемирувањето, ама морала да и’ каже за празникот. Да не видев со свои очи, немаше да верувам! Жената го фрли плеталото и почна на цел глас да се заблагодарува оти не и’ текнало на празникот”. И не, не завршува тука приказната. Крајот е дека со горда насмевка, баба ми се доближува до мајка ми и вели: “Ете, уште еден плус кај Господ”.

Не верувам во адети. Едноставно, не верувам. И не мислам дека должното почитување кон луѓето се искажува откако ќе заминат од овој свет. Ако не ги чувате, ако не се грижите за нив додека се живи, налет палењето свеќа и раздавањето за душа. На човек, барем според мене, треба да му се храни душата дур е тука, а не да се раздава за неговата откако ќе си замине. Познавам луѓе кои кај своите блиски одат ретко, кои не нашле време (читајте, желба) да ги посетат, да помуабетат, да се најдат кога им требаат. А откако ќе си умрат, тогаш секоја недела се редовни посетители на гробиштата. Дали совеста се мие така? Не знам! Знам само дека ми е мака што не сум одела и почесто во Битола. Но, одењето на гробишта не ми ја надоместува загубата, ниту ми дава утеха.

Познавав човек кој користеше милион шупливи фрази кои никогаш не ги применуваше. Да, бивша љубов (ако тоа ве интересира, а можеби и не). Една од нив беше дека кога ќе умира, јас ќе му бидам последната мисла. Тоа го имам дури и во песна ставено, која веројатно ќе оди во прилог на текстов. Налет ако сум ти мисла! Затоа си бивша, а не сегашна љубов! Налет од празни зборови кога дур е човек жив не наоѓа начин како да го минува времето со саканите.

Не поминува ден без да се слушнам или да си пишам со оние кои ги сакам. Не минува ден без да им кажам дека ги сакам и да им покажам дека се посебни. Дека ми вредат цело едно богатство кое нема мерка со ништо освен со чувството на спокој и среќа што ми се тука, што ме удостоиле со своето присуство во мојот живот. За тие луѓе сум спремна во ниедно време да натнам нешто на себе и да појдам ако им требам. За тие луѓе немам изговори, немам во муабетот “не знам” или “не можам”. 

Абе можам-затоа што сакам.

И знам-затоа што ми се важни. Важно ми е да се добро и да им е се’ како што треба. За тие луѓе сум спремна да се степам и ќотек да изедам (иако сум мирна по природа). И нив ги сакам сега и овде! Без драма и без патетика.

Кога ќе умрам, не сакам да ми се точкате на гроб. А се надевам дека до тогаш ќе има крематориум (иако малку смешно ми е ако внуците ја превртат урната, па ќерка ми ќе треба да им рече “деца, усисајте ја баба”) и дека нема никому да сум му обврска.

Кога ќе умрам, не сакам да ми читате поезија на гроб, ниту сакам да се плаче.

Кога ќе умрам, сакам да се слави животот кој сум го живеела и кој бил убав и исполнет со љубов...онаа универзалната, кон се’ на овој свет.

А до тогаш (оти планирам уште долго да ве малтретирам со писанија) сакам да пијам кафе со моите сродни души, сакам да наоѓам нови луѓе со кои ќе ми се случи “клик” на душите. Сакам да мезам салата и ракија, да се смееме на сосем неважни работи, да мудруваме за смисолот на животот и пак ништо да не знаеме за него.

Дур сум жива сакам да љубам! Без скржавост и без напор, без суета и тежина.

Дур сум жива...сакам да сум жива!

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Ко ќе ти речи некој 

Оти последна мисла ќе му бидиш 

Пред од овој свет да си замине 

Да го отераш во мајчината 

Море и до трето колено сите да му ги наредиш 

И да му кажиш оти ако мисла не си му бил 

Дур заедно сте биле 

И за рака сте се држеле 

Дур срцата ко едно ви чукале 

А душите распослани 

И навлезени една во друга ви биле 

Џабе шо ќе те мисли пред да умира 

Налет да е таквата мисла 

Кога животот ви минал помеѓу два убај зборој 

И безброј празни денови шупливи ко дрво црвосано 

Налет да е мислата за тебе пред смртта 

Кога низ векот шо сте го терале 

На тебе не мислел чоек 

Како да чува и како од зло да те пази 

Како она со тебе шо го има да го сочува 

Тебе да те чува 

Ко мајка првото исечено косиче од дете 

Шо цел живот го мириса 

Ко жена шо до смрт невестинскиот фустан 

Секоја година на ист датум 

Од нафталин го ваѓа и никој да не ја види, го пробува 

Абе да те чува ко дете шо го стиска мечето од кадифе дур спие 

Ко маж во војска појден ноќе сликата од девојката ко ја пули 

И кришум солзите ги брише 

Налет да е мислата за тебе пред чоек да умри 

Ниту таа него од смртта ќе го спаси 

Ниту тебе чоекот ќе ти го оживеј 

Ниту еден од вас ќар од таа мисла ќе има 

Ако тогаш рака в рака не сте 

Како утеха 

За последниот здив да не боли 

Како аманет 

За и на оној свет да се чекате 

Да се познаете и повторно да се љубите 

Налет да е мислата 

Налет и ти сосе неа 

Никојпат не сакав така да ме љубиш 

И не сакав последна мисла да ти бидам 

Сакав 

Ете само сакав ко ќе ни дојде времето 

Еден до друг да сме 

И да се присеќаме како било кога млади сме биле 

Да се посмееме небаре смртта ќе ја залажеме 

И неосетно да заминеме 

Со мисла куќа и на друг свет да закуќиме 

И дечиња низ неа да трчаат 

Рака в рака 

Душа в душа 

Налет љубовта 

И твојата последна мисла за мене шо ќе е 

И мојата шо можи за тебе ќе биди 

Налет мислите во умовите 

Кога срцата без љубов ни останаа 

Без љубов ни остинаа