Пред огледало со Сара Сурлаџиоска: Современата жена најпрво се сака и цени себеси, а потоа и сите останати

Добивај вести на Viber

Младата пејачка Сара Сурлаџиоска која е дел од бендот „Тајфата“ е девојка која секогаш внимава на својот изглед, а во оваа прилика пред огледалото на Женски Магазин ги раскажа своите ритуали за убавина. Откри кој е нејзиниот омилен парфем, која козметика ја користи и како ја оддржува својата коса секогаш убаво средена.

* Каков е Вашиот дневен козметички ритуал? 

- Мојот дневен козметички ритуал почнува веднаш после првото утринско кафе. Откако добро ќе го измијам лицето со нежна, но ефективна пена, со благи потези нанесувам тонер, следуваат серумите и на крај ставам заштитен фактор и добра хидратантна крема. Вечерниот ритуал го започнувам со бришење на шминката, миење на лицето и завршувам со ноќна хидратантна крема.

* Со какви препарати го негувате лицето? 

Лицето се трудам да го негувам според неговите потреби. Користам повеќе различни серуми, кои ги нанесувам според јасните знаци кои ми ги дава мојата кожа- кога кожата ми е дехидрирана ставам хијалуронска киселина, доколку имам темни подочници ставам серум со 5% кафеин, а кога чувствувм дека мојата кожа го изгубила сјајот користам витамин Ц.

* Посетувате ли козметички салони?

- Да, посетувам. Поради тоа што константно користам сценска шминка, кожата често знае да ми биде прилично сува. Третманите кои што ги добивам се вообичаено третмани кои пружаaт длабока хидратација.

* Кои производи ги употребувате за нега на коса? 

- Кога станува збор за производи кои што ги користам за својата коса, станува збор за производи на природна база. Масло на рузмарин, арганово масло, оризова вода и се разбира спреј за заштита на косата од топлина.

* Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка? 

- Заинтересирана за шминка бев уште од најмала возраст. Доста експериментирав, со различни техники и производи па така научив што и како да истакнам и прикријам. Вешто ги прикривам темните подочници, а често ги истакнувам своите очи и сјајната кожа.

* Кои се Вашите омилени козметички производи? 

- Немам конкретно омилен производ или бренд за нега на кожата. Користам разни производи од линијата на „Еуцерин“, „Ревокс“, „Зјаја“ и „Афродита козметикс“.

* Што носите секогаш во Вашиот несесер?

- Мојот несесер содржи неколку серуми, добра дневна и ноќна крема, лабело, пилинг за усни, крема за акни и се разбира фактор за заштита од сонце. Кога патувам, што е доста често, знам и да понесам маска за лице или под очи.

* Омилен парфем? 

- Местото за омилен парфем го делат ,,Good girl”  на Каролина Херера и ,,Intense café” на Монтал.

* Како ја одржувате линијата?

- За среќа, имам добра генетика, но честите прошетки и напорните тренинзи во теретана не изостануваат. Исто така и внимавањето на исхраната до одреден степен и внесувањето на потребните нутриенти влијаат на одржувањето на мојата линија.

* Како би се опишале себе си? Што е она што Ве движи напред?

- За себе би кажала дека пред сѐ сум многу дисциплинирана, организирана, амбициозна, со секогаш јасна визија за било што и да работам. Понекогаш сум и по малку тврдоглава, но секогаш го остварувам она што сум го замислила.  Во однос на што е тоа што ме води напред, би споделила дека тоа за мене е поддршката од најблиските пред сѐ, која секогаш ми дава повеќе стимул и елан да направам нешто повеќе.

* Дали надворешната убавина е пресудна за оставење на прв впечаток?

- Секако дека не. За мене многу поважна е убавината на душата на еден човек. Неспорно дека физичката убавина остава одреден впечаток, но ништо не може да се спореди со добрината на еден човек.

* На која дама ѝ се восхитувате и зошто?

- Има доста дами од светот на познатите кои ми се допаѓаат, но само неколку на кои им се восхитувам. Иако информациите за неа ги знам само преку документарците и статиите за неа, Принцезата Дијана е симбол на елеганцијата, гламурот и хуманоста пред сѐ, а од новата генерација ме восхитува Зендеја која плени со одлична енергија, амбициозна и успешна на секое поле.

*  Каква треба да е современата жена?

- Доста дискутабилна тема би рекла во последно време. Мојот став е дека не постојат точно одредени критериуми за современа жена. Верувам дека секоја жена се доживува себеси посебно и најбитно од сѐ е секоја од нив да биде задоволна првенствено сама со себе. Значи, современа жена која најпрво се сака и цени себеси, а потоа и сите останати.

                 

Д. Караташова Илиоска