ПРЕД ОГЛЕДАЛО со Надица Горгиева: Во чантата не носам ни козметика, ни огледалце

Добивај вести на Viber

Многумина сметаат дека токму таа е една од најубавите жени во Македонија, а Надица Георгиева го потврдува тоа и во петтата деценија од својот живот. Посветената сопруга и мајка, како и ексманекнка со успешна кариера зад себе, пред огледалото на Женски Магазин ги открива тајните на својата безвременска убавина.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?

- Наутро, после класично миење на заби и лице, нанесувам дневна хидрантна  крема со заштитен фактор, потоа ставам лесен „мејкап“ за преку ден и огледалото го заборавам. Навечер никогаш не легнувам со нечиста кожа. Обавезно миење и чистење на лицето со тоник за сензитивна кожа, нанесувам серум, па ноќна хранлива крема за позрела кожа. Тоа е се.

* Со какви препарати го негувате лицето?

- Препарати што може да се најдат во нашите продавници. Обично се за позрела кожа и доста хидрантни. Не е важно дали се скапи или евтини препаратите, важно е добро да одговараат на кожата, а тоа се чувствува после првото користење.

* Посетувате ли козметички салони?

- Да, околу 5-6 пати годишно.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса?

- Мојата коса е многу лесна за одржување, или што би се рекло пери - носи. Одам на фризер еднаш до двапати неделно. Било каков шампон и балзам ќе завршат работа. Тоа е тоа.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?

- Неман што да прикривам на моето лице. Кожата ми е чиста и негувана. Со лесен „мејкап“ , многу маскара и кармин во месо боја го добивам ефектот што го сакам. Преферирам истакнати очи, тие се огледало на душата.

* Кои се Вашите омилени козметички производи?

- Користам различни козметички производи. Омилени ми се кремите  на „Estee Lauder“, особено ноќниот серум „Night repair", мулти наменската крема „Eight hour" на Елизабет Арден, млеко за тело на „L'occitane“ и други.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Во мојот несер има само „мејкап“ и тој останува дома. Во мојата чанта не носам никаква козметика, ниту пак мало огледалце. Само неопходни работи, како портмоне, мобилен телефон, пенкало, клучеви и апче за главоболка.

* Омилен парфем?

- Парфемите ги менувам во зависност од расположението, но омилен за зимскиот период ми е „Knowing" на Estee Lauder, а за топлите денови „Chance" на Chanel.

* Како ја одржувате линијата? 

- Многу лесно, јадам сѐ што ќе посакам, но во мали количини,  или почесто 3-4 пати на ден, но помалку. Се хранам така како што јас мислам дека му одговара на моето тело, а не затоа што научниците ќе ми кажат што е здраво, а што не. Не јадам риба, не јадам сладолед и не јадам овошје. Едноставно не ми одговара. Не вежбам, но сум во постојано движење.. Пешачам многу, околу 10 км дневно и тоа ме одржува во одлична форма.

Даница Караташова

Фото: Дејан Миличевиќ