Пред огледало со Сања Лукаревска: Сама подготвувам маски за лице
Директорката на УЈП, Сања Лукаревска, го сака природниот изглед, а појака шминка преферира само кога има ТВ-гостување. Иако има динамичен ритам, негата на кожата ѝ е една од најважните дневни активности. Ќерката на познатиот актер Ѓокица Лукаревски своите ритуали за убавина ги открива специјално за „Женски магазин“.
* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Го преферирам природниот изглед. После нанесување на дневна крема за лице, нанесувам малку шминка, најчесто течна пудра, руменило, кармин и маскара. Појака шминка доаѓа предвид само доколку тој ден се предвидени телевизиски гостувања, кога за тоа најчесто се задолжени шминкерите кои се ангажирани од самата телевизија. Целосно се предавам во нивни раце со доверба и без посебни забелешки или барања.
* Со какви препарати го негувате лицето?
- За вадење на шминката и чистење на лицето користам мицеларна вода, нанесувам дневна и ноќна крема кои се наменети за мојот тип на кожа и возраст и се 100% природни. Често знам да користам и маски за лице кои понекогаш кога имам повеќе време знам и сама да ги подготвам.
* Посетувате ли козметички салони?
- Ретко. Мојата работа е динамична, брза, полна со обврски кои често траат по цел ден. Но, затоа дневната рутина за нега на мојата кожа, никогаш не ја прескокнувам.
* Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Негата за косата ја препуштам на мојот фризер. Во фризерски салон внимаваат што точно ѝ треба на мојата коса и какви третмани се потребни за да биде здрава и негувана.
* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Нема нешто посебно што сакам да прикријам со шминка, како што спомнав повеќе преферирам природен изглед, а можеби сакам да ги истакнам очите.
* Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Убави, квалитетни креми за лице и раце, како и млеко за тело со освежувачки мирис.
* Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Лабело задолжително, антисептик, кармин и маскара.
* Кој е Вашиот омилен парфем?
- Roses De Chloe
* Како ја одржувате линијата?
- Не практикувам строги диети, всушност не практикувам ниту една диета. Јадам што сакам, но сум повеќе љубител на лесна храна, зеленчук и овошје. Постојано сум во движење.
М. Џаровска