Прелепотици, обединете се
Прелепотица - девојка која работи
на себе постојано. Девојка која сака биде своја, со силен идентитет и визуелен
печат. Девојка која освен што обрнува внимание на своето тело и оди по
козметички салони за нега на надворешна убавина, сепак пред сѐ се грижи за
менталната хигиена, се грижи за своето здравје, чита и се надградува. Девојка
која верува во моќта на насмевката безусловно подарена некому, која иако можеби
не ги задоволува сеопштите критериуми за домашно воспитување, се труди да биде
подобар човек, ја интересира хуманоста во современиот свет. Нема потреба да
повреди никого, ги почитува сите живи суштества, внимава како се однесува со
околината во која живее. Прелепотица не се плаши да сака, верува во љубов на
прв поглед и љубов за засекогаш, си дозволува луксуз да биде максимално
одлепена без да обрне внимание кој што зборува или мисли за неа, сака да се
забавува, не се води по догми, туку по интуиција и соништа. Не се плаши да
живее, преамбициозна е и тоа е ок, има дефиниран став што сака а што не сака во
нејзиниот живот. Го почитува туѓото време, слуша различна музика, сака различни
вкусови, сака да истражува, сака да оди подалеку од Пефкохори и да види бел
свет. Нејзиното секојдневие е исполнето, верува во себе и своите одлуки, верува
во потребата од проблеми и не се плаши да ги реши.
Прелепотица е секоја од вас што ја гледам насмеана на улица. Да знам, не ја заслужува секој вашата насмевка, комплетно е дозволено на некое недораснато створење да му превртите очи, не мора да сме перфектни порцелански кукли, и нападот е заштита.
Добивам многу пораки од вас што и како правам секојдневно за себе.
Работам. Моиве ме искараа дека сум постирала само масажи и тренинзи и дека изгледа дека не правам ништо. Епа како тогаш постигнувам да водам два свои и веќе два бренда соработници? Така што си го знам своето време. Моето кафе трае максимум половина час, не гледам серии, кога наоѓам слободно време или истражувам или читам некоја книга, а најчесто го делам со љубовите на мојот живот. Спијам доволно, да, некогаш сум преуморна, да во моментов сум сама, па и тоа е олеснителна околност, но на крајот од денот времето е мое за да го распределам како што мене ми одговара. Јас за себе сум на прво место, а заради тоа наоѓам начин тие што ги сакам да се пред мене. Не покрај, пред. Да ги гледам, да ги сочувам и да им дадам сѐ она што ми треба мене.
Постојано ме прашувате, што јадам. Сега веќе јадам сѐ, но за да ослабете ќе мора со дефицит прелепотици. Не се оптеретувајте бре, ако не ви оди не е моментот. Ќе ви дојде сѐ. Во оној момент кога ќе започнете да не се замарате со ШТО ТИ ТРЕБА туку со она ШТО ГО САКАШ, како викаше во Алхемичарот, жити таа мисла на Куељо ми е останата - цело небо ќе се спои, сите звезди ќе направат заговор за да го добиеш она што го посакуваш. Не за џабе нашите велат, пази што посакуваш да не го добиеш. Јас веќе точно набројувам, со детали, за да ме сфати судбинава за озбилно. И за да бидеш една таква исполнета Прелепотица, без да се замараш со површни материјални работи, да не се оптеретуваш со тоа како изгледаш, туку да се грижиш за себе, да си дадеш време, да си дадеш љубов и да си посакаш љубов, си требаш ти. Од корен да поверуваш дека животов не е пластичен, туку енергетски и духовен, дека ниту една брендирана штикла не може да ја замени неговата прегратка, дека колку и да мислиш дека тој те сака заради твоето тело, на крајот твојата утринска насмевка кај него во раце е пресудна.
Морам вака, многу се отуѓуваме, не флертуваме повеќе, не разговараме, не се дружиме и не се смееме. Не сакам да ве гледам веќе одземени по дискотекиве од сѐ нешто, само не од љубов. Во псоледниве шест месеци, сите нови луѓе во мојов живот се извадени од памет од нова врска, нов почеток, од сакање, а секој од нив душата ќе си ја продаде за да заспие во нечија прегратка. За жал често со премногу компромис.
Епа Прелепотици до нас е. Ај да си докажеме дека има повеќе од едно проклето бемве, или Гучи каиш мајку му. Ај наместо на Бали, нека ве однесе до Охрид, па заборавете се по тоа дивите плажи еден до друг, уште подобро, еден над друг, па нека не ве боли уво ни каде сте ни кој ве гледа. Ај да си се вратиме ние на себе со приоритети, а она што мајките не учеа дека љубовта не плаќа сметки да им го истриеме од нос! Затоа што ние сме Прелепотици, ние работиме за себе пред сѐ, а понатаму за да можеме да градиме заедно со нашиот партнер. Не зависиме од никого, имаме потреба од чисти емоции и уште почисти односи. Грижата за себе на прво место, Љубовта за сите околу на следно. Материјалното само се создава по таа формула.
Јас сум Ивана Кнез, имам уште многу да ви пишувам на темава, ве оставам малку да помислите чие име барате во вашето стори, и што имате нему да му дадете. Дали вие вредите за него, и дали тој вреди за вашето време. И ако вреди, зошто не сте покрај него, туку дремете на инста? Прелепотици, да се обединиме со позитива и љубов.
Се читаме следната недела.