Пред Огледало со Елена Стојановска: Вежбам кампањски, со спортот сум на вие
* Kаков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Во суштина имам само еден ритуал, а тоа е никогаш да не заспивам со шминка на лицето. Инаку, стандардно, лицето го чистам со мицеларна вода, со благи бебешки сапунчиња од ќерка ми и нанесувам богат слој крема затоа што имам сува кожа.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Веќе мојата кожа спаѓа во зрела и сега на овие години се обидувам да употребувам посериозна козметика. Но, верувале или не, јас уште не можам да отстапам од детските витамински креми затоа што само така мојата кожа е заситена со влага. Во последно време почнав да ја користам и кремата од полжави , но и серумот на Есте Лаудер за ноќно возобновување. Од корективна козметика многу ја почитувам линијата на Есте Лаудер и Буржоа, од пудра, римел, сенки и моливи. Искрено, не менувам многу и се држам до веќе испробани работи.
* Посетувате ли козметички салони?
- Не многу. Ако имам желба да го освежам лицето одам на дерматолог еднаш во годината. Во салон сум најчесто за масажи или за средување на ноктите кај моите пријатели „Спектра наил бар.“
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Сакам долга коса и тоа е тоа, имам иста фризура со години, варијантите се само дали шишките ми се малку подолги или покуси. Линијата за коса на Inebrya & Alterego на Silk solutions е мој избор и тоа онаа за долга но сјајна и здрава коса. Ги менувам нивните производи во лето и зима, ама се држам до брендот.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Искрено, најчесто сум без шминка. Веднаш по емисија затоа што имаме тешка телевизиска шминка гледам да ја отстранам, премногу ми е сценска за така да се шетам. Приватно, сакам да го прикријам заморот на лицето и да изгледам свежо, а сакам и да ги истакнам очите.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Серумот на Есте Лаудер за ноќна нега, нивниот коректор и изедначувач на кожата на лицето Idealist, римелот на Лореал и сјајот на Maybelline, Wonder woman Sister и ми е подарок од сестра ми.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
Секогаш имам сјај за усни, руменило и се разбира огледало.
* Омилен парфем?
- Знам да менувам парфеми, Келвин Клајн One summer, Versace Woman, ама секогаш без разлика на сезоната јас сум вљубена во Omnia Crystalline Bvlgari.
* Како ја одржувате линијата?
- Сите кои ме познаваат знаат дека со спортот сум на вие. Вежбам кампањски и никогаш не се претворив во некој спортски тип. Најчесто место член јас сум спонзор на теретаната затоа што ќе платам членарина и не одам. Но, сакам да пешачам и мислам дека тоа многу ми помага.
Милица Џаровска