Пред огледало со Анѓела Јакимовска: Лицето ја раскажува приказната и без зборови

Добивај вести на Viber

Познатата поранешна водителка на естрадниот магазин „Бекстејџ“, како и мисица Анѓела Јакимовска која се здоби со многу титули за убавина низ целиот свет, пред огледалото на Женски Магазин ги откри своите ритуали за убавина.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Не случајно е кажано дека убавината доаѓа одвнатре па освен што ова се однесува на карактерните вредности ова се однесува и на нашата физичка убавина. Односно како го третираме телото одвнатре така ќе зрачи и однадвор. Токму затоа мојот дневен козметички ритуал е пиење доволно течност односно вода како најздрав пијалок и најпотребен за кожата и телото, потоа практикувам секојдневно чистење на лицето со мицерална вода и секако за почеток на денот негувам позитивни мисли. Лицето ја раскажува приказната и без зборови.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Грижата за себе е од исклучителна важност, бидејќи кога добро се третираме себе си, на истиот начин ги третираме и другите. Она што е најважно е да се чувствуваме удобно во својата кожа, а кога е во прашање грижата на лице користам кокосово масло, ноќна крема, мицеларна вода и тоник за лице, а еднаш неделно практикувам да ставам и маска за лице.


* Посетувате ли козметички салони?

- Секако дека посетувам козметички салони, но не опсесивно. Сакам умереност во работите, но секако дека козметичките третмани го зголемуваат чувството на самодоверба. Претходно поради секојдневните телевизиски ангажмани мој соработник беше познатиот и еден од најдобрите стилисти во Македонија - Љупчо Бубе Петрушевски, па за најголемиот дел од професионалните ангажмани се подготвував токму во неговиот салон, а исто така моментално соработувам и со уште еден салоно за убавина.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Негата на коса е дефинитивно долготраен процес. Пред сè потребно е редовно кратење на косата, како и избегнување на секојдневно пеглање, фенирање, виткање односно горење на косата. Јас ја користам професионалната маска за коса на „Ревлон“ , наменета за оштетена коса којашто дефинитивно ги обновува врвовите и ја прави косата помека. А исто така користам и силиконски капки од арган коишто ѝ даваат свиленкаст изглед на косата.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Многумина велат дека очите ми се најизразен дел од лицето, така што најмногу сакам да ги нагласувам очите со шминка. Грижата за себе почнува од оној момент кога вистински се прифаќаме себе си, така што не постои нешто што би сакала да го сокријам со шминка. И предностите и мааните се наш заштитен знак и не прават уникатни и посебни.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Јас сум им најлојална на производите на „Виши“ почнувајќи од нивните хилајуронски креми, витамински серуми како и пудрите за лице.


* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

-Во мојот несесер секогаш носам мат кармин, молив за усни, камена пудра, парфем и влажни марамици.

* Омилен парфем?

- Велат дека изборот на парфем кажува многу за личноста. Јас ги сакам оние гурмански мириси на ванила, чоколадо, бадеми, мед итн. Сакам парфеми коишто оставаат траг и прават жената да биде запаметена. Парфем којшто моментално го користам и сум презадоволна е парфемот „Giorgio Armani Si“.

* Како ја одржувате линијата?

- Тајната е во природата и континуираната нега, односно начинот на живот. Доколку не сум во теретана, спортската активност ја заменувам со возење ролери, планинарење и пешачење, а исто така обожавам и пливање. Впрочем не пушам и не пијам, а избегнувам и газирани пијалоци. Ја сакам природата, така што ужвам во прошетки на чист воздух. Во однос на исхраната сакам да консумирам свеж зеленчук и овошје, а избегнувам преработена храна и наминици коишто содржат големо количество на шеќери. Не постои голема мистерија околу оджувањето на физичката форма, едноставно го сакам своето тело и практикувам умереност. Кога немаме баланс со емоциите тогаш најчесто јадеме од здодевност и секако ја запоставуваме физичката активност. Најважна е умереноста во нештата, кога патувам некаде сакам да дегустирам храна па дури и да не е на листата за здрави намирници, но секако во ограничени колични. Едноставно сакам да уживам во животот.


*Д.К.И.