Пред огледало со Ели Пешева: Косата е една од играчките на кои не им се потресувам
Шарматната директорка за комуникации во компанијата „Њу Момент“ и идеолог на продавницата за слатки „О ла ла“, Ели Пешева е жена која освојува со својата насмевка, оригиналниот стил на облекување и специфичната фризура која ја негува со години. Ели, која е сопруга и мајка на две ќерки има интересни ритуали за убавина за кои раскажа за Женски магазин.
* Kаков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Обратно пропорционален со бројот на годините. Ако порано едвај сум чекала секое утро да испробам нови варијанти на шминкањето, комбинации со гардероба,со фризура, со расположение, сега многу често ми се случува, доколку знам дека нема да имам преинтензивен ден со работни средби или снимања, да ставам само дневен крем, да си дадам комплимент во огледало и да излезам.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- Повеќе од 10 години за нега на лицето ja користам козметичката линија на јапонската компанија „Шисеидо„. За мојата кожа, до сега не сум открила посовршени препарати. Ги користам кремите од линијата Future solutions „LX“, кои се генерално за позрела кожа,течната пудра и коректорот за подочници, а дневната крема е посебно добра во својата структура и содржи заштитен фактор 20, кој на кожата и е исклучително потребен во кој било период од годината. Со оглед на тоа дека декоративната козметика ми е скоро надвор од фокус, си дозволувам инвестиција и во кремите за нега на вратот, околу очите и усните, ноќна крема, серум и тоник. Верувам дека можеби звучи како зависност, но стигнав во добата од животот во кој препаративната козметика ми стана далеку поважна од декоративната.
* Посетувате ли козметички салони?
- Немам проблематична кожа и за среќа немам потреба да одам често во козметички салон. Одам на редовно оддржување еднаш во годината, но затоа надокнадувам со редовни масажи на лицето, вратот, главата или релаксација за телото.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Производите на „Локситан“ ми се совршени за оддржување на косата. Еднаш месечно фарбање, бидејќи откако не сум повеќе на телевизија, си ја остварив желбата за интензивна боја на коса, иако црвените нијанси ми варираат во зависност од годишното време. За мене косата е една од играчките на кои не им се потресувам. Сакам да експериментирам, долго, кратко, со шишки или без, права, виткана, дискретна или дречава боја, во Сретен и Јасмина од студио „Арт“, повеќе од 16 години имам целосна доверба. Едноставно не сум роб на надворешниот изглед и стереотипите.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Никако не можам да се изборам со подочниците. Ако не спијам доволно, доминираат, ако спијам премногу ми го менуваат личниот опис, ако сум под стрес се истакнуваат, едноставно никако не ми поаѓа од рака комплетно да ги сокријам, па веројатно се научив некако да се прифаќам со нив. Но затоа пак се трудам, кожата да ми е беспрекорна, тенот изедначен, а јаболчниците дискретно истакнати.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Кремата за тело „Terra de Lumiere“ на „Локситан“, дневната крема Future solution LX на Шисеидо, Intense coral карминот на макс фактор.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Несесерот најчесто ми останува дома, а во џеб од моите речиси секогаш големи чанти имам „Ланком“ безбоен сјај за усни, крем за раце од „Локситан“ и чешел.
* Омилен парфем?
- Најдолго, повеќе од 15 години сум верна на „Be delicious“ од Дона Каран. Тоа ми е идеалниот и најпрепознатливиот мирис и секогаш имам шишенце од него. Повремено, во зависност од сезоната, внесувам некој нов парфем, така на пример минатата зима експериментирав со „La femme“ на Прада, ова лето му припаѓаше на слаткастиот „Light blue – Italian Zest“ на Долче и Габана. Но потоа секогаш, се враќам на зеленото јаболко на „DKNY“. Често пати и моето семејство и моите пријатели ми велат дека баш тој мирис ги потсетува на мене, што претпоставувам е сипатичен комплимент дека добро сум го дефинирала парфемот како одраз на карактерот.
* Како ја одржувате линијата?
- Со феноменална паста што ја подготвува мојот сопруг, француски еклери, италијанска панакота и белгиско чоколадо, справите за вежбање, идеална доза на источна мудрост на медитација и јога вежби. И да, самодоворба, лекцијата и тактиката на која ме научи мојата драга јога инструкторка: никогаш да не пропуштам ниту едно огледало, ниту еден свој одраз во стакло без да си се насмевнам и да си дадам комплимент.
Милица Џаровска