Пред огледало со Каролина Гочева: Голем гурман сум, вежбам кампањски

Добивај вести на Viber

Една од најубавите и најнегувани наши поп-ѕвезди има проверен и едноставен начин на нега. Каролина Гочева како гостинка во предновогодишното издание на „Пред огледало“, откривајќи ги своите ритуали за убавина, вели дека со години мириса на ист парфем по кој ја препознаваат најблиските. Она со што сака да експериментира се кремите за сува кожа, и искрено кажува дека шминката во последно време ја сведува на минимум. Иако има совршена линија со години, Каролина изненадува со изјавата дека е голем гурман.   

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Немам посебен ритуал, само се трудам доволно да го хидрирам лицето, а единствено правило на кое се придржувам е никогаш да не легнувам со шминка.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Имам доста сува кожа па постојано испробувам различни креми и серуми за хидратација, во последно време исто практикувам и навечер да нанесувам арганово масло.

* Посетувате ли козметички салони?

- Одам кај истата козметичарка скоро 20 години, одам барем двапати месечно, секако зависно од обврските, но се трудам да се не пропуштам третман затоа што долгорочно навистина чувствувам позитивни резултати.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Кај квалитетот на косата забележав подобрување кога почнав често да ја потстрижувам, претходно од пуста желба за долга коса постојано се грижев да не ја скратам премногу, но сега практикувам потстрижување максимум на два три месеца.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Сѐ помалку сакам да се шминкам и сериозно шминкање практикувам само за професионални поводи, настапи, концерти, гостувања.. Приватно, шминката ја сведов на минимум, никогаш и не сум била љубител на шминка која менува личен опис, нанесувам малку течна пудра, руменило, малку сенка на очи и кармин во некоја природна нијанса, а ако сум нешто порасположена знам да ставам и црвен кармин.:))

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Сега во зимскиот период без конкуренција производ кој најмногу го употребувам е лабело и крема за раце.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Несесер носам само кога патувам, а вообичано за излегување не носам никаква шминка за да се коригирам, што е честа женска пракса. единствено секогаш го носам погоре спомнатото лабело:)

* Кој е Вашиот омилен парфем?

Многу тешко се навикнувам на нови мириси, не менувам парфеми и во текот на целиот мој живот до сега сум користела само неколку. Последниве десетина години користам Chloe и за сега немам намера да го менувам, а и сите мои блиски ме препознаваат по него.:)

* Како ја одржувате линијата?

- Голем гурман сум, иако претпоставувам никој тоа не го очекува и како таква не сакам да се лишувам од омилените јадења. Особено уживам во нашиве зимски празнични специјалитети, а веројатно единственото нешто кое ми ја одржува линијата е генетикатa, а и најчесто сум умерена во својот хедонизам. :) А да, вежбам кампањски од време на време, а последниве неколку месеци сум поприлично редовна.:)

M.Џаровска