Прелепотице, заедно сме
Не, не ми викај дека е лесно да
си жена. Не, не барај да ме спасиш, не ме обинувај, и не очекувај. Пушти ме да
бидам, пушти ме да те сакам со цело мое битие. Верувај ми, нема да те повредам.
Тука сум за тебе, и за сето она што ќе го создадеме заедно. Ќе го бранам како
лавица, по цена на сопствен живот. Затоа што можам се.
Да знам, се променија состојбите на секојдневна функциналност во секое општество. Да знам, се променија критериумите помеѓу нас луѓето, се поделивме, се етикетиравме, се осудуваме, се сопнуваме, нема доверба, препишуваме на созревање а живееме во страв. Во момент на седостапност, во момент на дозволена алчна конзумација на личното време, ние се изгубивме. Мислиме дека знаеме што сакаме а всушност талкаме, мислиме дека сме среќни, а всушност сме само моментално исполнети. Вперуваме прст во туѓа невистина, додека се давиме во сопствена фрустрација.
Тоа што го бараш, тоа што го сакаш, тоа го вадиш и добиваш од луѓето. Тие околу тебе, тие се тие кои ќе те дефинираат тебе како карактер. Тие ти даваат и тие ти земаат. Нивото на размена на енергии и искуства помеѓу двајца е далеку покомплексно од едно кафе или излегување. Кога го делиш твоето време со некого, внимавај. Не очекувај, не прави проекција, не го замислувај однесувањето на другиот, не оди до финалната цел пред да го започнеш патот. Не лажи, ниту себе си, ниту другиот, животов е кармички бумеранг, многу повеќе од што сме свесни за тоа. Вистината за бидување со некој друг е во самите нас, и не мислам само на партнер, мислам на пријател, на колега, на соработник, на познаник. Нивото на свесна конзумација на туѓото време ќе го дефинира текот на вашиот живот.
Не ми го земај залудно времето, ќе ти вратам со карма.
Најважниот фрагмент од нашиот живот е ставен на холд, чекаме револуција и ја бараме во туѓи очи. Промена. Секој ден слушам за себе приказни од милион страни, секој еден некој си дава за право да го анализира мојот карактер и да има мислење за тоа. Ви го дадов тоа право, ви го дадов животов на тацна, нели за тоа служат јавните личности, за идолизирање. За повисока цел, за себе надградба, за осуда, за себе проекција. Заборавате дека живееме со современо доба, со секоја постирана ваша слика на социјалниве медиуми и вие станувате дел од таа јавна сцена. Осудувате други а вие го правите истото во завиена и за вас оправдна форма. Се лажете себе за самоформирана чесност која е далеку од реалноста, за други имате став и мислење а себе се убивате со секој следен чекор. Во моментов, кога светот треба да е либерализиран и демократизиран до степен на потполна еднаквост, барем така се обидуваат да ни го сервираат, ние живееме во неподнослива горчина на нереализирани очекувања. Во моментов, кога цел свет треба да има еднаквост помеѓу двата пола, ние сме заглавени на машка и женска страна. Под ние не мислам локално, не сонувајте дека светов ќе ве спаси, сопствениот живот ви зависи само од вас, не е ни локација, не е ни општество.
Во моментов повеќе од било кога, жената е на тапет. Таа е мајка, сестра, работничка, старлета, бизнисменка, пријателка, непријателка, очајна, фрустрирана, нереализирана, курва, ороспија, средена, несредена, идеална, слаба, дебела, има целулит, не е дотерана, предотерана е. Не само од мажи, жена против жена, од пријателка во непријателка, во еден бесконечен круг на епитети, очекувања, туѓи идеали, туѓи очекувања, една свесна жена бива расчеречена далеку повеќе, далеку пострашно од спалувањето на вештерките во темно доба. А ние демек напредуваме.
Таа курва е нечија мајка, таа исфрустрирана кариеристка е нечија ќерка, таа сопруга е нечија сестра. Таа е Прелепотица, таа може се. Ти си крив што не се носиш со нејзината снага, не е таа виновна што може се. Неа животот ја згазил повеќе пати, таа морала да стане и да продолжи нова, променета, појака, да го остварува својот сон.
Не се фрустрирајте од туѓиот успех, подржете го. Кога колачот е голем, има за сите, лојална конкуренција развива основна структурна економија на пазар. Не се продавајте за лајк, вреднувајте се себе си повеќе од се. И кога ќе вперат прст во вас, брцнете им го во око. Нека оќорават, не заслужуваат да видат. Без молк, без компромис, алчни за се во животов, со многу љубов и бескрајно многу почит, Прелепотици мои, прво бидете свои. Понатаму се си доаѓа на место. Јас сум тука за вас, и за секој еден некој кому му треба потурнување нанапред. За да не стоиме во место. Сакај, почитувај, не осудувај, не формирај мислење без знаење и стануваш Прелепотица. Растеш.
Јас сум Ивана Кнез, Прелепотице од твоја сум. Биди си своја и единствена, на многумина ќе им пречиш, многумина ќе те осудат, а тебе само ќе ти се зацврсти круната.
Се читаме следна недела.
П.С Кејт Буш, Прелепотици, додека ја читате Историја на жените, Молкот на средниот век. Дека ги мкнеме макиве уште од ребро кога не извадиле.