Преферирам необични и смели креации и не се плашам да експериментирам: За стилот со Емили Пишева Гоџирова
Таа е една од
најуспешните наши модни дизајнерки, препознатлива по нејзината работа и
деталите кои секогаш знае како да ги искомбинира, а со тоа да даде гламур на
модното парче - да го подигне на многу повисоко ниво и да демонстрира елегантност.
Емили Пишева Гоџирова стои зад потписот на модната куќа Emili Exclusive Design, бренд кој опстојува со години на пазарот. Како модна дизајнерка облекла многу наши познати дами, невести, матурантки... Учествувала на неколку модни манифестации, но се претставила и пред публиката надвор од нашата земја на други модни настани.
Емили е дама во вистинска смисла на зборот, секогаш дотерана на висина на задачата, без разлика дали е тоа за вечерно излегување, или некој дневен настан. Од коса до обувки, секогаш елегантна, уникатна, своја.
А, во оваа прилика за Женски магазин зборува за стилот и истакнува дека сака да експериментира, преферира смели и необични креации, гламур, но и трендови, иако потенцира дека не е слепо ограничена од нив.
*Дефиниција за стил?
-Едноставно во тек со модата, но сепак безвременски.
*А, Вие стилски се дефинирате како...
-Секогаш уникатна, елегантна и софистицирана, обожавам да го привлекувам вниманието со мојот стил во позитивна смисла на зборот.
*Што е пресудно за добар стил?
-,,Вкусˮ за соодветно комбинирање на модни парчиња и аксесоари кој постепено се гради со тек на време.
*Комбинирате елегантно со спортско или сте камелеон во облекувањето?
-Ги следам трендовите, но не сум слепо ограничена од нив, туку сакам да си поигрувам кога е модата во прашање. Преферирам необични и смели креации со волуменски форми и не се плашам да експериментирам, па така некои модни идеи успевам да ги изразам преку комбинации на машко-женска облека, или спортско-елегантна облека..
*Минимализам, хедонизам, авангарда?
-Минимализам кој делува префинето и луксузно, бидејќи едноставноста е клучот на вистинската елеганција.
*Гламур или класика?
-Aко морам да бирам дефинитивно гламурот е мој избор.
Ретко кој може да ѕирне во гардероберот на познатите или на дамите кои едноставно не може, а да не ги забележите. Жените кои имаат свој личен печат, кои се препознатливи по својата облека, деталите, држењето, изгледот... Овој пат погледнете неколку фотографии од ормарот на дизајнерката Емили, во кој може да се забележат смели бои, елегантни костими, шапки, голем број на високи потпетици, гламурозен накит, кошули, фустани.
*Омилени нешта од вашата облека?
-Како омилени парчиња што можам да ги издвојам секогаш тоа се бела кошула, машки костум, вратоврска и ракавици, исто така обожавам едноставен црн корсет фустан и необични обувки за комбинирање.
*Дали практикувате брендирана облека или не ви е пресудна етикетата?
-Не ставам акцент на етикетата, па така не патам од комплекси да мора парчето облека да биде бренд, но се случува тешко да ми се допадне нешто низ нормалните бутици, па често вниманието ми го привлекуваат дизајнерските парчиња.
* Што сакате да постигнете со вашиот стил?
-Уникатност, специфичност и ултра женственост..
* Дали ако сте автентична, тоа значи и осудување од нашава средина?
-Секако може да постојат одредни предрасуди, но според мене автентичноста се гради со личноста и тоа е нешто што не прави уникатни и единствени, а тоа не може никој да го осуди.
* На кој дизајнер би му дозволиле да ти го преуреди гардероберот?
-Дефинитивно може да го издвојам Тони Матичевски, македонец кој работи во Австралија, бидејќи ги сакам тие префинети и необични форми што ги преферира во облеката.
* Што облекувате денски, а што навечер?
-Преку ден спортската елеганција е неминовна бидејќи сакам да се чувствувам удобно. Деловните аутфити ги надополнувам и комбинирам со лежерна кошула и пантолони, додека навечер во зависност од амбиентот облекувам свечени креации на фустани кои ги истакнуваат облините или женски костуми со безвременска бела кошула кои ги комбинирам со накит во разни бои.
* Дали експериметирате со косата и шминката?
- Шминка користам минимално, додека за свечени пригоди обожавам впечатлив јак кармин, со косата не експериментирам премногу ја носам едноставно и секогаш уредно... таа е мојот заштитен знак.
* Ваши трикови за брз, но ефектен изглед.
-Ефектен изглед може да се постигни и со некои безвременски парчиња облека кои и ден денес може да бидат во тренд, како на пример интересни обувки или впечатливо елегантно сако, а од модни додатоци големи црни наочари за сонце кои ќе го надополнат целокупниот изглед. Што се однесува до изборот на бојата - најдобрата боја на цел свет е онаа која ќе изгледа добро на нас.
Н. Миланова
Фото: Приватна архива